Нарушувањата во однесувањето кај децата се изразуваат со низа постапки кои отстапуваат или се косат со нормите на однесување и обичаите во општеството во кое живее детето. Нарушувањето настанува во текот на воспитувањето и оспособувањето на детето за живот во општеството (социјализација). Ако процесот на социјализација е загрозен или нарушен во која било етапа (во семејството, училиштето, поширокото друштво), детското однесување ќе почне да се менува. Нарушеното однесување може да се изрази како непослушност, каприци, недисциплина во домот, итн.

Многу од овие изразувања се јавуваат во текот на развојот кај секое нормално дете: тоа лаже, зема пари од дома, доаѓа подоцна од училиште, се тепа со деца, непослушно е, се инаети, се обидува да ги истера своите желби, бега од училиште. Ако ова однесување упорно се повторува или влошува од ден на ден, ако не помага ниту убав збор ниту казна, тогаш може да се зборува за нарушување во однесувањето, односно однесување кое отстапува од нормите и обичаите на општеството во кое расте и живее детето.

Ќе ги издвоиме детските лаги и детските кражби, бидејќи нив родителите најтешко ги поднесуваат и поради нив најчесто се обраќаат на лекар.

Детски лаги

Малите деца не прават разлика помеѓу фантазијата и реалноста. На секој родител му се познати измислените приказни што детето во третата или четвртата година ги раскажува како реални доживувања. Детето постепено учи да ја разликува стварноста од имагинацијата, а тоа почнува да се случува околу петтата или шестата година, а потоа може да се зборува за детски лаги. Тоа не значи дека детето при првата лага треба да се нарече лажго или строго да се казни.

Родителите ја развиваат потребата на детето за вистината и со своето однесување му даваат пример. Ако тие се склони кон лажење на детето во многу обични секојдневни ситуации, за да ги избегнат неговите солзи, лутина или страв, тогаш не треба да се чудат ако и детето од слични причини почне да ги лаже. Меѓутоа, и родителите што никогаш не го лажат детето и му даваат најдобар пример ќе доживеат тоа понекогаш да ги излаже. Тие мали детски лаги не треба да се доживеат како трагедија и не треба детето да се нарече лажго. Многу е подобро да му се даде до знаење дека од него се очекува да ја кажува вистината и да се верува дека тоа ќе го направи.

Ако детето често и многу лаже, родителите треба да се загрижат, а не да се лутат и да го казнуваат, бидејќи со тоа нема ништо да постигнат. Тие треба да ги откријат причината и потребата која го наведува детето да се користи со лаги. Детето што лаже е несигурно, можеби и длабоко незадоволно со себе, па и несреќно. Детето најчесто лаже поради страв од казна или страв дека ќе ја изгуби љубовта на родителите, ако направило нешто што не смеело да го направи. Ако од детето се очекува повеќе отколку што може, тоа ќе излаже за да ги избегне последиците или за момент да ја зголеми својата самодоверба. Најдобар начин да се спречат детските лаги е да му се врати самодовербата и сигурноста, а за тоа на родителите понекогаш им е потребен совет од експерт и негова помош и поддршка.

Детски кражби

„Многу мали крадци никогаш подоцна во животот не доаѓаат пред суд затоа што нивните родители знаеле како да постапат со нив“ – Д. В. Виникот.

Во петтата или шестата година детето учи да разликува што е негово, а што не е, па тогаш веќе може да сфати дека земањето туѓи работи претставува престап, дека не е дозволено, дека е кражба. Мало дете зема банкнота од чантата на мајката или паричникот на таткото и смета дека тоа е нормално бидејќи родителите се негови, како и сè што им припаѓа. Детето на таа возраст не краде, бидејќи тоа нема поим за сопственост, за туѓа сопственост, како што нема поим и за значењето на зборот кражба. И не вреди да му се објаснува бидејќи тоа не може да ги разбере и сфати тие поими. Единствено што може да разбере е ако родителите, како и за многу други работи, му речат „не смееш да го допираш тоа“.

Мал број деца никогаш не донеле дома туѓ предмет. Тоа е парченце креда од училиштето, туѓо пенкало или играчка, или нешто слично. Родителите обично не обрнуваат внимание на овие ситници. Тие се лутат и стануваат загрижени кога детето ќе земе пари или некој предмет од домот, а ако тоа се повтори повеќе пати, тогаш се склони строго да го казнуваат.

Зошто краде детето? Понекогаш зема пари за да може да купи нешто што повеќето негови другари го купуваат. Често сака да има пари за да се прави важно пред пријателите и на тој начин да си даде некое значење себеси. И додека во првиот случај родителите лесно може да му помогнат на детето ако со него се договорат за некој мал постојан џепарлак, или ако повремено го прашаат: „Да не е ред ти да го почестиш друштвото со колачиња, дали ти требаат пари?“, во другиот случај парите нема да му помогнат на детето да ја стекне самодовербата што му недостига. Можеби заостанува од другите деца во градинката или на училиште, можеби има тешкотии во приближувањето кон децата и стекнувањето пријатели, можеби децата не го прифаќаат, можеби воспитувачката го отфрла. Родителите треба да се обидат да ја откријат причината (сами или со експерт) бидејќи детето не ја знае и никогаш нема да може да одговори на нивното прашање зошто го прави тоа. Ако од него сепак го бараме тоа, тогаш ќе го натераме да лаже, бидејќи тоа не ја знае вистинската причина.

Причината за детската кражба може да лежи во семејната ситуација, во односот на родителите кон него, во недостигот на внимание или време и слично. Во една пригода во мојата ординација мајка доведе дете бидејќи последните неколку месеци постојано го „фаќале“ во кражба. Земал пари од масата или од чанта, ги крадел колачите подготвени за гости, па биле принудени да ги заклучуваат слатките. И двајцата родители беа многу погодени и лути. Мајката и јас се обидовме да откриеме што се случува со детето. Пред 3 месеци таткото почнал да работи прекувремено, така што преку неделата едвај се гледа со синот пред да заспие. Мајката има големи проблеми на работа, а дома има многу повеќе работа бидејќи сопругот не може да ѝ помогне. Најлесно ѝ е да го однесе детето во соседството по градинка, да си игра додека таа не ја заврши работата. На детето му недостигаат и мајката и таткото, кои порано многу време поминувале со него. Тоа станало несигурно, му недостига нивната љубов.

Иако причините за детската кражба не можат секогаш да се утврдат со сигурност, факт е дека во повеќето случаи родителите можат да му помогнат на детето. Кога мајката и таткото ќе му посветат повеќе време и внимание, кога ќе му покажат колку го сакаат, кога ќе го заинтересираат за некои заеднички работи или ќе го насочат на некое хоби, потребата за кражба брзо исчезнува.

Родителите обично тешко ја поднесуваат детската кражба. Ако по првата кражба постапат грубо кон детето, ако го наречат крадец или строго го казнат, на тој начин нема да му помогнат, ниту да го спречат во нова кражба. Детето ќе сфати дека го сметаат за лошо и неговата несигурност ќе се зајакне. Само родителите што знаеле да ја контролираат својата лутина и незадоволство, кои не покажале недоверба, кои се потрудиле да откријат што го мачи нивното дете, можат да му помогнат за подоцна кога ќе порасне „никогаш да не дојде пред суд“.

Автор: Олга Хаџи Антоновиќ, извадок од книгата „Мало дете – голема загатка“

Извор



912

X