Специјалните училишта согласно Закон за основно образование треба до 2023 година да прераснат во ресурсни центри што ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта

Образовните асистенти за учениците со попреченост првпат во учебната 2021/2022 година ќе бидат финансирани од државниот буџет и ќе станат дел од формалниот образовен систем. И капиталните инвестиции во Министерството за образование и наука се врзуваат со инклузивноста, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната посета на училиштето „Д-р Златан Сремец“ во скопската населба Кисела Вода.

Таа нагласи дека во повикот до општините за проекти што ќе влезат во листата за инвестиции за наредната година, МОН како главен услов ја поставува инклузивноста – да има обезбедено пристап до сите простории. Така директно и системски ќе се инвестира во подобрување на инклузивноста на училишните згради.

– Еден од приоритетите на МОН е унапредување на инклузивноста на образовниот систем. Наша цел е сите училишта да се приспособат и да обезбедат соодветно образование за сите деца. Со носење јасни упатства се овозможува трансформацијата на специјалните училишта во ресурсни центри за поддршката на регуларните училишта да заврши навремено, до 2023 година. На последната владина седница, по барање на МОН, е зголемен бројот на стипендии за сите деца со попреченост. Ниедно дете што ги исполнува условите нема да биде одбиено – рече Царовска.

Таа потенцира дека образовниот систем треба, од една страна, да ги пресретне потребите на децата со попреченост, а, од друга, да ги подготви сите деца да ги прифатат и заеднички да разговараат за различните потреби на другите деца со попреченост.

– Се трудиме да создадеме образование кое ќе ги поттикне сите ученици да го постигнат својот максимален потенцијал. Специјалните училишта, согласно Закон за основно образование, треба до 2023 година да прераснат во ресурсни центри што ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Токму затоа, пред две недели донесовме правилник и упатство на кој начин треба да се одвива соработката меѓу регуларните училишта и специјалните училишта, понатаму ресурсни центри, и со која динамика. Полека се подготвуваат специјалните училишта за оваа трансформација, затоа што секое дете треба да биде изложено на максимално добра развојна средина, опкружено со различни од себе, за на тој начин да се стимулира да ги прифати различните од себе. Секое дете да може да разбере дека сите сме еднакви, но едноставно имаме различни потреби и различни можности – изјави Царовска.

За зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација. Со првата, 12 образовни објекти, по 4 од основно, средно и високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите, со средства од ЕУ. Исто така, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост кои се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение, со цел да се поддржат семејства и учениците со основните материјали што им се потребни.



912

X