Енергетски одржливи училишта би биле доколку одиме кон т.н. „пасивност“ на објектот или „карбон-неутрал“, што значи дека е енергетски ефикасен и независен, создава електрична енергија (од сонце) за да си ги покрие потребите за ладење и греење, ни изјави Антонио Јовановски, претседател на „Гоу грин“ или „Биди зелен“

И образовните институции се загадувачи. Според направената анализа на здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Биди зелен“, едно училиште емитира околу 400 тони јаглероден диоксид годишно. Бројка што воопшто не е за потценување со оглед на тоа што има голем број училишта. Антонио Јовановски, претседател на „Гоу грин“ или „Биди зелен“, ни сподели дека училиштата и општините имаат слух за подобрување на состојбата. Дел од општините веќе ги имаат вклучено училиштата во нивните програми за енергетска ефикасност и буџетираат сопствени или бараат надворешни средства за финансирање.

Училиштата имаат значителен придонес во загадувањето на средината

Училиштата се големи објекти кои имаат значителен придонес во емитирањето на јаглероден диоксид во зависност од нивната квадратура, нивото на енергетска ефикасност, греењето и изворот на електричната енергија. Голем дел од нашите јавни објекти и училишта сѐ уште се греат на мазут или нафта, користат струја од централизираниот систем за електрична енергија (кој најмногу ни доаѓа од јаглен) и имаат ниско ниво на енергетска ефикасност, односно стари прозорци, врати, покриви и подови. Направивме анализа на јаглеродниот отпечаток на 10 средни училишта во неколку градови (линк) и се заклучи дека едно училиште емитира околу 400 тони јаглероден диоксид годишно. Сето ова може да се подобри со реализација на мерки за енергетска ефикасност, инсталација на сончеви фотоволтаици или солар-термал колектори (кои даваат и топлина). Енергетски одржливи училишта би биле доколку одиме кон т.н. „пасивност“ на објектот или „карбон-неутрал“, што значи дека е енергетски ефикасен и независен, создава електрична енергија (од сонце) за да си ги покрие потребите за електрична енергија, ладење и греење – ни изјави Антонио Јовановски, претседател на „Гоу грин“ или „Биди зелен“.

Реализација со јавно-приватно партнерство или инвеститори

Тој ни сподели дека училиштата и општините генерално се запознаени со овој модул на одржливи училишта и опција на функционирање на училиштата. Со поставување соларни панели, користење на соларната енергија.

–  Имавме неколку е-состаноци со општините и училиштата и има интерес. Дел од општините веќе ги имаат вклучено училиштата во нивните програми за енергетска ефикасност и буџетираат сопствени или бараат надворешни средства за финансирање. Сепак, има постапка која треба да ја запази секое училиште и за таа постапка голем дел од училиштата не беа информирани. Во однос на сончевата енергија поголем е предизвикот. Има желба кај директорите и наставниците, но се бараат инвеститори. Моменталната законска рамка охрабрува јавно-приватно партнерство, што би значело покривот да се даде под концесија и фирма да инвестира во поставување на сончевите фотоволтаици (секако и профитот би одел кај фирмата).

Според наши сознанија, нема многу училишта што го направиле тоа, во Скопје единствено средното училиште „Михајло Пупин“ има сончеви фотоволтаици и мислам дека тоа е инвестиција од ЕВН. Во секој случај, покривите на училиштата остануваат голем неискористен потенцијал за инсталирање сончеви фотоволтаици. Нашите препораки се движат во насока на охрабрување на соларни енергетски задруги, што би значело да се одделат јавни пари (општински или државни) и да се постават сончеви фотоволтаици кои ќе останат во сопственост на училиштата/општините. Доколку се произведе повеќе електрична енергија од потребите на училиштето, државата да обезбеди откуп на таа струја. За ова треба да се регулира „енергетската задруга“ подетално во Законот за задруги и да се интервенира во Законот за енергетика, со што би се осигурил откуп на електрична енергија од енергетски задруги. Повеќе за енергетските задруги може да видите на следното кратко видео на овој линк – објаснува Јовановски.

Многу придобивки

Училиштата чии емисии тие ги мереле емитираат околу 400 тони јаглероден диоксид годишно. Понатаму, во зависност од енергентот, начинот на греење и користење на електричната енергија, тие можат да придонесуваат и за емитирање на други штетни гасови, како сулфур диоксид, јаглерод моноксид, ПМ10 и 2,5 честички итн.

– Корекцијата е во мерки за енергетска ефикасност и производство на струја од сонце, селектирање на цврстиот отпад, компостирање на органскиот отпад, училишни градини, зеленило и дрвја во училишните дворови, со што би го намалиле нивното влијание врз животната средина и квалитетот на воздухот – вели Антонио.

Енергетски ефикасните училишта имаат повеќе придобивки.

– Покрај заштита на животната средина, има и економски придобивки од мерките за енергетска ефикасност. Имено, инвестицијата може да се врати за неколку години, а потоа секоја наредна година заштедата е само плус. Мерките за ЕЕ значат дека сметките за струја ќе бидат помали, како и потребата за греење, а оттука произлегуваат економските придобивки – додава тој.

Не сме далеку од зелено училиште

На прашањето дали би се имплементирало кај нас зелено училиште во практика и колку сме далеку од идеја до реализација, тој вели:

– Зелено училиште, покрај енергетската одржливост што ја дискутиравме погоре, би вклучувало и сопствена градина со техники на пермакултура, компостирање на органскиот отпад, селектирање на цврстиот отпад и слично. Има вакви иницијативи од некои основни училишта, од наставниците со поддршка на директорите, но за да биде вистинско „зелено“ училиште, навистина би биле потребни позначителни инвестиции и вклучување на целата училишна заедница во одржување ред и едукација на сите учесници во училиштето. Тоа не е толку далеку колку што мислиме, само се потребни еколошки освестени градоначалник, директор и неколку наставници за да може тоа да се имплементира и да трае како концепт, кој понатаму и другите би го прифатиле. Да се надеваме дека на следните локални избори ќе има барем еден таков градоначалник – вели Антонио.

Секој предмет да се поврзе со климатските промени

Здружението, меѓу другото, се залага за училишта на сончева енергија, за енергетско одржливи училишта. На прашањето како образованието треба да се приспособи на климатските промени, тој вели дека образованието треба да ги инкорпорира климатските промени и хоризонтално и вертикално.

– Тоа значи дека кој било предмет може да се поврзе со климатските промени, а воедно и треба да има посебен предмет климатски промени, мерки за ублажување и приспособување. Во секој предмет, на пример, во математика може да се изучува формула за калкулација на јаглеродниот отпечаток, во социологија – влијание на климатските промени во општеството, улогата на човекот во загревање на планетата Земја, мерки што треба да се преземат за да ги ублажиме. Во суштина, во секој предмет може да се најде „агол“ каде што ќе се зборува за темата – објаснува Антонио.

Да се подигне свеста на надлежните

Проектите „Образование за климатски промени“ и „Училиштата на сончева енергија“ се дел од нивната стратешка програма како здруженија.

– „Образование за климатски промени“ и оваа година опфати: истражување за застапеноста на образованието за климатски промени во основните училишта, петиција за енергетски ефикасни училишта на сончева енергија и образование за климатски промени, видеоконференции со општини и училишта на темите енергетска ефикасност и сончева енергија, вклучување на учениците во едукација и креирање кратки видеа на тема образование за климатски промени, едукација за енергетски задруги. Целта е да се подигне свеста за овие теми и да се влијае врз надлежните институции да го инкорпорираат образованието за климатски промени во образовните програми и да се инвестира во енергетската ефикасност на училиштата и сончевите фотоволтаици – категоричен е претседателот на „Гоу грин“.



912

X