Факт е дека ситуацијата во градинките цело време е добра. Таму немавме ширење на вирусот. Мислам дека во принцип си ги почитуваа мерките. Тоа значи дека и да се зголеми бројот, не би требало да има проблем, смета епидемиологот д-р Александар Стојанов
Ако од 1 февруари цела јавна администрација се враќа на работа се отвора прашањето и за зголемување на бројот на деца што посетуваат градинка. Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека веќе испратиле допис до Комисијата за заразни болести за да ја разгледаат можноста за зголемување на бројот на деца во градинките, во согласност со Законот за заштита на децата.
Согласно протоколот, во јасли се згрижуваа максимум 12 деца, а во групите до шест години максимум смеат да бидат згрижени 15 деца. Епидемиолозите велат дека нема ризик ако се зголеми бројот.
– Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, по престанување на траењето на вонредната состојба, предвидува приоритет за згрижување во детските градинки да имаат децата на самохраните родители и децата на кои двајцата родители им работат. Министерството за труд и социјална политика (МТСП), како и досега, доследно ќе ги почитува одлуките на Комисијата за заразни болести како стручно и советодавно тело за справување со Ковид-19 – велат од МТСП.
И родителите бараат да ги носат децата во градинка
Елена Устамитова, директорката на градинката „Буба мара“ во Аеродром, вели дека директорите исто така бараат да биде зголемена бројката.
– На дневна основа ние не сме пополнети. Затоа го испративме тој допис до Министерството за здравство и до Министерството за труд и социјална политика, да се обратат до Комисијата. На дневно ниво присуството е мало, па сакаме да имаме барем 15 деца во група – вели директорката.
Таа додава дека во една група дневно има по 9-10 дечиња.
– Имаме неколку воспитни групи, од вкупно 50, каде што имало по 14 – 15 деца во една група, но ако се земе просек, бројката е 9-10 деца. Тие дечиња што дошле само неколку пати не можеме да ги избришеме од списокот. Имаме и притисоци за уписи, да примиме нови. Родителите чии деца во меѓувреме не посетуваа градинка, си плаќаа, па сега очекуваат да се ослободат градинките за прием на поголем број деца. Ние секојдневно сме во комуникација со нив и тие се трпеливи, но има барања за прием – вели Устамитова.
Таа додава дека согласно досегашното искуство, и да имало во некоја од групите дете со вирус, во истата група не се случило друго дете да биде заразено, што значи дека нема трансмисија меѓу децата.
И нејзината колешка од градинката „Росица“ во Ѓорче Петров, Маја Ристовска, вели дека ако има одлука за зголемување на бројот на децата, тоа ќе биде во постојните групи и за такво нешто веќе има услови.
Д-р Стојанов: Слободно да се зголемат групите
Д-р Александар Стојанов, епидемиолог и доскорашен член на Комисијата за заразни болести и поранешен директор на Центарот за јавно здравје, смета дека со оглед на фактот дека кај децата во јасли и во групите до шестгодишна возраст заразата е под 1 отсто и тоа без симптоми, градинките слободно можат да ги отворат своите врати за поголем број дечиња во групите.
– Факт е дека ситуацијата во градинките цело време е добра. Таму немавме ширење на вирусот. Мислам дека во принцип си ги почитуваа мерките. Тоа значи дека и да се зголеми бројот, не би требало да има проблем. Јас лично не би го зголемувал работното време на угостителите, но градинките да. Ќе се проветрува редовно, ќе се почитуваат протоколите и нема да има ништо страшно и загрижувачко. Во нордиските земји децата на минус 10 ги носат надвор да си играат, па ништо не им е. Од целава ситуација излезе дека децата се многу отпорни и здрави – вели д-р Стојанов.
Чистење, дезинфекција, проветрување….
Директорите со кои поразговаравме се на став дека ако има одлука да се зголеми бројот на деца, таа ќе се однесува само на тоа, а не и на промени во протоколите. Според нив, протоколите и правилата во установите ќе си останат исти како и досега.
На 30 мај Владата усвои правила за работа на градинките.
Правилата налагаат редовно да се чистат и дезинфицираат сите простории во објектите, како и целата опрема и инвентарот (во занималните, кујната, магацините, пералниците, собата за изолација, административните простори и другите простории во објектите). Редовно се проветрува, вработените носат маски и ракавици, се мери температура.
912