Во градинка и забавиште децата искусуваат припадност на заедница. Исто така, соработуваат во групи, што им помага да научат како да преговараат, слушаат и да се вклучуваат. Учењето во оваа смисла е комплексно на тој начин што децата не стекнуваат само знаење, туку учествуваат и во неговото градење. Поради тоа, учењето на децата никогаш не престанува. Дури и ако детето направи пауза од одењето во градинка или во забавиште поради пандемијата на Ковид-19, тоа сепак учи, секој ден и во секој момент.

Родителите се најважните учители

Играта е централна и клучна во искуствата преку кои се учи. Децата така го осознаваат значењето на нештата во светот, креираат, градат и одржуваат врски, истражуваат и се вклучуваат во теориите и прашањата. Учителите на децата од претшколска возраст креираат моменти за игра на дневна основа, кои поттикнуваат љубопитство, изненадување и истражување. Тоа го прават преку вообичаени моменти – на пример, група на деца која црта мапа на заедницата или дете кое посегнува со рачињата да го дофати дождот – тоа е основа за креирање искуства кои понатаму ги унапредуваат идеите и размислувањето на децата. Децата и наставниците се коучесници во процесот на учење. Тие соработуваат за да го разберат, но и да создадат значење на меѓусебните односи, како и со другите деца во групата и заедницата. Овие исти соработки се случуваат и во семејството.

Родителите и семејството се првите и највлијателните едукатори на децата. А истражувањата покажуваат дека развојот и учењето кај децата, всушност, никогаш не запираат. Децата учат, растат и се развиваат и покрај тоа што не посетуваат градинки или забавишта. Ќе продолжат да му даваат значење на својот свет на тој начин што размислуваат, прашуваат и играат дома, или кога се со своите родители и извршуваат вообичаени секојдневни активности.

Дури и обичните разговори и преговори помеѓу родителите и детето може да бидат искуства за учење. Замислете дека вашето дете сака да игра со вас додека вие сте зафатени одговарајќи на е-пораки. Застанувањето за момент и слушањето на барањето на детето, потоа одговарањето со едноставна реченица: „Можам да играм со тебе за 15 минути“, му нуди можност на детето да реагира со трпение и емпатија. Слушањето, соработката и компромисот се дел од овој вообичаен момент, а така детето и родителот учат меѓусебно за својот однос и заедно градат знаење. Ова се неколку други начини на кои родителите креираат искуства за учење дома.

Можности за учење од дома

Вашиот дом е преполн со богати материјали за децата и нивно истражување преку кое го разбираат светот. На пример, дајте му на детето малечка торба и побарајте да ја наполни со работи како паднати лисја, стари копчиња, капачиња, хартија и слично. Потоа расчистете одреден простор, испразнете ја торбата и дајте му на детето време и простор да си игра со собраниот материјал. Можете и да му дадете задача што да прави со материјалите. Но, исто така, можете да чекате и да му верувате на детето дека ќе си најде свој соодветен начин за занимација.

Бавното темпо е дел од процесот. Му дава време на детето да поставува прашања и да размислува: „Од каде произлегло ова копче?“ и слично. Слушајте го детето што зборува. Потоа размислете како можете да го поттикнете да размислува подлабоко за материјалите, па прашајте: „Како одлучуваш кои работи одат заедно?“ Можете да поставите празни садови во средината на собата за детето да ги групира материјалите. Поминете време слушајќи го и размислувајќи за неговите начини на игра додека ги групира материјалите. Дали ги групира во одреден облик, или одредена количина? Можеби вашето дете ќе манипулира со облиците и ќе создава скулптури. На тој начин тоа гради нови знаења, а вие можете да ги зачувате тие негови дела, па подоцна да му покажете и како да рециклира материјали.

Градење врска со место

Учењето се случува во врските – врските со семејството, животните и инсектите, растенијата, океаните и планините, пенкалата, моливите, хартијата и боите и местата. Најдете место блиску до вашиот дом кое можете постојано да го посетувате, на пример, парк во ваша близина. Помогнете им на вашите деца да ја набљудуваат кората на дрвото, или да го следат дрвото од коренот до врвот. Нека ги забележуваат и нештата околу нив. Што е она што ве натерало да одите на ова место? Боите, звуците, мирисите, спомените?

Имајте трпение и помогнете му на детето да открие нешто ново.

– Дали поточето се менува откако ќе заврне?
– Дали забележуваат нешто ново откако ќе почнат да ја следат мравката?
– Дали зградите произведуваат различни сенки кога е сончево?

Во овие комплексни времиња, овие односи се начинот на кој сакаме да им дадеме моќ на децата да разберат и да придонесат кон нивната нова реалност.

Автор: Џин Мери Иорио

Извор



912

X