За да одговориме на законските обврски (годишната програма да биде доставена до 15 август) и да се испочитуваат роковите, сите што се вклучени во изготвувањето на програмата работат од дома, вели директорка на основно училиште од Општина Центар

Дел од наставниците и педагошката служба во основните училишта во земјава мора и летово да работат додека го користат годишниот одмор зашто Министерството за образование и наука – МОН доцна им наложило да изготват годишна програма според нов правилник. Поради доцнењето, директорите не можат да организираат програмата според новиот правилник да ја прават наставници што не се на одмор. Така сега ја изготвуваат оние што се на одмор, а претходно направената (според стариот правилник) ќе пропадне.

Новиот Правилник за формата и содржината на развојната и годишната програма за работа на основното училиште МОН го прикачил на својата страница на 7 јули. Програмата, пак, училиштата се обврзани да ја достават до општините, кои се нивни основачи, до 15 август. Директори на училишта велат дека се ставени во позиција да мора да им даваат работни ангажмани на наставници, педагози, психолози вонредно. Тие не добиле најава дека во овој период ќе се објави новиот правилник, ниту пак да подготват план за организација.

– Оваа нова форма што сега се подготвува содржи значајни и суштински разлики во однос на претходната. Според Законот за основно образование, Годишната програма треба да се достави до основачот најдоцна до 15 август. Ако размислиме, временски има доволно време да се изработи во рок, но проблемот е во тоа што во изготвување на програмата работи тим кој, покрај стручна служба и директор, го сочинуваат и наставници, а до 15 август наставниците користат колективен годишен одмор. За да одговориме на законските обврски и да се испочитуваат роковите, сите што се вклучени во изготвувањето на програмата работат од дома – вели директорка на основно училиште од Општина Центар.

Во училиштата се создал револт поради доцнењето од МОН.

– Како директори мораме да им го скратиме правото на користење на годишен одмор. Повеќето училишта веќе ја имаат направено годишната програма и ја имаат предадено во општините, но таа е составена според стариот правилник. Не е во ред. Според член 177 од ЗОБ, основното училиште во рок од шест месеци од денот на неговото влегувањето во сила ја усогласува својата организација, работа, Статут и другите акти со овој закон. До донесувањето на овие акти се применуваат постојните акти на основното училиште. На МОН му требаше речиси една година за да изготви правилник – вели директорка на училиште од скопска населба.

Од МОН, пак, велат дека согласно член 180 став 1 од новиот Закон за основното образование, подзаконските акти предвидени со самиот закон треба се донесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на 5.8.2019.

– Правилникот за формата и содржината на развојната и годишната програма за работа на основното училиште е веќе усвоен и согласно него треба да биде конципирана новата развојна и годишна програма за работа на училиштата и доставена до основачот најдоцна до 15 август. Работата на училиштето ја организира менаџментот, односно директорот, кој истовремено е и претседател на комисијата за изработка и усвојување на развојната и годишната програма за работа и одговорен за извршувањето на нејзините задачи согласно посочениот правилник – стои во одговорот од МОН.

фото: Борче Поповски

На прашањето дали е во ред да добиваат ангажмани додека користат одмори, од Министерството објаснуваат: „Согласно колективен договор, наставниците го користат годишниот одмор во текот на летниот распуст согласно распоред кој ќе биде прифатлив за сите и одобрен од раководството на училиштето“.



912

X