Надлежните итно да создадат услови за образование и на децата со попреченост, кои во услови на пандемија се соочени со големи предизвици во наставата зашто платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование, ги исклучуваат најголемиот дел од овие деца, апелира денеска Хелсиншки комитет – Македонија (ХМК).

„Новата учебна година почнува за две седмици, а сè уште не се донесени сите подзаконски акти што требаше да обезбедат соодветна имплементација на Законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект. Дополнително, состојбата на пандемија само ги потенцира многубројните недостатоци во имплементацијата на Законот, за кои во неколку наврати алармираше и Хелсиншкиот комитет. Имајќи предвид дека сè уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние што имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право“, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Од ХМК ги посочуваат препораките од Посебниот извештај на Народниот правобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн-настава за учениците со попреченост во посебните основни и средни училишта, според кој, „наставата за ученици со попреченост е најдобро да се изведува со физичко присуство на учениците во училиште, под директно водство од страна на наставниците и стручните лица, од причина што училиштето располага со потребните наставни, едукативно-дидактички материјали, средства, опрема и технички услови кои се неопходни за стекнување знаења и вештини кај учениците, како и за нивниот целокупен сестран развој“.

„На прагот на новата учебна година сè уште голем дел од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, а немаат пристап ниту до соодветни наставни материјали за реализирање онлајн-настава, кои се од особена важност за децата со попреченост. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до сите релевантни институции при донесувањето на одлуката за изборот на модалитетот на работа на училиштата во новата учебна година, да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост, односно да обезбедат соодветни услови за нивно непречено вклучување во образовниот процес“, стои во реакцијата на ХМК.



912

X