Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми е веќе 4,5 години и имаме проблем со спиењето. Ова трае 3,5 години, почнувајќи од 4 месеци кога имаше проблеми со столицата и на година и пол ѝ беше потврдена алергија на млеко. Потоа секое заспивање беше со доење зашто поинаку не успеваше да заспие. Ги испробав сите техники. И дневното преспивање беше проблем и ни одземаше час и половина. Се обидовме и со промена на рутина и промена на периодот. Неуспешно. Потоа на 4 години направивме операција на трет крајник и ушите поради чести инфекции и веднаш по операцијата како да исчезнаа сите проблеми. За повторно да се појават по 2 месеца. Сега, според моето набљудување, ги гледам сите знаци на умор и потреба за спиење, но како да е убедена дека не треба да спие. Заспивањето сега трае 2 часа. Рутината ја започнуваме во 20-20:30 (миење, облекување, читање, разговор) и успеваме да заспиеме во 22 или 23 часот и тоа често со повишен тон и плачење. А преку ден воопшто не сака да одмори иако повторно ги има знаците на замор, кои во текот на денот ескалираат во хиперактивност. Сите обиди да разговараме зошто смета дека не треба да спие ги одбива. Ја менува темата.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, пишувате дека се обидувате заспивањето на вашата ќерка да го надминувате со многу позитивни чекори и истражувања. Тоа успева и се надминува незаспивањето, но како во одредени периоди да се случува нешто ново и се прави регрес во ритамот на заспивање. Вие пишувате за тешкотиите на заспивање, но какво е нејзиното разбудување, колку време трае нејзиниот ноќен сон?
На оваа возраст на децата им се потребни помеѓу 11 и 13 часа дневно сон. Тие често стравуваат да не пропуштат нешто, па го одбиваат попладневниот одмор. Поголемиот број деца по петтата година веќе не преспиваат преку ден, кој е и период за навикнување за училишниот период што следува. Децата многу често го одолжуваат одењето на спиење и имаат различни желби: уште малку да поиграм, да гледам телевизија, жедна сум, морам во тоалет уште еднаш; сакаат запалено светло, да спијат со мама и тато и друго.

Наташа Маџевска


Најважно е заедно да го направите распоредот за спиење кон кој заедно ќе се придржувате. Во текот на денот да биде повеќе време надвор со активности на воздух. Јас секогаш препорачувам попладневните активности по 17 часот да бидат помирни, па детето природно ќе се смири: гледање приказни, боење, цртање, редење сложувалки, погодување букви, бројки, слушање музика и слично. Да се разговара за поминатиот ден додека се вечера во 19 часот и ви ги препорачувам трите волшебни прашања: Што те направи несреќна денес? Што те направи среќна денес? Што научи денес? Учете ја вашата ќерка на едноставни начини на опуштање: да го замисли и опише своето најубаво место (разговарајте за убавите работи на тоа место), полека да брои до 5 или 10 и наназад повеќе пати, па потоа вие наизменично со затворени очи, да гледате кои бои ви се појавуваат. Сето ова со една смиреност во гласот и говорот без брзање. Имајте јасна граница во планот за распоредот за заспивање.

Во врска со нејзиното дневно однесување кое, како што велите, ескалира со хиперактивност, во тие моменти избегнувајте пораки кои критикуваат, на пример: немој да скокаш, смири се, да поспиеше, ќе беше поспокојна и слично. Понекогаш на децата им треба само некој да е покрај нив да ги сослуша и разбере. Потсетете се кога имате некој проблем како се чувствувате, а сите околу вас почнуваат да ви го решаваат. Да, благодарни сте, но дали е тоа она што вам навистина ви треба или е поедноставно само некој да биде покрај вас.
Секое дете е индивидуално, не споредувајте како другите деца преспиваат, направете ваш дневен ритам и ритам за заспивање, кој ќе биде ваш и најпосебен за вашата ќерка. Ве поздравувам.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X