Многу родители ги вознемири веста дека две бебиња стари 13 и 15 дена во Србија биле префрлени од КБЦ „Д-р Драгиша Мишовиќ“ на Институтот за мајки и деца бидејќи биле позитивни на коронавирус. Според зборовите на лекарите, и двете бебиња се добро, со тоа што едно примило и мала доза кислород. Педијатарот Славко Душанов за порталот „Nova.rs“ зборува дали може врз основа на некои показатели да се препознае Ковид-19 кај бебиња и по што да се водат младите и идните родители.

И двата случаи кај бебињата заразени со коронавирус се откриени така што е утврдено дека мајките биле позитивни на вирусот, па на бебињата им е направен брз тест кој покажал дека и тие се позитивни, навел педијатарот-кардиолог Владислав Вукомановиќ.

Главно нема симптоми

Оттаму прашањето дали може воопшто да се препознае инфекција со коронавирус кај бебиња. „Не постои начин да се препознае ковид кај бебиња. Нема никакви симптоми кај бебињата кои се штотуку родени, или имаат максимум еден месец. Бебињата дури и да добијат сепса, нема да имаат карактеристични симптоми, како температура, како кај возрасните“, вели педијатарот Душанов.

– Единствено е можно да се испита дали мајката или некој од членовите на семејството имал Ковид-19, дали имал нешто што личело на Ковид-19 (бидејќи симптомите се разликуваат од човек до човек), дали биле во ризичен контакт. Така што, во тој случај, за да се дознае дали бебето има Ковид-19, единствено може да се тестира мајката, односно родилката, како што, на пример, се работи со трудниците кога влегува во породилиште“.


Лекарот напоменува и дека треба сè да се процени во однос на тоа дали мајката можеби е во инкубација, дали е во првите два дена од инфекцијата, кога најчесто сè уште и нема симптоми. „Во тој случај тестот може да биде лажно негативен. Треба да се фати правиот момент за тестирање. Исто така, како што не постои ниту еден сигурен показател дека бебето е заразено, главно нема ниту тешки слики на болеста кај бебињата и децата“, истакнува лекарот.

Тој се осврнува и на тоа што едно од двете бебиња било на кислород, па вели дека тоа не мора да биде страшно како што звучи со оглед на тоа дека бебињата по раѓањето често знаат да бидат на кислород, на пример, поради вода во белите дробови.

Внимание 14 дена пред породување

Ако тестот покаже дека бебето е сепак позитивно, состојбата секако треба да се следи, напоменува нашиот соговорник. „Сепак, клиничката слика е таква што во најголем број случаи нема да се загрози животот на бебето. Ако состојбата случајно се влоши, се лекува како и другите инфекции на таа возраст“. Лекарот, од друга страна, истакнува дека е многу поважна превенцијата и дека треба да се водиме по она – подобро да се спречи отколку да се лечи.

„Ако знаеме дека коронавирусот е респираторен вирус и се пренесува преку капки од устата и носот, многу е важно идната мајка и оние околу неа да држат дистанца, да носат маски и да ги мијат рацете. Тоа е толку едноставно, а изгледа како да е најголем проблем на светот. Притоа, доволно е мајката, како што и вообичаено треба, во рамките на тие 14 дена пред породувањето да води сметка и да се чува од зараза. Така ќе ги избегне сите евентуални проблеми и компликации. Нема да мора да се грижи за тоа дали е и самата заразена и дали по раѓањето и бебето ќе се зарази или сè ќе помине добро“, заклучува соговорникот.

Автор: Невена Димитријевиќ

Извор



912

X