Се прашувам дали поголема опасност за децата претставува можноста од зараза со Ковид-19 во училишните клупи или, пак, поголема опасност ги демне во виртуелната реалност на социјалните мрежи и сопственото постоење единствено како онлајн-персона?

Пандемијата на Ковид-19 го преврти светот наопаку и ги измести од нормала животите на сите луѓе на планетава. Ги исфрли од колосек сите општествени текови и ги направи неизвесни сите нешта што ги сметавме за сигурни, од правото на слободно движење до правото на образование. Беа воведени ограничувања, невидени и незамисливи во модерното општество. Од 11 март 2020 година во нашата држава училиштата се затворија за редовна настава, на учениците им беше оневозможен пристап во училишните згради, запре детскиот џагор на несопирливите игри и дружби во училишните дворови.

Во првите денови на соочување со непознатото одредена сигурност даде подготвеноста на учесниците во образовниот процес да го прифатат предизвикот на организирање и изведување онлајн-настава.

Да почнеме со некои позитивни случувања.

Од 16 март 2020 година на националниот сервис беше воспоставено редовно емитување на едукативната програма ТВ-училница со обработка на содржините од еден наставен предмет дневно за секое одделение основно образование, како и содржини за предучилишно образование, во просечно времетраење од околу 15-тина минути по содржина. Во реализацијата на ТВ-училницата се вклучија наставниците од основните училишта и градинките. Истовремено, на интернет-страницата на Бирото за развој на образованието беше воведено „Едуино“, именувано како национална платформа за образованието, на која можат да се најдат „видеоколекции, ресурси, игри и разни активности за поддршка на воспитно-образовниот процес“ со цел „да прерасне во колективна платформа на која, заедно со учениците, наставниците и родителите, ќе се креираат, проверуваат и објавуваат нови ресурси и материјали, градејќи ја првата национална библиотека на дигитални едукативни материјали во нашата држава.“ И „ТВ-училница“ и „Едуино“ добија свои јутјуб-канали.

Министерството за образование и наука на училиштата им даде насоки да ги користат оние онлајн-алатки и платформи што им се достапни и на наставниците и на учениците без да се инсистира на една единствена платформа за далечинско учење бидејќи таква сè уште не е воспоставена.

Проф. д-р Слаѓана Јакимовиќ

И така, во државава секое училиште, односно секој наставник самостојно или во договор со родителите и учениците избра на кој начин ќе ја реализира наставата (електронска пошта, училишен блог, Вибер, Зум, Скајп, Гугл класрум, Фејсбук..). Течеше онлајн-наставата, учениците со помош и надзор од родителите ги работеа домашните задачи, проектите, квизовите, тестовите и притоа учеа како да ги користат онлајн-алатките. Учебната година заврши во регуларниот рок, а учениците добија оценки по сите предмети во согласност со упатството за оценување изготвено од МОН и стекнаа свидетелства за завршено одделение.

И сѐ ќе беше во ред, можеби, ако верувавме дека може да се стави знак за еднаквост меѓу онлајн-настава и образование. Но дали ОНЛАЈН-НАСТАВА=ОБРАЗОВАНИЕ? Тврдам дека овие два процеса не се ниту еднакви ниту еквивалентни. Да се осврнеме на некои важни функции на образованието и да видиме како тие беа реализирани во рамките на онлајн-наставата.

Најочигледна за сите нас е образовната функција на образованието. Се очекува дека во основното образование учениците стекнуваат знаења и вештини неопходни за нивното понатамошно образование и за подоцнежно успешно функционирање како граѓани на современото општество. Дали оваа функција е остварена? Како знаеме? Како се спроведе оценувањето на постигнувањата на учениците? Дали учениците добија објективна повратна информација за своите постигнувања? Сигурни ли сме дека учениците се подготвени за следното одделение, дека го научиле она што требало да го научат, дека го реализирале својот потенцијал во однос на постигнувањето на предвидените образовни стандарди?

Дали, воопшто, се знае дека секој од учениците следеше некој вид онлајн-настава? Колку ученици ги следеа редовно видеолекциите на ТВ-училница или на Едуино и ако ги следеа, какви се ефектите? Проблемот е што корисникот на ТВ-училница или на Едуино нема свој идентитет во неа, нема двонасочна комуникација, а ученикот е пасивен гледач на презентацијата и нема можност за интеракција, со што мотивацијата за следење драстично опаѓа.
Не е воспоставен механизам за мерење на ефектите од следењето онлајн-настава преку ТВ-училница, Едуино и други дигитални платформи.

Како родител на дете кое заврши петто одделение, имав можност да проследам неколку видеолекции по математика. Вознемирува фактот што некои од нив очигледно не биле подложени на стручна проверка, а биле поставени на платформата, односно на јутјуб-каналот. Недопустливо е некои часови по математика да содржат суштински материјални грешки, непрецизности или делумни вистини или, пак, разработката на некои математички содржини да биде направена на толку површен начин што наместо стратегии за решавање, се наведуваат правила за помнење и примена небаре се рецепти. Во некои од нив наместо развој на математичкото мислење, се нуди математиката како активност која нема логичка заснованост, што е во целосна спротивност со природата на математиката како хумана дејност. Грешките сами по себе не се проблем, кој работи, тој и греши. Проблем е отсуството на механизам за проверка и поправка.

Во време на криза од вакви размери, утешна е помислата дека сите сме исти, дека нема разлики меѓу нас кога сме соочени со последиците од оваа заедничка опасност. Но, таа утеха е лажна. Отсуството од настава во училиштето и немањето директна комуникација со другарчињата во паралелката и со наставниците нема исти последици врз сите деца. Можеби некои семејства благодарение на својот социо-економски статус, професионален или образовен профил на родителите или благодарение на можноста за работа од дома можат да им обезбедат на своите деца комплетна поддршка за постигнување повисоки нивоа на разбирање при изучувањето содржини со помош на онлајн-алатките. Но, некои семејства не се во можност да го сторат тоа, барем не континуирано ако се работи за долг временски период.

Она што го дава наставата со физичко присуство во училница е учење со поддршка од наставник (професионалец платен од државата) во средина со врсници кои учат заедно низ заемна интеракција. Во природно-математичкото подрачје особено е важно учењето по пат на истражување во комбинација со директната и систематска демонстрација на начини на размислување и на различни стратегии за решавање проблеми од страна на наставникот, со можност за имплементирање диференцирани пристапи од страна на наставникот во согласност со индивидуалните потреби на учениците врз основа на увидот кој го стекнува наставникот во непосредната комуникација со учениците на часот. Невозможно е да се очекува секој родител да биде наставник по секој предмет на своите деца и да им овозможи подлабоки разбирања во сите наставни подрачја.

Истовремено, во наставата организирана со физичко присуство на учениците во училиште се одвива и процес на социјализација, една од виталните функции на воспитно-образовниот процес. Во период на физичка изолација на учениците во сопствените домови се случува и социјална изолација од врсниците. Во непосредната врсничка комуникација, без филтрите за модификација на изгледот, без можноста за разубавена или „снепчетувана“ верзија на самиот себе, младите личности имаат можност да учат да се прифаќаат и себеси и своите другари онакви какви што се. Го развиваат своето социјално јас во однос на своите врсници заедно со своето физичко јас.

Во виртуелниот свет во кој сите пријатели се совршено среќни и физички совршени секогаш, каде што нема мозолчиња, сите носеви и уши се со совршена големина, сите заби се бисерни, сите фризури беспрекорни и сите имаат неверојатно забавни доживувања овековечени со непрекинати објави, тешко е да се изгради здрава перцепција за себе и за другите. А ако образованието се сведе на онлајн-настава во текот на подолг временски период (повеќе месеци), сите деца ќе емигрираат во виртуелната реалност и ќе се отуѓат од своите врсници, но и од самите себе.

Се прашувам дали поголема опасност за децата претставува можноста од зараза со Ковид-19 во училишните клупи или, пак, поголема опасност ги демне во виртуелната реалност на социјалните мрежи и сопственото постоење единствено како онлајн-персона? Зарем во време кога целото општество се враќа во нова нормалност и постојат протоколи за функционирање на сите сегменти од општеството, учениците треба да бидат надвор од средината која треба да е најбезбедна за нив, училиштето? Или пак ние, возрасните, не сакаме да ја прифатиме одговорноста да го организираме наставниот процес во училиштата, со сите тешкотии и пречки што неминовно ќе се појават, затоа што полесно е да ги затвориме децата дома?

Впрочем, каква порака им се испраќа на децата? „Деца, образованието е важно, но не е толку важно за да се потрудиме да ве вратиме во училиштата и тоа сега, кога сите други продолжуваат со редовните активности под посебни протоколи.“ Сигурно не се обидуваме да им пратиме порака на нашите деца дека тие се мали, кревки и неодговорни, а ние великодушно однапред им простуваме и ги ослободуваме од одговорноста да учат како да се однесуваат правилно и со почит кон своето здравје, здравјето на своите другарчиња и здравјето на своите блиски. Уште една важна функција на образованието е негувањето позитивни вредности и градењето општествено одговорни граѓани.

Правото на образование е основно човеково право, гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија. Кога наставата се реализира со физичко присуство на учениците, вклученоста на учениците во образовниот процес е составен дел од функционирањето на училиштето. Во услови на организирање на наставата само со онлајн-алатки во последните три месеци од минатава учебна година, дали секој ученик во нашата држава навистина го оствари своето право на образование?

Фото: КолектиФ Прес

Сите се сложуваме дека најважно од сѐ е да се заштитат ранливите, а да се овозможи секое дете да ја следи наставата во согласност со процената за неговата здравствена и психо-физичка состојба и притоа да не се предизвика штета наспроти претпоставените придобивки. Постојат можности за приспособување на наставата според индивидуалните потреби, а онлајн-алатките се одличен придружник на редовната настава, но не и нејзина целосна замена. Нивното користење има свои ограничувања и тие мора да се имаат предвид.

Се надевам дека образовните власти, заедно со здравствените, ќе прифатат дека одлуките за образованието на нашите деца треба да се донесуваат во процес на отворена и искрена комуникација со учениците, со родителите и со наставниците за индивидуалното добро на секое дете и на општеството во целина.

Автор: Слаѓана Јакимовиќ, доктор по математички науки и редовен професор по математика, Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје



912

X