м-р Теодора Богојевска, логопед

м-р Теодора Богојевска, логопед

Логопедски центар „Флуенто“, Тетово
facebook.com/Centar-za-logopedski-uslugi-Fluento

Повеќе од авторот

Повторувањето гласови, слогови и зборови во почетните изразувања на детето може да биде знак за појава на пелтечење. Периодот помеѓу втората и петтата година на детето е период на најголем развој на говорот. Тогаш во голема мера се стекнува содржинската страна на говорот (претставата и поимите), се совладуваат артикулацијата на гласовите и граматичките елементи и притоа се гради способноста за формирање реченици за комуникација со околината. Во текот на овој бурен говорен развој кај детето се јавуваат некои говорни тешкотии кои може да доведат до пелтечење, особено кај оние деца што имаат вродена или стекната диспозиција за ова говорно нарушување. Тие тешкотии се во повторувањето на некои гласови, слогови и зборови во говорот, со што доаѓа до застој и запнување во говорниот процес. Овие повторувања на гласови и запирања во детскиот говор се слични на пелтечење, но сѐ уште не се вистинско пелтечење.

Тоа се само придружни тешкотии во говорниот развој кај детето, кои сега условуваат недоволна постојаност на претставата и поимите во детското паметење, нецелосна автоматизација на моториката на говорните органи и претерана возбуда кај детето додека зборува. Кај голем број деца овие тешкотии (повторување, запирање) поминуваат сами од себе, постепено со развојот на нивниот централен нервен систем и на говорните органи. Меѓутоа, кај извесен број деца овие тешкотии преминуваат во пелтечење. Причината за тоа е неправилното однесување на возрасните кон детето. Така, кога родителите ќе забележат дека детето во говорот повторува гласови и зборови, тие го предупредуваат на тие грешки и почнуваат да го исправаат. Кај детето се појавува негодување, отпор и вознемиреност за на крај овие тешкотии да преминат во траен говорен недостаток – пелтечење.


Фото: КолектифПрес

Тука со предупредувањата и исправувањата родителите ги насочуваат вниманието и свеста на децата врз говорниот процес, кој инаку тече автоматски, без учество на свеста, и така го нарушуваат. Станувајќи свесно за своите говорни неправилности, детето сега, кога почнува да зборува, помислува на тешкотиите, т.е. дека ќе погреши во изговарањето на зборовите, што и навистина се случува.

Освен тоа, овие тешкотии во говорот кај детето може да предизвикаат и недоволна потврдна претстава за поимите и активностите во памтењето. За време на говорењето тоа потешко се сеќава на нив и тогаш ги повторува гласовите и зборовите за појасно да се сети на нив и правилно да ги изговори нивните називи.

Како во овој момент да му се помогне на детето? Со мирен став и одмерен говор, во кој детето во никој случај не треба да почувствува предупредување или коригирање, родителите да ги изговараат правилно зборовите кои тоа сакало да ги каже, без да бараат од него да ги повтори. Со почесто постапување на сличен начин, детето само со слушањето правилен говор од повозрасните ќе ги совлада говорните тешкотии: повторувањето на гласовите и зборовите.

Утврдувањето на претставите и поимите во детското паметење ќе се постигне доколку средината при зборување и разговор со детето ќе укажува на предметите и активностите (во стварност или на слики) за кои се зборува.

За развојот на детскиот говор, корисно е детето да учи кратки песни чија содржина ја разбира. Меѓутоа, овде мора посебно да се напомене дека не треба да се претера со бројот на песни (како и со други разговори), што би било штетно за развојот на детскиот говор. Со учењето песнички и чести кратки разговори со детето возрасните ќе придонесат за неговиот говорен развој: проширување на речникот и автоматизација (моторност) на говорните органи.

Често се случува детето да биде возбудено, радосно или тажно и им се обраќа на родителите за да им се пожали, да искаже желба, радост, некоја потреба и сл. Во овие моменти на возбуда тоа ги повторува гласовите и зборовите. Родителот тогаш ќе го смири детето говорејќи му сталожено и бавно, па кога тоа ќе се смири, ќе го пушти да каже што сака.

Овие превентивни мерки за пелтечење кај деца на предучилишна возраст може да се користат и за отстранување на вистинското пелтечење.

Некои грешки во семејното воспитување може да придонесат за невротизација и пелтечење кај децата.

Една од честите грешки е неусогласениот и противречен став на родителите при обраќањето кон детето. Тоа е честопати во дилема и неизвесности помеѓу строгите барања на едниот и благите, попустливи постапки и однесувања на другиот родител. Таквите ситуации, особено ако се чести, кај детето истовремено предизвикуваат процес на возбудување и запирање, што доведува до невропатска состојба и пелтечење.

Понекогаш и двата родитела го галат детето, особено ако е едно; сѐ му угодуваат, го прават да биде помеко и така од раното детство му оневозможуваат да стекне работни навики и одговорности кон работата, кон себе и кон другите. Поради таквите постапки на родителите, детето станува каприциозно и безобѕирно во задоволувањето на своите желби. Со таквите карактерни особини тоа често доаѓа во судир со децата и возрасните, што се одразува врз неговиот нервен систем (тоа станува пречувствително и раздразливо; а накрај почнува и да пелтечи).

Правилниот однос и постапките со малите деца во семејството, во кое ќе има љубов, одмерени и разумни барања, учење за формирање работни и други позитивни навики низ игра и организирање правилен режим во животот на детето, грижа за правилна исхрана, игра, забава и одмор, за доволно спиење и чист воздух, посебно во природа, се важен дел во превенцијата на пелтечењето, особено за оние деца што биле изложени на штетни влијанија пред раѓањето (во утробата), на пр., повреди за време на раѓањето, тешки трауми и болести во раното детство. Зголеменото здравствено и педагошко згрижување најчесто е потребно во и за време на бурниот развој на детскиот говор (2-5 год).

Детското нагалено говорење понекогаш може да биде причина за пелтечењето. Кога детето ќе почне да зборува, не ги изговара правилно сите гласови, а некои и воопшто не ги изговара. Тоа не е правилен говорен недостаток, туку придружна појава на детскиот говорен развој во тој период од животот. Тој неправилен изговор во најмала мера е последица на недоволната развиеност на говорните органи, централниот нервен систем и нивната функција во оваа детска доба. Со нивниот развој и под влијание на слушањето правилен говор (без галење) од околината, оваа неправилност исчезнува сама по себе кај голем број од децата.

Конфликтните ситуации што детето ги доживува во семејството, предучилишните установи и при дружењето со децата, како што се несогласувањата на родителите или неговите несогласувања со возрасните и со другите деца, можат кај него да предизвикаат психичка напнатост, чувство на несигурност и загрозеност.
Извесни доживувања на страв, радост, жалост, посебно ако се силни, можат кај детето да предизвикаат појава на пелтечење.

Кога ќе се појави пелтечењето кај детето, конфликтните ситуации го влошуваат, а логопедската работа на неговото отстранување се забавува и е помалку ефективна. Исто така, овие неповолни ситуации често се причината за рецидиви на пелтечењето (кое било надминато).

Најефикасната превентивна мерка тука е соработката меѓу родителите, логопедот и воспитувачката и нивната работа на отстранување на конфликтните ситуации што детето ги доживува, било да е тоа посредно било непосредно.

Принуденото вежбање на детето-левучар да работи со десната рака може да предизвика пелтечење. Забележано е дека е поголем бројот на деца-левучари што пелтечат во споредба со десничарите. Би било погрешно ако од сето ова се заклучи дека деца-левучари сѐ повеќе се наклонети кон пелтечење отколку десничарите, или дека левучарството е причина за пелтечење. На малото дете-левучар треба да му се даде полна слобода во употребата на левата рака, со неа слободно да црта, да пишува, да се служи со приборот за јадење и сл. Со созревањето на нервниот систем кај детето и полната слобода за користење на левата рака во игрите и другите активности, ова дете постепено ќе ја увежба и оспособи и десната рака, па ќе биде во голема предност над десничарите, и што е особено важно, ќе се спречи пелтечењето.

 



912

X