На мајките им е тешко. Чувствуваат срам поради царскиот рез, давањето адаптирано млеко на бебето, изборот на ужина и да, гледањето ТВ. Додека тоа чувство на срам е погрешно и треба да престане, добро е да се има реална студија на која може да се потпрете. Имено, за да се чувствувате помалку виновни што вашите деца гледаат ТВ, можете да ги вклучите преводите. Новата организација токму со такво име – „Вклучете ги преводите“ е тука за да им помогне на децата да учат и да го намалат чувството на срам кај родителите поради времето поминато пред екраните. Со преводите кај детето може двојно да се зголемат шансите за подобрување на вештината за читање, тврдат од иницијативата.

„Превод на истиот јазик“ е концепт за превод на аудио-визуелен материјал на истиот јазик на кој се одвива и самиот материјал. Додека се емитува видеото, гледачите ги поврзуваат дијалозите со зборовите како превод, па она што се слуша и што се чита е во совршена синхронизација. Со тоа, на децата им се гради навика за читање. Интернационален извештај покажува дека во академска студија во која биле вклучени 2.350 деца, 34 отсто од нив подобро читале. Но, кога биле изложени на 30 минути неделно гледање филмски песни со превод, тој процент се зголемил на 60 отсто.

Од организацијата велат дека најдобриот мотив за воведување преводи на телевизија се случил во Индија, но позитивното влијание од користењето на преводите како начин за поттикнување на писменоста, исто така, е потврдено и во неколку земји во кои се зборува англиски јазик, но и во некои каде што не се зборува. Ваквата идеја наишла на интерес во јавноста.

На веб-страницата на „Вклучете ги преводите“ го цитираат Џон Габриели, истражувач кој работи во областа на когнитивната невронаука. Габриели објаснува како емоцијата и разумот „го поттикнуваат учењето“. Со следење на преводот кај децата се одвива константно поврзување, односно асоцијации во мозокот за корелацијата на јазикот и звучното изговарање на зборовите.

фото извор: turnonthesubtitles.org

– Како некој што работи во организација за едукација на глуви лица, многу ми се допаѓа иницијативата на Стивен Фрај за придобивките и важноста од користењето на преводите – коментирал корисник на Твитер.

Ако сте загрижени што вашето дете не сака да гледа нови емисии со преводи, тоа е во ред. Концептот функционира уште подобро со работи кои вашето дете ги гледало повеќе пати. Истражувањата покажуваат дека во случај на често гледање медиумски содржини, преводите додаваат дополнителна предност на предвидлив текст. Вашето дете знае што следува, а текстот на екранот го поткрепува тоа знаење. Организацијата побарала од родителите и наставниците да ја рашират идејата за ширење на оваа порака со другите. Се надеваат дека со вклучување на преводите, времето поминато пред телевизија може да премине во време за читање.

Автор: Ерика Џералд Мејсон

Извор



912

X