Времето за земање дете од градинка варира од група до група, од градинка до градинка. Едни ги земаат до 15:30, други до 16. Има и такви градинки што ги чуваат до 17 или 18. Родители велат дека вработените сами го одредуваат времето, додека директорите на градинките тврдат дека сите термини се дефинирани со договор на родителите

Почнавме во градина, но поради ситуацијата со пандемијата, посочено ми е дека детето треба да го земам најдоцна до 15:30, иако градинката си работи до 18 часот. Јас сум на работа до 17, сопругот дури и подоцна, па нема кој да го земе малиот од градинка во посоченото време. Им пријавив на воспитувачките и ми потенцираа дека не смее да останува подоцна од 15:30. Друга опција освен градинка немам. Не знам каде да се обратам – вели мајка чие дете посетува градинка. Ова е само едно искуство на родители.
Времето за земање дете од градинка варира од група до група, од градинка до градинка. Едни ги земаат до 15:30, други до 16. Има и такви што ги чуваат до 17, но по потреба некои градинки работат до 18 часот, како што им е регуларното време.

На некои им одговара терминот, на други не

– Моето дете седи во градинка до 18 часот. Бидејќи воспитувачките се до 17 часот, го оставаат со хигиеничарката. Ама важно е згрижено. За сите треба да важи ова – вели друга мајка.

На некои родители им одговара тајмингот, но други трчаат да си ги земат децата порано. Излегуваат и се ослободуваат од работа доколку е возможно тоа. Некои праќаат баби, дедовци да ги земат децата додека тие да стигнат од работа. Кој како умее, кој како ќе се снајде.

– Уште кога почнав да ја носам малата во градинка, најважно на воспитувачките им беше кога ќе ja земам. Кога реков 16 часот, почнаа да ми приговараат дека е доцна, ако можам порано да дојдам, дека жално е сама да седи и низа изговори. Па сега ако заглавам нешто на работа, трчам да стигнам, брзам колку што можам во сообраќај, имам грижа на совест, и пак имам негодување од воспитувачките – пишува друг родител.

Многу од родителите сметаат дека ова е „масло“ на воспитувачки или негувателки. Дека тие „смислуваат“ свои правила. Дека тие им посочуваат време на родителите со цел побрзо да си заминат од работа и да не седат само за едно или две деца.
Но, директорките на градинките го тврдат сосема спротивното, дека сите термини се дефинирани со договор на родителите и врз основа на нивни одговори дадени во прашалниците при запишување на детето.
Истовремено, има градинки во кои ако воспитувачка е во изолација, негувателката останува цел ден со децата.

Секоја група има свој термин

Александра Јелиќ, директорка на детската градинка „Срничка“ во Аеродром, вели дека правилата се јасни и дека сè е приспособено на новонастанатата ситуација со коронавирусот.

– Градинките, како и вообичаено, работат од 6 до 18 часот. Воспитувачките си имаат работно време од 7 до 15 часот. Останатиот дел го покрива негувателката, таа останува да ги чува децата до договореното време со родителите. Според протоколот за работа на градинките, мора да се одреди и време за земање на децата. На почетокот кога ги запишувавме децата имаше прашање до родителите кога најдоцна би го земале детето. И врз основа на нивните одговори е формулирано време за земање на децата. Односно, терминот на оној родител што најдоцна ќе го зема детето е ставен за краен термин. Мора секоја група да има свое време за да не настанува метеж, тоа е веќе познато – вели Јелиќ.

Родителите го одредуваат терминот за земање

Порано, во нормални услови, поинаку функционираа групите, децата можеа да остануваат до колку што беше потребно, без ограничувања, но се собираа во една група, со една негувателка.

– Порано можеа да останат до 17, 18 часот, кој кога ќе стигне да си го земе детето. Ама сите деца се собираа во една група и обично стануваше збор за мал број деца, а остануваа со една или две негувателки. Но сега не може да се мешаат децата со други групи или други негуватели. Затоа е потребно да се земе детето во посоченото време, кое сепак го дефинираат родителите, направено според тоа како тие се изјасниле – потенцира Јелиќ.

И директорката на градинката „Буба мара“ во Лисиче, Елена Устамитова, вели дека времето за земање е утврдено од родителите, но, сепак, кога ќе се вклучи нов член или ќе има барање од родителот да се помести времето, реагираат и прават приспособување.

– Кога станува збор за градинка со еден влез, од каде што влегуваат повеќе групи, мора да има точно утврдено време за да не се мешаат и родителите и децата. Тоа решение е дадено во протоколот уште на самиот почеток и мора да се придржуваме до него. Но кога имаме градинка со повеќе влезови, пофлексибилно е, но пак мора да има време на земање на децата. Досега им излегуваме во пресрет на родителите, свесни сме дека не сите завршуваат во исто време, се приспособуваме и заедно бараме решение, доколку е потребно. На пример, ако некое дете треба да се земе подоцна, негувателката доаѓа од 10 и останува до 18, го поместуваме времето. Но генерално немаме реакции затоа што термините сепак се утврдени врз основа на родителите и нивните барања – објаснува директорката Устамитова.

Фото: КолектиФ Прес



912

X