Имавме проблем зашто тој не сакаше да седи на час пред компјутер и да ја следи наставата. Му се создаде голем отпор, ништо не му беше интересно. Нè молеше да не го тераме, раскажува Весна Анастасовска, мајка на втораче
„Ќе пишувам домашна. Само те молам не терај ме да седам пред компјутер. Не можам. Те молам…“ Ова искуство со првачето кое годинава последното тримесечје го заврши со онлајн-настава поради пандемијата на Ковид-19 беше причина за Весна Анастасовска од Скопје да нема дилема како ќе им почне второто одделение. Нејзиниот седумгодишен син е среќен што повторно, секој ден, се гледа со другарите, а таа што не мора сосила да го тера да следи часови пред компјутер. Вакви или слични искуствата имаат дел од родителите на ученици од 1. до 3. одделение кои решиле дека е подобро нивните деца на оваа возраст да следат настава во училишните клупи.
Анастасовска објаснува дека немало проблем со наставата на крајот од минатата година. Наставничките им држеле онлајн-предавања на учениците, сè било добро организирано.
– Имавме проблем зашто тој не сакаше да седи на час пред компјутер и да ја следи наставата. Му се создаде голем отпор, ништо не му беше интересно. Нè молеше да не го тераме. Дома имаме мало бебе, татко му одеше на работа, немаше кој да седи со него и да го тера да ја следи наставата. Стана многу комплицирано – објаснува таа.
Фото: Архива
Анастасовска смета дека е подобро децата на оваа возраст да одат во школо, особено кога треба да научат да пишуваат и да читаат. Нејзиниот второодделенец учи во „Кузман Јосифовски-Питу“ во скопската населба Кисела Вода. Од 27 ученици во одделението, пет учат онлајн, а останатите 22 се поделени во две групи од по 11 деца. Одат само прва смена, од 8 до 10:30 часот.
– Уште кога ги добивме протоколите беше јасно дека нема да има проблеми. Наставата е одлично организирана и безбедна. Децата носат маски на часовите и мора да имаат две резервни. Нема храна, си носат само вода. Тој е во групата за прием од 7:30 до 7:50 часот. Влегуваат сами, им мерат температура, ги дезинфицираат рацете и чевлите. Сите мерки и протоколи се почитуваат – вели Анастасовска.
Таа смета дека нејзиното дете не е во поголема опасност од зараза поради тоа што оди во школо. Вели дека и дома има начини да се зарази – возрасните одат на работа, во контакт се со други луѓе.
– Кога ќе видам колку е среќен, знам дека не згрешивме. Сака да оди во школо и не му е никаков проблем што носи маска – вели Анастасовска.
Сања Милошевска е мајка на прваче кое ја почна новата учебна година со физичко присуство во „Александар Македонски“ во Ново Лисиче. И таа воопшто не размислувала за другата опција.
– Ништо не може да го замени учењето во училишна клупа, особено за олку мали деца. Мислам дека е невозможно да го сфатат образовниот процес со настава пред компјутер – вели Милошевска.
Првачињата во ова училиште одат во две смени и се менуваат на две недели. Приемот за прва смена е од 7 до 7:45 часот, а наставата трае од 8 до 10:25 или до 11 часот, во зависност од бројот на часови. Втората смена им почнува во 12 и трае до 14:25 односно до 15 часот.
– Задоволна сум како е организирана наставата. На влез ѝ проверуваат температура, а не ѝ е проблем да носи маска на часовите. Знае дека е поради коронавирусот, но се обидуваме да не ја бомбардираме со премногу информации за состојбата. Доволно е да ја знае причината зошто треба да внимава. Учителките се грижат за нив, децата редовно си ги мијат рацете, се движат по обележани патеки, со препорачана дистанца – вели Милошевска.
Бидејќи и таа и сопругот одат на работа, имаат помош од постарите членови на семејството, кои ја земаат малечката кога ќе заврши наставата. Чекаат одлука за целодневна настава. Ако одобрат, таа ќе ја пуши ќерка си во целодневна.
– Не гледам причина зошто да не оди ако се почитуваат протоколите и безбедноста е на високо ниво. Засега имам поддршка. Искрено сочувствувам со родителите што немаат кој да им го причува детето додека се работа. Тоа е многу тешка ситуација – вели Милошевска.
Гордана К. има две деца што одат на училиште во населбата Карпош. Големата е шесто одделение и учи онлајн, а помалата е трето и посетува настава со физичко присуство.
– Искрено, посакував и двете да можат да одат на школо, најмногу заради нив, им недостига социјалниот живот и да се избегнат сите нервози што неподготвеноста на нашата држава за онлајн-образование ни ги наложи на сите. Жално е со колку нервоза започна школската година. Но, како минуваат деновите, фаќаме ритам – вели Гордана.
Во однос на наставата во живо, според реакцијата на ќерка ѝ, не гледа некоја тешкотија. Оди во две смени – се менуваат на една недела. Од 8 до 11:40 часот најмногу (6 часа) и од 12:15 до 15:55. Гордана е против онлајн-настава за децата од одделенска настава. Вели дека децата се мали, не треба толку време да поминуваат пред компјутер, а особено е важна релацијата со нивните учители, најмногу заради емотивната врска што се гради на тие години.
– Посакувам да не мораа да ги носат маските, но тие реално се задржуваат најмногу три часа на училиште, наставниците се трудат да поминуваат повеќе време надвор и таму не ги носат. Во нормални услови таа учи во целодневна настава, па сега ќе мора да се приспособуваме заради домашните задачи. Треба време за детето, а и ние да се навикнеме. Среќа што работам од дома, па тука сум да ѝ помогнам – вели Гордана.
Во школото се почитуваат протоколите како и во сите други училишта – маски, дезинфекција, дистанца. Гордана се надева дека епидемиолошката состојба ќе биде стабилна и нема да се донесе одлука сите деца да преминат на онлајн-настава.
Од Министерството за образование и наука велат дека над 98% од учениците од 1. до 3. одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците што немаат уреди за онлајн-учење, а сепак треба да учат на далечина, успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку националната радио-телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства за да го следат совладувањето на наставниот материјал.
912