Учениците треба да прочитаат подолги текстови. Откако ќе ги прочитаат, имаат од 8 до 10 прашања што треба да ги одговорат. Тие текстови се исти во целиот свет

Во две училишта во Битола и во Прилеп завчера почна големото меѓународно тестирање ПИРЛС. Ќе се одвива во 150 училишта во државата. Со него целта е да се види способноста на учениците да го разберат она што го читаат. Во ова учествуваат ученици од над 50 земји во светот, на возраст од 9 и 10 години. Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, вели дека тестирањето ќе трае неколку дена во повеќе градови, а мониторинг на процесот, освен домашни, вршат и странски набљудувачи.

– Вкупно 66 домашни набљудувачи се ангажирани за да го набљудуваат процесот на тестирање во државата. Направивме пробно тестирање во март за да се види какви се задачите, да се види како ќе функционира процесот согласно протоколите за заштита. Имавме и обука на наставниците. Во истражувањето на ПИРЛС ќе учествуваат околу 3.300 ученици од 150 училишта од државата. На крајот, резултатите се праќаат во Бостон, каде што ќе бидат прегледани, а каде се нашите ученици во споредба со нивните врсници од другите земји ќе се знае дури в година – информира Наумовска.

Таа вели дека според коментарите на учениците што биле дел од пробното во март, тестот не бил многу тежок.

Елизабета Наумовска

– Тоа се, всушност, подолги текстови кои учениците треба да ги прочитаат. Приспособени се на нивната возраст. Откако ќе ги прочитаат текстовите, имаат од 8 до 10 прашања кои треба да ги одговорат. Тие текстови се исти во целиот свет, ја имаат сосема истата содржина. Нашите деца мора да научат како да разберат поголем текст кога го читаат, да обрнат големо внимание на содржината. Освен тестот како тест, исто така има и прашалници наменети за родители, наставници и за директори. Прашањата се различни, а се однесуваат на нивото, културата и социјалната структура на семејството од каде што потекнуваат учениците. На пример, една од целите е да се види колку имаат можност учениците дома да читаат книги – појаснува Наумовска.

Како што информира таа, државата плаќа котизација за учество во студијата ПИРЛС од 40 до 50 илјади евра. Покрај тоа, има дополнителни трошоци за печатење на материјалите, дистрибуцијата на материјалите и на тестовите, а исто така чини и преводот на содржината во прашалниците наменети за родителите и за наставниците.

Фото: Општина Битола

– Но ова не се напразно фрлени пари бидејќи ние треба да се мериме и да знаеме каде сме во однос на интернационалниот просек, врз основа на што ќе бараме начини како да се подобруваме – додава директорката.

Последен пат македонските ученици беа дел од ПИРЛС во 2006 година. Тогаш Македонија беше рангирана под интернационалниот просек, односно беше на 29. место од вкупно 35 земји што учествувале. Студијата е фокусирана на три аспекти поврзани со читањето – процесот на разбирање, целите заради кои учениците читаат, како и навиките и ставовите за читањето.



912

X