Кога моето дете ќе спие цела ноќ? Ова е прашање кое сигурно многу родители си го поставуваат во текот на првата година од животот на своето бебе. Дали некогаш ќе можам повеќе да спијам? Сигурно и оваа мисла ви поминува низ глава по долги непроспиени ноќи. Кога имате бебе кое често се буди, може да биде тешко да се добие доволно сон. Тоа може да ве натера да се запрашате дали постои нешто лошо во врска со развојот на детето. Особено ако сите книги, брошури и блогови велат дека вашето бебе би требало да спие цела ноќ 6 месеци, а бебето не спие, па можеби вие сте почнале малку да се загрижувате.

Но, не плашете се. Истражување од Универзитетот „Мекгил“ посочува дека сонот на доенчињата многу варира, не само од дете до дете, туку од ноќ до ноќ. Водечкиот истражувач вели дека родителите треба да гледаат на спиењето како на процес, а не како на цел што треба да се постигне на одредена возраст.

Професорката Мари-Хелен Пенестри спровела студија која подоцна е објавена во „Слип медисин“. Истражувачите барале од мајките две недели да водат дневник за спиењето на своите 6-месечни деца. Мајките во просек известувале дека нивното бебе спие 6 континуирани часа од 5 до 14 ноќи и 8 континуирани часа околу 3 ноќи. Половина од бебињата никогаш не спиеле 8 часа континуирано. Ако вашето бебе во моментов е во тимот на „неспијачи“, тогаш дефинитивно не сте сами.

– Родителите често се изложени на многу спротивставени информации за спиењето на доенчињата. Не би требало да се грижите ако бебето не спие цела ноќ во одреден период, бидејќи обрасците на спиење во доенечкиот период многу се разликуваат – објаснува Пенестри.

Истражувачите исто така откриле дека доењето и заедничкото спиење се поврзани со поголема варијабилност на начинот на спиење. Ако доите навечер или спиете заедно со бебето, тоа не значи дека сте одговорни за нивните чести будења.

– Еден важен дел од сложувалката е разбирањето на родителската перцепција и очекувањата на детскиот сон. Во идните истражувања се надеваме дека ќе истражиме што навистина значи „спиењето преку ноќ“ , вели Пенестри.

Заклучок: иако повеќето бебиња во развојот се способни да спијат подолго време до 6 месеци, тоа не се случува секогаш. И само затоа што детето тоа го прави еднаш или двапати, не значи дека родителите би требало да очекуваат дека ќе ја преспие ноќта без прекини. Да се научи детето како да ја преспие ноќта е процес. Обидете се да не размислувате за тоа како за пресвртница. Секое бебе е различно и вашето ќе стигне до таа точка. Само ќе биде потребно малку време.

Автор: Анамарија Пердијиќ

Извор



912

X