Совремието бара родителите повеќе време да поминуваат на работа, а помалку да им останува за децата. Ова време за игра со децата би го надополниле бабите и дедовците – вели Кристина Лефкова, психолог и психотерапевт
Тие отсекогаш имале многу важно влијание врз децата, a особено во денешно време, бабите и дедовците се повеќе од добредојдени. Децата можат многу да научат, да слушнат приказни од друго време, да изградат заеднички спомени.
Децата имаат право да растат и да се развиваат во благопријатни услови, да имаат семејство, топол дом и образование. Бабите и дедовците се есенцијален дел на семејството и придонесуваат за создавање на условите потребни за развој на детето.
Кристина Лефкова
Го надополнуваат времето што го немаат родителите
Бабите и дедовците се личности многу потребни во оформувањето на личноста на детето, вели психологот и психотерапевт, Кристина Лефкова.
– Децата голем дел од времето поминуваат со телефоните, компјутерите и пред телевизорите. Бабите и дедовците најчесто го користат времето да играат со внуците или за прошетки надвор од домот, на тој начин оттргнувајќи ги од телефоните, компјутерите и телевизорите. Совремието бара родителите повеќе време да поминуваат на работа, а помалку време да им останува за децата. Ова време за игра со децата би го надополниле бабите и дедовците – вели Лефкова.
Таа нагласува дека улогата на бабите и дедовците е грижа и воспитување на децата, но само како дополнување на родителската грижа и воспитувањето.
– Родителите се главни носители на одлуките поврзани со детето, но би било добро да се слушне и мислењето на бабите и дедовците. Искуството што го имаат тие е бесценето и истото треба да се искористи. Бабите и дедовците се херои во детските фантазии, тие се воедно создавачи на приказни и актери во истите. Кога станува збор за внуците, бабите и дедовците најчесто ги забораваат правилата и принципите што ги имале кон своите деца. Нивната улога во детскиот живот е многу важна и е повеќе од неопходна. Раскажувајќи ги нивните животни искуства тие им овозможуваат на децата да се запознаат со животот. При раскажување на приказни, најчесто моментално смислени, ги поттикнуваат децата да ја развиваат својата фантазија, зборовите од приказните да ги претворат во слики, што, пак, води кон развивање на апстракното мислење, кое е многу важно во понатамошниот живот – вели психологот.
Сами со баба и дедо
Од бабите и дедовците децата најчесто учат практични работи кои не се учат на училиште, со што се поттикнува желба за истражување и експериментирање кои се неопходни за учењето во иднина.
– Сите деца сакаат да имаат баби и дедовци и да поминуваат време со нив. Некои деца секојдневно поминуваат време со родителите на нивните родители, а други само за викенд. Играњето со бабите и дедовците ги зајакнува и развеселува децата и тие сакаат на своите другарчиња да им раскажуваат за нив. Во случаи кога бабата и дедото се физички отсутни во детскиот свет, децата наоѓаат нивна замена во блиската околината. Ова укажува на важноста на овие личности во детскиот свет и затоа е многу важно децата да поминуваат време со нив – посочува Лефкова.
Децата понекогаш имаат потреба да бидат сами со бабите и дедовците и да поминуваат време заедно. Тоа не значи дека децата ги избегнуваат родителите.
– Заедничкото време е добро за сите три генерации – бабите и дедовците се чувствуваат корисно, бидејќи им е доделена улога на чување внуци, родителите, освен што имаат прилика да одморат, го учат детето да биде независно од нив и да се развива како посебна личност, а децата имаат прилика да учат од бабите и дедовците –вели нашата соговорничка.
912