Од платено породилно отсуство до универзална детска грижа, Финска го затвора родовиот јаз. Што може да научи остатокот од светот?

За поголемиот дел од светот, нордиските земји претставуваат митски рај за родова еднаквост и хармонија на семејството, каде што легии среќни татковци ги туркаат количките на улиците, релаксираните мајки уживаат во долго платени породилни отсуства, а децата уживаат во здравата исхрана и здравиот животен стил.

Според неодамнешниот извештај на ОЕЦД, Финска е единствената земја во развиениот свет каде што татковците поминуваат повеќе време со децата отколку мајките. Извештајот за глобален родовен јаз ја рангира Финска како втора наједнаква земја во светот во 2016 година, а „Економист“ неодамна ја оцени како трета најдобра земја за мајките што работат.

Родова еднаквост, но и права на детето

Како Финска стигна дотука и што другите може да научат од оваа нордиска нација? Станува збор за колективна акција и политичка волја, за силна традиција на социјалната демократија. Но и за една клучна разлика: не станува збор за она што е добро за возрасните, туку за она што е добро за децата.


„Ова е прашање на родовата еднаквост, но и прашање за правата на детето“, вели Анарика Сарико, финската министерка за социјална работа, една од шесте министерки во владата.

„Не станува збор за правата на мајката или на таткото, туку правата на детето да помине време со двата родитела“.
Финска верува дека татковците играат клучна улога во развојот на децата. Владата им нуди на татковците девет недели породилно отсуство, а во текот на отсуството државата им плаќа 70 отсто од нивната плата. За да ги поттикне татковците да користат породилно отсуство, Финска неодамна ја почна кампањата


„Време за татковците“ со летоци на кои е прикажан градежен работник како радосно турка детска количка.
„Сакаме поголем број татковци да земаат породилно отсуство. Важна е поврзаноста меѓу бебето и таткото – раните години од животот на децата се од витално значење“, додава таа.

Долго наследство на женскиот напредок

Додека се залага за татковците, Сарико е пример за тоа како мајките во Финска се ослободени од ограничувањата на мајчинството. Таа е 33-годишна и има тригодишно дете кое оди во градинка. И нејзиниот сопруг работи со полно работно време.
„Можам да бидам млада жена и министерка. Мојата ситуација не е абнормална. Во Финска е нормално да се комбинираат работата и семејството – не е лесно, но не е невозможно“.

Моменталната состојба на Финска го одразува долгото наследство на женскиот напредок. Земјата беше втора во светот што им даде на жените право на глас и прва што во 1906 година им даде целосно политички права. Денес, 42 отсто од пратениците се жени.
„Финска беше сиромашна земја каде што жените работеа со мажите, а сите заедно по војната го отплативме долгот кон Русите“, вели Паулина Ахокас, директорка на „Тампере хол“, најголемиот конвенциски центар во нордиските земји. „Но жените веќе долго време се вклучени во донесувањето одлуки – веруваме дека тоа води до најдобрите улоги“.

Социјална поддршка уште пред да се роди детето

Финската држава се стреми да им обезбеди на мајките и на татковците значајна социјална поддршка уште пред нивното дете да се роди. Кога родителите имаат дете во Финска, тие не мора да се грижат за огромната медицинска сметка. Згора на тоа, во изминатите 80 години финската држава исто така ги наградува родителите со „кутија за бебиња“, исполнета со важни работи за бебето, вклучувајќи вреќа за спиење и душек во неутрални бои. Се смета дека оваа кутија ѝ помогнала на Финска да постигне една од најниските стапки на смртност кај новороденчињата во светот.

Откако ќе се роди бебето, Финска им дава на мајките околу четири месеци платено породилно отсуство, а на татковците повеќе од два месеца платено породилно. Згора на тоа, двојките можат да поделат дополнителни плус пет месеци платено родителско отсуство.

Градинките се прекрасни, школувањето е без стрес

Дури и по завршувањето на породилното, еден родител има право да остане дома, да добива по 450 евра месечно и да се врати на истото работно место по 3 години. Повеќето родители, вклучувајќи ги и мајките, се враќаат на работа – кога ќе го направат тоа, државата обезбедува универзална детска нега.
„Не се чувствуваме виновни што ги оставаме децата во градинка бидејќи градинките се прекрасни. Блиску се, и луѓето што се грижат за нив се прекрасни“, вели менаџерот на продажба, Томас Аспијала.

Градинките во Финска се најдобрите во светот, а учениците имаат најдобри резултати на ПИСА-тестирањата.
„Тука школувањето не е нешто за кое луѓето се под стрес“, вели 37-годишната Нора Ахмед-Моше.

Ставовите на финските компании се прогресивни. Овде повеќето луѓе почнуваат со работа околу 8 часот наутро и завршуваат помеѓу 16 и 17 часот.
Владата постојано работи на подобрување на овие бројки. Оваа година финската влада покрена Меѓународна награда за родова еднаквост како дел од прославите по повод 100 години независност – ќе му даде 150.000 евра на едно лице или организација што ќе ја нагласи родовата рамноправност на глобално значаен начин.

Извор:

 



912

X