Сè повеќе собрани податоци во светот укажуваат на тоа дека училиштата не се поголеми жаришта на заразата со коронавирусот, особено ако се работи за пониските одделенија од основното образование. Имено, и покрај стравот на многуте родители и вработени во образовните институции, бројот на инфекции со Ковид-19 не е значително пораснат по отворањето на училиштата и градинките.
– Иако училиштата и градинките се идеално опкружување за пренос на вирусни болести, бидејќи големи групи деца се наоѓаат подолго време на исто место во затворени простории, инфекцијата со коронавирусот сè уште е далеку пониска помеѓу децата отколку помеѓу возрасните – вели епидемиологот Валтер Хаас од Институтот „Робет Кох“ во Берлин. Од друга страна, некои истражувања покажуваат дека учениците сепак може да се заразат и да ја пренесат болеста на другите, со тоа што коронавирусот веројатно ќе ги зарази постарите отколку помладите деца. Научниците наведуваат дека причините за поголемата заразеност на постарите ученици уште не се во целост јасни, но и покрај тоа овие наоди може да влијаат врз епидемиолошката политика наспроти постарите деца и наставниците.
Мал број жаришта во училиштата
Веќе порано е утврдено дека училиштата можат без проблем да се отворат во ситуација со мал број заразени во заедницата. Но, дури и на подрачјата каде што бил забележан пораст на инфекциите, немало многу жаришта во училиштата, особено ако се преземале мерки за заштита. На пример, во Италија во септември се отворени повеќе од 65 илјади училишта, а 4 недели подоцна само во 1.212 објекти дошло до појава на коронавирусот. Во 93 отсто од случаите се заразило само едно лице, а во едно средно училиште дошло до поголема зараза, односно заболеле повеќе од 10 лица. Во сојузната држава Викторија во Австралија, која во јули беше погодена од вториот бран на пандемијата, исто така немало многу жаришта во училиштата и детските градинки. Од 1.635 инфекции со коронавирусот во училиштата, две третини биле ограничени на само еден случај, а во 91 отсто од случаите се заразиле помалку од 10 луѓе.
Во САД стапката на зараза останала висока кога училиштата повторно почнаа да се отвораат во август, а уделот на инфекцијата кај децата продолжил да расте, вели педијатарот Ешлиша Кушик, портпарол на Американската академија на педијатри. Но, сè уште не е јасно, смета Кушик, колку инфекциите во училиштата придонеле за ширење на заразата внатре во заедницата, бидејќи властите во истиот период го зголемиле бројот на тестирања и ги ублажиле другите мерки, како оние поврзани со собири на луѓе или работење на компаниите.
Во училиштата во Англија во текот на јуни во повеќе од 30 жаришта дошло до пренос на вирусот меѓу вработените во училиштата, а само во 2 жаришта се заразиле ученици.
Постарите деца се заразни исто како и возрасните
Научниците сметаат дека една од причините за тоа што училиштата не станале поголеми жаришта на заразата со коронавирусот е тоа што помалите деца, особено оние помали од 12 години, се помалку подложни на инфекции од возрасните. Дополнително, дури и да се заразат, помалите деца поретко ќе ги заразат другите отколку оние во повозрасна доба. Валтер Хаас и неговите колеги, по анализата на 5 германски училишта, откриле дека инфекциите со коронавирусот се поретки кај деца на возраст од 6 до 10 години отколку кај постарите деца и возрасните што работат во училишта.
– Потенцијалот за пренос на другите се зголемува со годините на старост, а адолесцентите веројатно еднакво го пренесуваат вирусот како и возрасните. Мерките за ограничување, како задолжително носење маски или премин на онлајн-настава во случај на пораст на инфекцијата, би требало да се фокусираат на тинејџерите и наставниците – смета Хаас. Други истражувања исто така потврдуваат дека постарите деца се позаразни од помалите, односно дека полесно од нив го пренесуваат коронавирусот на другите. На пример, во САД, стапката на зараза е двојно поголема кај децата на возраст од 12 до 17 години отколку кај децата од 5 до 11 години. Односно, најголем број зарази се забележани кај средношколците, помалку кај повисоките одделенија од основното образование, а најмалку во нижите одделенија.
– Нам всушност не ни е познат природниот процес на зараза помеѓу децата бидејќи сме вовеле мерки. Децата не се во типично училишно опкружување. Наместо тоа, се дистанцираат, носат маски и следат други мерки за заштита – вели педијатарот Фиона Расел од Универзитетот во Мелбурн.
Таинствен заштитен механизам кај помладите деца
– Уште не ни е сосема јасно зошто помалите деца помалку го шират коронавирусот. Едно објаснување е дека бидејќи имаат помали бели дробови, исфрлаат помалку аеросоли отколку возрасните – вели Хаас и додава дека тоа се случува и кај туберкулозата.
– Но инфекцијата со туберкулоза се шири и од лезии во белите дробови, а SARS-CoV-2 е поразличен бидејќи вирусот ги инфицира горните дишни патишта. Затоа работите сè уште не се сосема јасни, вели епидемиологот.
Друго објаснување е дека малите деца се почесто асимптоматски случаи. Една британска студија покажала дека 50 отсто од заразените деца помеѓу 2 и 15 години немале никакви симптоми.
– Не постои нешто такво како нулта стапка на пренос или нулта ризик. Но, ризикот од зараза во училиштата е низок, особено ако во заедницата нема голем број случаи – вели педијатарот Расел.
Автор: Ѓани Луис
912