Да се препознае надареноста кај детето и да се насочи правилно за да ги развие и искористи максимално своите способности е предизвик на кој наидуваат практичарите на воспитно-образовната работа во училиштата, но и родителите, и токму ова беше и примарната цел да организираме едукативен вебинар на тема „Предизвици во образованието и родителството на надареното дете“, во рамките на платформата за психолошка поддршка на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.

Потенцијалната надареност најчесто се манифестира во раниот детски развој. Кои се најчестите карактеристики што ги манифестираат надарените деца?

За да се манифестира потенцијалната надареност во изразена надареност, не се доволни само натпросечни генетски потенцијали (интелигенција), туку мора да се придружат уште две компоненти: мотивација и креативност. И откако ќе се додаде и надворешната стимулација во облик на признание за успех, разбирање на потребите и оптимална поддршка, со интерактивна заемност на овие три компоненти, доаѓа до манифестирана надареност.
Раното препознавање на карактеристиките на надарените деца е основа и почетен импулс за создавање стимулативна средина која ќе го поддржи и насочи развојот на детето. Надарените деца уште во раното детство брзо усвојуваат нови и необични поими, брзо и лесно учат, многу рано почнуваат да зборуваат, рано почнуваат да читаат и најчесто читаат книги кои се наменети за повозрасни деца, исклучително добро помнат и брзо се присетуваат на претходно наученото, ги разбираат броевите и лесно манипулираат со нив, покажуваат интелектуална љубопитност и се вклучуваат во решавање на најразлични практични проблеми, поставуваат прашања кои честопати се неочекувани од опкружувањето, имаат голема концентрација и упорност во работењето, покажуваат креативност и користат оригинални идеи за разрешување на проблемски ситуации.

Која е улогата на семејството во стимулацијата на надареноста кај детето?

Без сомнеж, еден од главните фактори за одредување на развојот на детските способности е семејството, кое пред сè претставува главен столб во градењето здрава психо-физичка личност. Во семејството се поставуваат основните темели на емоционалниот и когнитивниот развој, семејството ја детерминира ориентацијата на детето кон иднината, кон поставувањето цели, кон усвојување и градење вредности и кон создавање однос кон традицијата. Семејството учествува во изградувањето на идентитетот на детето, на неговата самопроцена и чувството за компетентност. Во периодот на развој на создавањето на способностите, родителите имаат голема одговорност да создадат поволна околина за учење која ќе има големо значење и поттикнување на мотивацијата, емоционална топлина и стекнување самодоверба, позитивни ставови кон учењето, образованието и знаењето, интерес за успехот на детето (го следат развојот и резултатите, покажуваат почитување за трудот и успехот на детето, го охрабруваат, коригираат, нудат помош), примена на јасни методи на дисциплинирање.
Во стилот на воспитување некои од родителите на надарените ученици имаат прекумерни барања од своите деца, додека други се рамнодушни или безгрижни за тоа како напредуваат нивните деца и што ќе постигнат. Надарените деца претпочитаат хуманистичко-демократски однос (почитување на личноста на детето, воздржаност според потребите на децата и интереси, структура на личноста и динамика и сл.), наспроти автократскиот стил на однесување каде што се практикува (доминирање од команда, безусловно родителско барање и непочитување на потребите и интересите на децата).
Почетоците на социјалните модели, стекнати во семејството, се пренесуваат во текот на развојот во други области на меѓучовечките односи, децата ги пренесуваат научените модели од семејството за да комуницирате со нивните врсници во другите средини.

Како се врши препознавање и идентификација на надарените?

Природата на надареноста е мултидимензионално условена и затоа се потребни научни сознанија за соодветно извршување на практичните активности во препознавање (откривање), идентификација и поддршка на надарените ученици. Од потенцијалната надареност се настојува да се прогнозира манифестна појавна надареност.


Процесот на препознавање му претходи на процесот на идентификација, бидејќи да се препознае значи само да се индицира надарениот поединец, а идентификација значи да се утврдат видот и степенот на неговата надареност со примена на соодветни постапки и психо-дијагностички инструменти.
Препознавањето на надарените ученици во училиштето е од посебен интерес бидејќи од тоа зависи дали надарените ученици ќе бидат правилно третирани во училишната средина, и уште повеќе дали на нив адекватно ќе се одговори, што е особено важно за нивниот иден севкупен развој. Затоа, препознавањето и стимулирањето на специфичните потреби на надареното дете треба да започнат што е можно порано. Идентификацијата не треба да биде ниту еднострана (идентификација која се врши со помош на само една постапка), ниту пак еднократна работа (идентификација која се врши само еднаш, на една возраст). Нејзината суштина е повеќекратно – континуирано испитување и утврдување на способностите на учениците во текот на подолг период, со применување разновидни дијагностички постапки. При идентификацијата се користи мултидисциплинарен пристап, што значи дека во идентификувањето и работата со надарените ученици треба да бидат вклучени стручњаци од релевантни области, воспитно-образовни институции, научноистражувачки институции итн.

Кои се клучните предизвици во образованието на надарените ученици за кои зборувате на вебинарот?

Самиот концепт на надареност е доста комплексен и сложен, но за целите на вебинарот се фокусиравме на трите најзначајни предизвици со кои се соочуваме во образованието на надарените деца:

  1. Потребата од рано препознавање и идентификација на надарените деца осврнувајќи се на суштинските карактеристики кои ги манифестираат надарените уште во раниот детски развој, како и методолошките пристапи и инструменти кои може да се користат во идентификацијата на надарените ученици.
  2. Асинхроничниот развој што подразбира нерамномерен развој на главните димензии на личноста на надарените, како што се: когниција, емоции, физичкиот и социјалниот развој, осврнувајќи се на надминување на социо-емоционалните тешкотии кои може да ги манифестираат надарените ученици. Позитивната слика за себе е основа за самодоверба и чувство на лична компетентност, кои се главен двигател и извор на креативниот стил. Многубројните истражувања потврдуваат дека надарените имаат позитивна слика за себе. Но, спротивно од очекувањата, етикетирањето на детето како надарено може да доведе до пад на позитивната слика за себе, до губење на самодовербата и сигурноста. Ваквата можност постои, пред сè, поради зголемените очекувања од средината и од самото дете, според кои тоа во сè треба да биде најдобро и непогрешливо. Јасно, ваквите очекувања некогаш се нереални и не можат да се остварат, што кај детето може да резултира со чувство на неуспех и губење на самодовербата. И затоа при идентификацијата, а понатаму и при едукацијата на надареното дете еднакво внимание треба да се посвети и на неговите когнитивни и академски постигнувања, но и на социо-емоционалниот развој.
  3. Формите на едукација и улогите на наставникот во работа со надарени ученици. Денес училиштата се соочуваат со најголем предизвик за развој на образовни програми способни да ги задоволат различните образовни потреби на сите ученици. Надарените и талентирани ученици се една група ученици со комплексни образовни потреби. Индивидуализираните програми за нив се еден од начините на кои училиштата можат да се приспособат за да се земат предвид идентификуваните образовни потреби на надарените. Диференцијацијата е неопходна стратегија во инклузивната настава. Диференцирана настава е начин на поучување и учење кој одговара на различни стилови на учење и приспособување за задоволување на индивидуалните потреби на учениците. Изборот на формите и програмата за работа зависат од материјално-техничката опременост на училиштата, но и од професионалните компетенции на наставниците за работа со надарени ученици. Успехот за развојот на надареноста и креативноста е заснован врз концептот на отворената настава, која подразбира максимално активирање на ученикот во самодетерминираното учење, индивидуална диференцијација, кооперативна работа, учење по пат на откривање и проективно ориентирано учење. Наставниците што практикуваат интерактивно учење и развој на креативност, проверувањето и оценувањето го насочуваат на процесот, а не само на крајниот резултат. Во тој процес применуваат наставни техники кои се интерактивни и го ставаат ученикот во активна позиција, а на наставникот му даваат повратна информација колку содржините се усвоени и разбрани.
  4. На вебинарот присуствуваа гости и слушатели од различни профили и професии: студенти, психолози, педагози, наставници, родители. Кои се заклучоците од дискусијата на вебинарот?

Завршната дискусија и споделените искуства на нашите гости и слушатели во целост ги потврдија идентификуваните предизвици на кои се фокусиравме во нашите презентации јас и мојата колешка м-р Марина Кузмановска, како водители на вебинарот. Голем предизвик за наставниците претставува идентификувањето на потенцијално надарените ученици, особено во оние училишта каде што отсуствуваат комплетирани стручни тимови, особено отсуството на психолози. Секое училиште треба да има формиран тим за идентификација и поддршка на развојот на надарените ученици. Исто така, недостигот на стандардизирани мерни инструменти и нивната примена во училиштата претставува еден од проблемите што го потенцираа наставниците и училишните психолози. Некои од наставниците и стручните соработници изразија потреба од дополнителни обуки на оваа проблематика со цел да ги доразвијат нивните професионални компетенции за работа со надарени и талентирани ученици. Бидејќи надарените ученици во многу аспекти се разликуваат од другите ученици, потребно е да се направи правилен избор на форми и програми за едукација на надарените ученици. Во целиот овој процес секако од големо значење е и улогата на родителите, кои треба да бидат соодветно подготвени да создадат поволна околина за учење и соодветен воспитен стил, но и потребата од материјални ресурси кои треба да им ги понудат и овозможат на своите надарени деца.

Линкови од поврзани статии на темата:

Зошто надарените деца може да имаат проблеми во односите со врсниците?

Наставниците можат да ги поддржат надарените ученици. Употребете корисни стратегии!



912

X