„Знам дека ништо не знам“ е изјавата на Сократ која стои јасно истакната на ѕидот на основното училиште „Стјепан Радиќ“ во Брестовец Ореховички. Тоа што е истакната на ѕидот на една од најмодерните училници во Хрватска е првата потврда за колективниот ентузијазам кој таму владее и благодарение на ова училиште во срцето на хрватското Загорје образованието веќе со години е пред своето време. Кога во Хрватска се случи затворањето поради пандемијата, околу 22 ученици од ова училиште немале никакви проблеми со онлајн-настава бидејќи тие ја применуваат модерната технологија со години. Тие имаат училница на „облак“, интерактивна плоча по која пишуваат со прстите, училница за игрификација со 3Д-очила, сопствено радио- и телевизиско студио, опремена училница, па во случај на потреба, учениците можат во реално време од дома да следат што се случува во училиштето.

Директорот на училиштето, Зденко Кобешчак, и целиот наставен колектив не чекаат да се случи реформа на образованието, туку се во чекор со времето – ги следат трендовите и се трудат нивните ученици кога ќе го напуштат основното училиште, да бидат конкурентни и да имаат цврсти темели за понатамошен раст и развој.

– Никој не знаеше дека ќе дојде вакво време, но се знаеше дека оние што не ги следат дигиталните трендови ќе бидат поназад од своите врсници, а ние сакавме да им овозможиме на нашите ученици еден ден кога ќе се запишат во средно образование, да немаат слабо знаење само затоа што оделе во мало, селско училиште – вели директорот.

фотоизвор: Boris Kovačev/Cropix

Веќе неколку години преку секој проект за кој аплицираат гледаат да набават нешто од информатичка опрема.

– На самиот почеток имавме слаба интернет-конекција, па требаше долго време за една обична презентација да се визуализира, но благодарение на трудот и ентузијазмот на целиот колектив и проектите на кои аплициравме, дојдовме до ова ниво на кое сме денес. Освен тоа, имавме и низа мали иницијативи, а секоја од нив беше можност за набавка на нова опрема која ќе послужи како траен ресурс и ќе го унапреди училиштето – вели директорот. Тој додава дека нивна цел е поттикнување на комуникацијата, креативноста, отвореноста за нови прашања, па затоа се стремат во училиштето да владее и релаксирачка атмосфера. Па така, наместо класични столчиња, во „училницата на облак“ се поставени висечки столови кои наишле на големо воодушевување на учениците.

фото извор: Željko Hladika/24sata

Освен свој јутјуб-канал, училиштето има и сопствено радио и телевизија „Срце Загорје“ – во училиштето одат деца од 12 села. И пред корона-кризата „Зум“ била опција како платформа за поврзување бидејќи сите се од различни места во околината. И покрај сите модерни технологии, тие едвај дочекале да се вратат со физичко присуство на училиште. Директорот вели дека се загрижени дали децата преку онлајн-наставата ќе успеат да го усвојат потребното знаење.

фотоизвор: Приватна архива на училиштето

За нешто помалку од еден месец од почетокот на учебната година во училиштето имало 4 деца заразени со коронавирусот. Како и сите други, и тука се слушаат упатствата од епидемиолозите, но за разлика од другите, тука се малку помирни со оглед на тоа дека ги имаат сите услови за хибридна настава – амбиентална камера, микрофони, интерактивна плоча, сите материјали префрлени на „облак“ итн.

 

фото извор: Приватна архива на училиштето

Ова училиште не е познато само по дигитализацијата. Тоа со години учествува во многубројни еколошки проекти, има импресивна училишна градина во која одгледуваат капини, малини, круши, краставици, пиперки, грав… Сето тоа дава богат плод благодарение на малата метеоролошка станица во градината каде што се поставени и соларни панели и мала ветерна електрана.

фотоизвор: Приватна архива на училиштето

Ова училиште е пример дека во ситуација кога многумина бараат изговори, може да се постапи различно. Треба само да се сака повеќе, со поголема страст да се пристапи кон работата и да се сака да им се овозможи на генерациите што доаѓаат по нас многу повеќе од она што мора. А директорот, со целиот свој колектив, го прави тоа со неверојатна леснотија.

фотоизвор: Приватна архива на училиштето

Извор



912

X