Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето мало синче од едно прекрасно мирно суштество се претвори во палаво, разгалено дете откако се роди неговото братче, и што е уште потрагично – почна да пелтечи. Многу е тажно да го слушаш такво, а не можеш да му помогнеш. Има периоди кога му се повлекува, но знае да се повторува, на пример, сега кога ми заврши породилното и почнав на работа, повторно почна да пелтечи бидејќи доживеа промена. Загрижена сум и разочарана, можеби не направив доволно, па тој се почувствувал запоставен и тажен.
ОДГОВОР: Почитувана мајка, сосема ја разбирам вашата грижа и вашето чувство на немоќ да му се помогне на дете кое се соочува со некаква тешкотија. Вашето излагање е многу кратко и фалат круцијални информации за да можам да ви дадам што подетални насоки, како на пример за колкава возраст на дете се работи, кога првпат се појави пелтечењето и во каква форма, кога и во кој дел од денот е поинтензивно, а кога не итн. Пелтечењето претставува нарушување на ритамот и темпото на говорот кое се манифестира со повторување, продолжување или прекинување на некој глас, и покрај тоа што детето точно знае што и како сака да каже. Ова говорно нарушување е претставено со нарушена флуентност на говорот, прекината со грчеви, затреперување или абнормалност во фонацијата и дишењето, која може да биде провоцирана или засилена на психолошка основа.
Кога станува збор за пелтечење кое е од психолошка природа, станува збор за невротска состојба и висок емоционален набој кој е акумулиран во психо-физичката структура на личноста на детето настанат поради стресогени или трауматски искуства со кои детето се соочило со разноразни емоции кои не успева да ги исканализира и обработи или, пак, од неусогласениот и противречен став на родителите при обраќањето и воспитувањето на детето. Не плашете се да видите што има зад оваа состојба. Колку побргу ќе ја уочите причината, толку побргу ќе дојдете до решението на проблемот. Многу е важно кога комуницирате со детето да одржувате контакт со очите, насочувајќи се секогаш кон тоа што сака да ви го каже, а не кон тоа на кој начин ви го кажува. Особено е значајно да зрачите со родителска сигурност, истрајност и верба. Вашите емоции на страв и тага не треба да станат негово огледало. Ве советувам, кога детето сака да се искаже, не зборувајте вие или некој друг наместо него и не довршувајте му ги речениците. Не карајте го, не казнувајте го и не опоменувајте го. Однесувајте се со него како воопшто да не пелтечи.
Пофалувајте го секој негов напредок и успех. Секогаш кога ќе почувствувате дека ќе се појави пелтечењето, охрабрете го детето најпрво да земе длабок воздух, па да го каже зборот. Вежбајте секојдневно техники на дишење и слушајте водена медитација. Создајте ритуал на читање приказни, на пример, пред спиење. Преку ден пуштајте музика и заедно играјте со вашите деца, поттикнувајте ги да прават секакви движења, смејте се на вашата игра. Секое слободно време поминувајте го во природа. Доколку зборувањето не се регулира, контактирајте стручно лице логопед, психолог или психотерапевт кој директно ќе ве поддржи и насочи во овој процес.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912