Илејн де Принц мислела дека нејзиното семејство е оформено и дека веќе завршила со посвојувањето. Таа и сопругот Чарлс имале 5 момчиња: 2 биолошки сина и 3 сина со посебни потреби посвоени од прекуокеански земји. И покрај хемофилијата на посвоените момчиња, семејството било активно, па често оделе на кампување низ САД и Канада. Илејн носела сè со себе – лекови за хемофилија, каде и да се движеле. Се случувало да спијат со шатори, а таа во самиот шатор да ги третира синовите со потребните лекови. Момчињата живееле многу нормален живот. Сè додека трите најмлади момчиња не се заразиле со ХИВ. Илејн се подготвувала за најлошото. Трагедијата ја погодила кога починало нејзиното бебе Каби, на 9 јуни 1993 година.
По 9 месеци, Мајкл, нејзиниот 15-годишен син, исто така починал. Знаеле и дека Теди нема да живее уште многу бидејќи лековите во 90-тите години не биле доволни за справување со ХИВ-вирусот. Таа морала да се соочи со фактот дека наскоро ќе го изгуби и третото дете.
Низа трагедии може да ги скршат дури и најсилните меѓу нас. Па што сторила Илејн: Таа тагувала – а потоа посвоила уште 6 сирачиња кои имале потреба од грижа. Нејзината способност за љубов е неверојатна. На самитот „Жените во светот“ во 2013 година Илејн била придружувана од својата 18-годишна ќерка Микаела де Принц и добиле признание, бидејќи Михаела била спасена од страна на Илејн од разурнато сиропиталиште во војна во Сиера Леоне, а сега е најмладиот член на уважениот Танцувачки театар од Харлем. Микаела зборувала на самитот, а потоа се приклучила и Илејн, па била меѓу говорници како Опра Винфри и Хилари Клинтон. Таа ја раскажала приказната за патувањето до сиропиталиштето во Сиера Леона за да посвои едно мало девојче, па заминала со второ – девојче родено со витилиго, состојба поврзана со пигментацијата на кожата, што значи дека девојчето имало „дамки“ по кожата, па затоа и никој не сакал да го посвои. Тоа девојче било Микаела. Илејн ја кажала приказната и споделила дека го повикала сопругот, кој бил на работно патување, за да му каже дека посвоила второ девојче. Тој ѝ се јавил следниот ден, потсетувајќи се на сон во кој Илејн му рекла дека доаѓа дома со дополнителна ќерка. „Не беше сон“, му рекла таа. „Беше реално. Ги потпишав документите. Таа е со нас“.
Но, кога Илејн се вратила во САД со две мали девојчиња наместо со едно, тоа не било изненадување за сите што ја познавале. На 10-годишна возраст Илејн веќе одлучила дека ќе има големо семејство, од многу посвоени деца на кои очајно им е потребно семејство. Па така, таа се фокусирала на книгата од Хелен Дос „Семејството кое никој не го сакаше“. Во книгата се раскажувала приказна за семејство од средниот век кое посвоило 12 деца, секое од различен крај на светот. Она што ја погодило Илејн бил фактот дека избраните деца биле сметани за помалку посакувани кандидати за посвојување – тоа значи дека не биле од бела раса и имале посебни потреби. Илејн била посветена таа приказна од книгата да ја претвори во своја реалност. Но, прво морала да го најде вистинското момче со кое ќе го сподели сонот. Па кога нејзиниот сопруг ја запросил, таа почнала да создава иднина која вклучувала 2 биолошки деца и голема желба за посвојување. Чарлс де Принц бил подготвен за тоа.
„Не знам дали тоа беше зашто беше вљубен или навистина го сакаше тоа, но поминуваше со мене низ сè“.
Како една мајка ги отвора своето срце и домот за 9 сирачиња, а исто така и им влева самодоверба и мотив?
Како една мајка зема кај себе мало дете и го одгледува да биде, многу веројатно, првата црна класична балерина во светот?
Илејн вели: „Чарлс и јас ја споделуваме филозофијата дека секое дете има талент и дека родителите треба внимателно да согледуваат кои таленти ги имаат децата. Па едноставно ги држиме очите и ушите отворени и одговараме на знаците што ги испраќаат децата. Кога Микаела имаше 4 години, таа сакаше да игра балет. Па ја однесовме на часови по балет. Наша одговорност беше да платиме за неа и да ја носиме, а нејзината одговорност да се однесува соодветно на часовите, да го одржува својот интерес, а ако не е заинтересирана, да ни каже за да можеме да ѝ помогнеме да најде друга љубов. Но, таа беше многу заинтересирана за балетот, па целиот процес беше лесен“.
Илејн верува дека треба да се биде силна мајка ако желбата е да се има силни ќерки. Таа ги одгледувала своите ќерки да бидат силни, да се залагаат за себе и да направат промена во светот. Не само во светот на балетот – таа сака тие да се соочуваат со неправдата во светот, инаку нема да се чувствуваат исполнето.
Денес, семејството живее во стан во Њујорк. Како може да си дозволат? Со работа. Илејн е автор и работи на неколку книги во моментов. Нејзината прва книга ѝ отворила нови можности, а Илејн и Микаела во моментов работат на мемоарите на Микаела. Пензиските заштеди не се големи, но Илејн верува дека ако можете да заработите пари кога сте во градот, може да има и баланс со трошоците. Илејн вели дека најдлабоката желба за нејзините деца е да бидат среќни.
За оваа жена, која ги гледа светлината, животот и можностите кај сите прекрасни, црни, бели, глуви, латино, талентирани, со нарушувања, но, пред сè, инспиративни деца – Илејн, твоето мајчинство треба да биде славено и почитувано.
Автор: Дори Хартли
912