Ако една од темите во прво одделение е „Кој сум јас?“ во Општество, каде што ученикот „учи“ што може, а што не може да прави, учи за своите особини и умеења, знаењата ќе ги поврзува со изучување на надворешните делови на своето тело и грижата за сопственото здравје во Природни науки, а на Физичко и здравствено образование ќе истражува и вежба како може да се движи и да прави едноставни вежби со своето тело…

Од претстојниот септември учениците во прво и во четврто одделение ќе учат од нови наставни програми и учебници, а ќе им предаваат обучени наставници, како што налага новата концепција за образование. Првачињата ќе ги добијат учебниците во печатена форма, а четвртоодделенците ќе учат од дигитални учебници, иако ќе има можност и да се печатат во рамките на училиштата.

Една од главните новини во наставата, особено во првиот период на основното училиште, ќе биде поголемата застапеност на меѓупредметната интеграција, за разлика од погорните одделенија каде што ќе се интегрираат повеќе дисциплини во еден наставен предмет.

– Уште при изготвувањето на наставните програми за наставните предмети што ќе ги изучуваат учениците, за да се постигнат резултатите од учење поставени во нив, ќе се внимава на интеграцијата, таа да биде „видлива“ и во распоредот на темите и во можните содржини и активности за нивна реализација (а не само во планирањето на наставникот). Така, доколку една од темите во прво одделение е „Кој сум јас?“ во Општество, каде што ученикот „учи“ што може, а што не може да прави, учи за своите особини и умеења, знаењата ќе ги поврзува со изучување на надворешните делови на своето тело и грижата за сопственото здравје во Природни науки, а на Физичко и здравствено образование ќе истражува и вежба како може да се движи и да прави едноставни вежби. Или пак, кога ќе „учи“ да се претставува, поздравува и обраќа на својот мајчин јазик, истото ќе го учи и на часовите по англиски јазик – појаснува Митко Чешларов, раководител на Секторот за наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието кој работеше и на новата концепција.

Митко Чешларов

Тој нагласува дека преку новите наставни програми, уште од прво одделение, Бирото ќе стави акцент на развивање на јазичните компоненти, на слушање, зборување, читање со разбирање и пишување, како и на оспособување на учениците да решаваат проблемски задачи, по примерот на оние задачи што ги има во меѓународните тестирања од типот на ПИРЛС и ТИМС.

– Ваквиот тип задачи подразбираат поврзување на знаењата од различни предмети во обид да се „соберат“, односно синтетизираат различни перспективи за предметот/појавата на изучување. На тој начин се овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи – додава Чешларов.

Инаку, на конкурсот за ангажирање надворешни соработници што ќе учествуваат во изработката на осум наставни програми за предмети во основното образование беше предвиден ангажман на 32 надворешни соработници, а се пријавија повеќе од 100 наставници и професори, што е најголем број досега на пријавени соработници, велат од Бирото за развој на образованието – БРО.


Откако беше презентирана новата концепција за основно образование, за која јавно се расправаше и во Собранието, на 5 март министерката Мила Царовска ги повика наставниците и стручните лица што ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот, со цел заедно со советниците од Бирото да ги подготват новите наставни програми за учениците од прво до петто одделение, согласно наставниот план во усвоената Концепција за основно образование.



912

X