Доцното прозборување поради различни проблеми може да се пренесе на понатамошните фази од детскиот развој, најчесто во училишниот период. За училишните проблеми како последица од тешкотиите со говорот зборува логопедот д-р Наташа Чабаркапа.

Во секоја ситуација кога говорот доцни (без разлика дали се работи за доцнење на развојот на разбирање или недоволно разбирање или, пак, доцно прозборување и оскуден речник), тоа се пренесува во понатамошните фази од развојот и детето има тешкотии да ги совлада вештините и знаењата што се усвојуваат во претшколскиот и школскиот период.

Училишните проблеми (проблеми во читањето, пишувањето, разбирањето на прочитаното и слично) најчесто се јавуваат на крајот од првото одделение или во текот на трето одделение. Следниот „критичен период“ се јавува во петто одделение, односно периодот кога детето преминува од учителка кај наставници. Со самиот премин се зголемуваат обврските и барањата, па и проблемите стануваат повидливи. Се случува училишните проблеми да се јават, односно да се препознаат и порано, во прво или второ одделение, а тогаш е и најефикасен и најуспешен третманот.

Училишните проблеми главно се последица од недоволно развиени визуелни перцепции и внимание, аудитивни перцепции и внимание, несовладана анализа и синтези на гласови во зборовите, неразвиен фонолошки слух. Некои од причините за појавата на сето наведено, а подоцна и на училишните проблеми, е несовладаноста на односот дел/целина првенствено на телото, а потоа во природата и опкружувањето и неопределеноста за доминантна рака (лева или десна), око, уво или несогласување во определеноста (на пример, ако е доминантно левото око, а раката десна, може да дојде до некој од наведените проблеми).

За да се спречи појавата на училишните проблеми, потребно е детето пред тргнување во прво одделение, односно во претшколскиот период, да го совлада сето наведено. Доколку сепак дојде до училишни проблеми, потребно е да се направи сеопфатна процена од страна на експерти (логопед, реедукатор на психомоторика, психолог, педагог за сензорна интеграција) врз чија основа ќе се предложи и ќе се изврши соодветен третман. Добрата процена е важна за да се направи разлика помеѓу несовладани техники на читање и пишување, дислексија, дисграфија, дискалкулија и специфични училишни проблеми.

Автор: д-р Наташа Чабаркапа, логопед

Извор



912

X