Во Германија околу 10.000 жени годишно се породуваат дома
Мириси збогатени со етерични масла, тивка музика, топол и смирувачки амбиент, простор исполнет со сигурност и доверба, удобен кревет, перница, раката на партнерот и смирувачки тон од бабицата, која дава инструкции за техники за дишење, нуди физичка помош и емотивна подршка. Секако и масажа, модули на релаксација…
Ако постои некој кодекс, вака приближно изгледа породување во домашни услови.
Раѓањето бебе во домашни услови бележи пораст во некои земји, како што е Германија. Акушерката Николина Ралевски, која работи во Германија, реши да ни ја демистифицира темата породување во домашни услови.
Раѓањето не е болест!
Секако, не може секој да се породи дома, туку здрава трудница со здраво бебе кои се следени од гинеколог и преку ваквиот чин не се изложуваат на ризик. Како дел од позитивните страни на породувањето дома се наведува контролата на ситуацијата од трудницата. Дома може да го уреди породувањето по свое, каква да биде атмосферата, кој да биде околу неа. Некои жени не сакаат лекови, ниту царски рез, па дома можат да ги избегнат лекарствата. Дома е покомфорно, на сопствениот кревет, на удобни перници… Едноставно трудниците имаат можност повеќе да се опуштат во домашни услови. Ако добро се сумираат придобивките, породувањето дома може да има повеќе олеснителни околности.
– Раѓањето не е болест! Многу жени одлучуваат да родат дома. Но постојат ризици. Лекарот и бабицата треба сè да им разјаснат на родителите пред да се одлучат за породување дома. Познато е дека без болничка соба и родила сала, без апарати што титкаат, без менување на персоналот, во пријатна домашна атмосфера, позната просторија уредена по свој вкус, со придушено светло, се намалува стресот кај родилката – ни сподели Николина.
Таа објаснува дека акушерките во Германија се поделени, дел работат приватно дел во клиники. Секако, има и такви што работат паралелно и таму и таму.
– Ги охрабрувам мајките што се одлучиле да се породат во домашни услови затоа што верувам во бабиците и акушерките кои го работат тоа. А станува збор за бабици со долгогодишно искуство, кои работат само породувања во домашни услови. Исто така, бремените што најчесто ги породуваат се неризични, имаат физиолошка бременост, немаат никаков проблем, бебето е здраво. Значи ваквиот тип на породување се препорачува само кај мајките и бебињата што се без проблеми и ризици – истакнува таа.
Домашното породување не е решение за секоја жена
Во Германија бројот на породувања во домашни услови е 1,3 проценти од вкупните, или околу 10.000 породувања во домашни услови на годишно ниво.
– Сега има клиники кои се многу внимателни и одговараат на желбите на жените. Како и да е, индивидуалната грижа честопати не е можна во клиника. Кога се породува дома, бремената жена ја има својата бабица за себе. Претходно се сретнуваат за време на бременоста и заедно го планираат раѓањето. Домашно породување не е идеално решение за секоја жена. Бременост со висок ризик секако дека е подобро да заврши со породување во клиниката. Во текот на бременост се прават медицински прегледи, лекарот и бабицата проценуваат дали идната мајка е здрава и дали породувањето најверојатно ќе се одвива нормално. Доколку бремената жена сака да роди дома, се воспоставува комуникација помеѓу лекарот и бабицата, секако, и родителите за процесот и можните ризици. Бабицата одлучува дали ќе преземе одговорност за поддржување на домашно породување. На пример, ако бебето лежи неправилно, ако плацентата е пред грлото на матката или бремената жена страда од хронично заболување, домашното породување обично е премногу ризично. Ако одлучите да имате домашно породување, мора да бидете добро подготвени и претходно треба внимателно да се проценат ризиците. Сепак, секогаш постои мал преостанат ризик за акутна итна состојба – потенцира таа.
Породување на свој кревет, со своја музика и свои луѓе
Ако постои сомнеж за компликации во текот на раѓањето, бабицата одлучува дали да се пренесе трудницата на клиника.
– Според Здружението за квалитет на породувањето во домашни услови (QUAG), ова им се случува на речиси 17 проценти од жените што сакале да се породат дома, на пример, поради стагнација на отварањето на матката или поради брадикардија на срцето кај бебето. Во вакви случаи бабицата ја префрла трудницата во болница. Сепак, доколку станува збор за непроблематична бременост, ризикот од сериозни компликации при домашно раѓање е многу мал – од 0,2 до 0,4 проценти. Друга важна точка: Со првото раѓање ризикот од компликации е околу двојно поголем отколку колку при породување со второ дете. И мора да се знае – дали се породувате дома или во клиника, гаранција нема, ризик секогаш постои – вели Николина.
Николина Ралевски
Кога станува збор за услови таа вели дека е важно е да се направи доволно место. Во собата каде што ќе се породува мајката треба да владее убава атмосфера.
– Бабицата носи и базен кој се користи за породување во вода или за да се опушти трудницата и полесно да ги поднесува болките. Така што, атмосферата си ја креира самата трудница, што неа ја опушта, по нејзин вкус, дали сака темнина, или светлина, мириси, свеќи. Музика по нејзин избор, која ја опушта, која си ја слуша, која целосно ја релаксира – ни раскажува Николина.
Трудницата, исто така, одлучува дала сака некој да ја поддржува и да биде таму до неа, дали партнерот, сопругот, некој член од семејството.
– Некои трудници сакаат поддршка во поголем број, некои само бабицата и сопругот. Сè што е поврзано со атмосферата, како и самиот чин на породување го одлучува самата таа, односно родителите – ни споделува Николина.
Бабица може да се најде на интернет
Улогата на една бабица, без разлика дали е дома или на клиника, е многу голема затоа што бабицата е таа што ѝ дава поткрепа, поддршка, и ментална и физичка, на трудницата, како и на партнерот.
– Бабицата дава енергија која е полна со сигурност, односно нејзината задача е да ја ослободи трудницата, да се препушти знаејќи дека е во сигурни раце. Ѝ покажува разни техники на дишење, разни методи од хипноза, акупунктура, тејпинг, хомеопатијата. Бабицата е најважниот дел за самото породување – дополнува акушерката Николина.
Да изнајмите бабица за породување во домашни услови може и преку интернет во Германија, исто така, многу бабици имаат свои ординации каде што трудниците можат да се обратат.
– Бременоста на трудницата паралелно ја следат и гинекологот на трудницата и бабицата. Првин се запознавате со вашата бабица, се договарате како да тече процесот, одлучувате како ќе се одвива. Заедно правите организација. Во тие девет месеци се запознавате и стекнувате доверба и блискост – објаснува таа.
Поддржано и од државата
Во Германија породувањето во домашни услови се плаќа приватно, но има опција и со здравствено осигурување кое го покрива државата, затоа трудниците треба да се информираат што сè е потребно, кои документи. Затоа што голема е поддршката и од државата.
– Породувањето во домашни услови во Германија е добро прифатено и не е табу-тема. Тоа е чин кој сите го поддржуваат и нема проблеми околу тоа. Се внимава околината навремено да се информира – комшии, роднини – блиски дека во соседството има породување и на самата врата се поставува знак кој го означува чинот – нè информира Николина, која осум години работи во Германија во родилна сала.
Вели дека за оваа професија треба да се има многу љубов, големо срце и многу трпение.
– За мене, оваа професија, односно да се присуствува на збирот од емоции при породување и да се поддржува мајката во тој процес е благослов и секојпат ме фасцинираат женскиот организам и природата која го прави тоа за нас. Горда сум што работам како бабица – вели таа.
912