Секоја недела по две-три деца доаѓаат во многу лоша состојба, со мачнини, повраќање, имаат пролив и висока температура, вели д-р Весна Стојанова-Атанасовска, педијатар
Нема дете што не е вљубено во летото. Трчање во парк, играње со песок на плажа, плискање во базен или на море се само дел од активностите во жешките денови. Но што кога децата се забораваат и остануваат изложени на сонце повеќе од потребното? Тогаш наместо забава, детето може да има главоболка, мачнина, гадење, повраќање. Виновник? Сончаницата. Неретки се случаите и кога децата ќе изгорат на сонцето.
Во најголем број од случаите симптомите се лесно препознатливи. При сончаница најчесто одеднаш се јавуваат изразена главоболка, мачнина, гадење, повраќање, вознемиреност, по што детето станува поспано. Како да се реагира?
Попладневните температури се најопасни
За заштита од сончаница, најдобро е да се избегнат директното изложување на сонце и високите температури, односно кога сонцето е најсилно да се избегнува излегување надвор или да се седи под сенка.
– Сончаницата е многу сериозна појава. Секоја недела по две-три деца доаѓаат во многу лоша состојба, со мачнини, повраќање, имаат пролив и висока температура. Затоа мора да се заштитат од сонцето по секоја цена. За жал, кога децата најмногу треба да се сокријат од сонцето, тогаш најмногу се изложени, а тоа е во попладневните часови. Сонцето е најштетно од 12-13 часот до 16-17 часот и тогаш децата не смеат да бидат изложени на сонце. Ако, сепак, излегуваат надвор, пожелно е да носат капа и да не се задржуваат подолго време – вели д-р Весна Стојанова-Атанасовска, педијатар.
Никаде без заштитен фактор
Пред да го однесат детето на плажа, родителите не смеат да ги заборават кремовите со заштитен фактор.
– Поголем дел од родителите не се упатени, не знаат што значи сончаница и колку таа може да биде сериозна и забораваат на важноста на квалитетните кремови што штитат од сонцето. Не се консултираат со лекар. За да се избегне сончаница или изгореници, родителите мора да користат крем со висок заштитен фактор за децата, 30 или 50 – додава Стојанова-Атанасовска.
Вода во големи количини
На децата со сончаница треба да им се даваат ладни напивки, како што се чај, вода и овошни сокови. Разладените пијалаци му се најпотребни на дете што подолго време било изложено на сонце. Течноста не треба да се пие одеднаш во големи количини, туку почесто по малку, особено ако детето повратило претходно.
– Најважно нешто е децата да внесуваат многу течности во организмот. Пиењето вода е од особена важност при високите температури. Доколку детето има недостиг на вода, ќе се соочи со зголемено потење, а тоа води до дехидрирање. Симптоми на дехидрирање се премаленост, млитавост и висока температура. Родителите тешко ги препознаваат овие знаци и секогаш треба да се консултираат со лекар – вели Александра Михајловска, педијатар.
Кои се последиците?
Ако телесната температура не опаѓа и покрај разладувањето и лековите, тогаш задолжително треба да се интервенира кај лекар.
– Последиците од сончаница се многубројни, за жал, постојат и смртни случаи, а некои деца се соочуваат и со воспаление на мозокот. Сончаницата може да остави штетни и трајни последици дури и по нејзиното третирање – додава Стојанова-Атанасовска.
912