Пандемијата измени многу мозоци. Да, добро прочитавте, мозоци!

Просветните работници, одеднаш, се грижат за учениците кои немаат свои компјутери, па не се знае како ќе се следи онлајн-наставата. Не можам сега да вршам подлабока социолошка и психолошка анализа на гореспоменатите. Сакам само накратко да кажам:

Многу потфрливме како учители. (УЧИТЕЛ – оној што учи некого, на пример, ЈАС)

Децата се дигитализираа самите. Ние се дигитализиравме самите, не размислувајќи за децата. И што добивме? Некогаш постоеја добри форуми за дискусија на одредени теми. Потоа се појави „Фејсбук“. По некое време престанавме да копаме по фејсбук-фармата, па почнавме малку да дискутираме.

Е, потоа дискусијата почна да замира, а неа ја замени поставувањето фотографии од нашите совршени животи. Јас во цвеќе. Јас со торта која само што сум ја замесила, иако на неа има декларација од слаткарница. Јас на море, згодна во костим за капење. А датумот на фотографијата впишан од фотографот кој ја изработил на средината од 90-тите години…

Јас, горда што детето ми завршило основно образование! Зарем тоа е најголемиот успех на родителите, кога детето ќе заврши основно. Горда мајка.

Станав тетка на мал ангел! (секогаш стануваат тетки на ангели, никогаш на ѓаволчиња)

Полека, полека, дојде и „Инстаграм“. Тој го покажа вистинското лице на сите нас! Таму нема дискусија. Само фотографии. Таму сме уште посовршени отколку на „Фејсбук“. Од „Фејсбук“ заминаа младите и не оставија нас, старците, малку да дискутираме некаде. Децата ни се поделени на егзибиционисти и воајери. На оние што до бесвест споделуваат свои полуголи или полупијани фотографии и оние што само зјапаат во тие фотографии, сакајќи еден еден да влезат во нови патики и со виски или пиво во раката. Тоа ни донесе дигитализацијата без образование.

Тука потфрливме како УЧИТЕЛИ!

Не ги научивме да користат телефони и компјутери за образование. Не за школување. За образование. Затоа им е тешко онлајн да се школуваат, а не затоа што немаат со што да ја следат онлајн-наставата!

И што добивме? Децата да не умеат да испратат е-пошта. Да не умеат да пишуваат на тастатура, само да ги споделуваат своите фотографии и да лајкнуваат туѓи. Умеат и да ставаат емотикони! Дигитализирани наши злата!

Сега, работа ни е од егзибиционисти и воајери да се обидеме да направиме соговорници и дискутирачи. Ќе биде многу тешко. Но, што би рекол Јован Јовановиќ Змај: „Кој не се обидува, никогаш нема нешто да направи!“

Па да се обидеме.

Автор: Ивана Бошњак Бошњак

Извор



912

X