Многу е важно наставникот да знае како да реагира доколку детето плаче. Наместо веднаш да побара помош од неговите родители, тој треба самиот да се обиде да разговара со детето. Доколку разговорот не помага и тоа продолжува да плаче, наставникот треба да му дозволи на детето да нацрта нешто, вели психологот Борјана Јанакиева-Заева
Стрес, возбуда, трема и уште илјада други измешани чувства се раѓаат во срцата на најмалите на првиот училиштен ден. Самото спознание дека летото завршило, а пред нив се наоѓа најважната промена во животот, не е едноставно. Поаѓањето во училиште ги потсетува дека е време да се збогуваат со спонтаноста и да започнат со однесување според распоред и календар. Затоа секоја емоција, прашање и двоумење се разбирливи и очекувани. Но неретко се случува измешаните емоции кај детето да ескалираат со плачење, а тоа да продолжува и вториот, третиот, четвртиот ден… Како да се реагира тогаш? Училишниот педагог Билјана Павлеска и психологот Борјана Јанакиева-Заева советуваат како полесно да се надминат овие ситуации.
– Секоја година во училиште има понекое дете што плаче на самиот упис во мај и ако тоа не се среди во текот на летото, се случува и во септември кога детето тргнува на училиште. Децата најчесто плачат затоа што се наоѓаат во средина која за нив е непозната. Исто така, децата што немаат самодоверба, децата што потекнуваат од дисфункционални семејства и семејства во кои нема соодветна комуникација многу тешко се приспособуваат во училиштето – вели Павлеска, педагог во ОУ „Владо Тасевски“ – Скопје.
Лошото искуство од градинката може да биде проблем и на школо
Секое дете што имало проблеми да се приспособи во градинката големи се шансите да има проблеми и во училиштето, да покажува отпор. Доколку се случи детето повеќе денови да не може да се приспособи на училиштето, се советува родителот да биде во близина на училницата сè додека детето не ја стекне довербата и сигурноста во својот наставник.
– Детето што имало лоши искуства во градинката или во средината во која престојувало пред да тргне на училиште има најголеми тешкотии да се приспособи во училиштето и првите денови плаче. Затоа е пожелно родителот да биде во близина на училиштето додека детето да се приспособи. Исто така, секоја година пред да започне уписот на децата во прво одделение педагогот разговара со воспитувачките од градинката во која децата престојуваа и има првични сознанија за децата што доаѓаат во училиште со цел да биде подготвен и да знае како да реагира доколку некои од децата не можат да се приспособат – додава Павлеска.
Родителот да разговара со детето
Родителот треба постојано да ја гради самодовербата на своето дете. Да разговара со него и психички да го подготви за поаѓање на училиште. Треба да му ја претстави реалната слика на училиштето или градинката без преувеличување, но и да го сослуша детето што сака да каже.
– Клучно е родителот да разговара со детето, да му објасни што се очекува од него во училиште, накусо да му образложи какви навики ќе треба да стекне. Исто така, треба реално да му раскаже како функционира училиштето, кои се обврските и задолженијата. Детето треба да знае дека училиштето не е само средина во која се учи, туку и средина во која учениците се дружат, стекнуваат пријателства, си играат – објаснува педагогот.
Со цртеж до одвикнување од плачење
Децата што плачат може да се несамостојни, не биле одделувани од своите родители и затоа на првиот училиштен ден се уплашени. Овие деца се плашат од непознато. Се плашат од учениците, наставникот и од новата средина во која се наоѓаат. Детето што плаче е несигурно и наставникот мора да најде начин да му се приближи и да разговара со него. Сепак, постои метода која наставникот мора да ја знае.
– Многу е важно наставникот да знае како да реагира доколку детето плаче. Наместо веднаш да побара помош од неговите родители, тој треба самиот да се обиде да разговара со детето. Доколку разговорот не помага и детето продолжува да плаче, наставникот треба да му дозволи на детето да нацрта нешто. Децата преку цртежот најдобро комуницираат бидејќи тогаш се најопуштени и сконцентрирани. Преку цртање наставникот може најдобро да допре до детето. Ако детето и понатаму е исплашено, тогаш наставникот може да се обиде да го стави во група со други деца со цел да се приспособи – вели Борјана Јанакиева-Заева, психолог.
912