Најчесто дехидратацијата настанува поради повраќање, дијареја и фебрилност или доколку дојде до комбинирање на сиве овие фактори, вели д-р Драгана Емел-Маркоска
Дехидратацијата е значаен губиток на течности од детскиот организам. Во овој процес, освен вода, се губат и електролити. Тие, меѓу другите функции, обезбедуваат и правилна распределба на водата и правилно одвивање на биохемиските процеси во нашиот организам. Примарни електролити се натриум, калиум, магнезиум, хлор, калциум, хидрогенкарбонат и фосфати.
Во нашиот организам постојат процеси со кои се губи дел од водата и електролитите, но и процеси со кои тие се надополнуваат, па на тој начин постои рамнотежа. Доколку од одредени причини настане негативен баланс, т.е. губитокот на вода и електролити е поголем од внесот, настанува процес на ДЕХИДРАТАЦИЈА.
Д-р Драгана Емел-Маркоска
Зошто се дехидрира?
Причини поради кои може да настане губиток на вода и електролити се:
• Покачена телесна температура;
• Хипервентилација;
• Потење – за секое покачување на надворешната температура над 30 Целзиусови степени треба да се зголеми внесот на течности за 30 мл/кг телесна тежина;
• Повраќање;
• Дијареја/пролив;
• Одредени нарушувања на цревниот тракт;
• Полиурија.
Најчесто дехидратацијата настанува поради повраќање, дијареја/пролив и фебрилност или доколку дојде до комбинирање на сиве овие фактори. Многу ретко другите нарушувања на цревниот тракт се среќаваат како фактор за настанување на дехидратацијата.
При појава на дехидратација треба да имаме на ум дека освен губиток на вода има губиток и на електролити, па така велиме дека има три типа дехидратација – изоосмоларна, хиперосмоларна и хипоосмоларна дехидратација.
Дали ќе се развие и кој вид дехидратација ќе се развие, не зависи само од губитокот на вода и електролити, туку и од внесот на течности што детето ќе ги прими во тие моменти и секако зависи и од заштитните механизми што се активираат во овие моменти.
Симптомите на дехидратацијата зависат во прв ред од степенот на истата, т.е. од величината на актуелниот дефицит. Постојат три степени на дехидратација – благ, умерен и тежок степен. Степенот на дехидратацијата се одредува врз основа на клиничката слика и знаците што се присутни.
Знаци за дехидрираност
Симптоми на дехидратацијата се: пропаднати (вовлечени) очи, сув јазик, сува уста, жед, намалено уринирање или сува пелена кај бебиња, потоа вовлечена фонтанела кај бебињата, плачење без солзи, бледило на кожата, сува слузница, намален тургор на кожата, пад на телесната маса, забрзано дишење, забрзан пулс, поспаност и летаргичност кај децата.
Во летните месеци најчести инфекции во детската возраст се вирозите кои предизвикуваат проливи и повраќања. Тие започнуваат одеднаш со појава на фебрилност, повраќање и пролив по контакт со други деца. Доколку се појават овие симптоми, не е потребно веднаш да се оди на лекар, туку најдобро е да се контактира вашиот матичен педијатар и во договор со него да се започне домашно лекување.
Кога на лекар?
Симптоми и знаци што би ви укажале веднаш да се јавите на лекар се: висока температура над 39,5, која не може да се намали, повраќање и пролив, кои не може да се контролираат, крв во столицата, абдоминални болки кои не се намалуваат и зголемено уринирање.
Најдобро е, доколку сте во можност, првиот преглед при вакви состојби да биде кај матичниот педијатар/лекар. При овој преглед врз основа на анамнезата и знаците, ако е потребно и со одредени лабораториски иследувања, се утврдува степенот на дехидратацијата.
Како да го дадеме електролитниот раствор?
Потоа се започнува со лекување. Најчесто станува збор за лесен или умерено тежок степен на дехидратација и состојбата на детето дозволува да се почне лекувањето со орална рехидратација, односно со електролитен раствор кој се раствора во вода и му се дава на детето.
Електролитниот раствор се дава голтка по голтка или мала количина, па се прави пауза и повторно се продолжува со давање на растворот.
Кој електролитен раствор и во колкава количина ќе се употреби, одредува педијатарот во зависност од состојбата на детето. При изборот на електролитот се внимава и на вкусот со цел да е привлечен за децата за соработката со родителите да биде успешна. За дехидратација и нејзиното лекување да завршат дома, многу е важна соработката меѓу лекарот, детето и родителот.
Доколку станува збор за доенче или дете кое сè уште цица, тогаш се препорачува почесто и кратко доење и доколку има потреба, се вклучува и електролитен раствор.
Тешкиот степен на дехидратација или умерен степен на дехидратација кај деца што не соработуваат се одвива во болнички услови со интравенска рехидратација.
Најважно од сè е да знаеме како да се спречи дехидратацијата – доколку се најдете во услови кога вашето дете повраќа или има пролив, му нудиме на детето течност и храна, се советуваме со лекарот и почнуваме да му даваме и електролитен раствор.
Како да одбереме кој електролитен раствор ќе му го дадеме на нашето дете?
Примарно што ни одредува кој електролит ќе му го дадеме на нашето дете е начинот на кој се раствора прашокот и во која количина вода се раствора, секако, и вкусот, но и нешто на што исто така секогаш треба да се внимава е составот – во електролитните раствори за деца треба да има помало количество на натриум за да се спречи настанување на една состојба – хипернатремиска дехидратација.
Затоа во изборот на електролитот најдобро е да ни помогне нашиот матичен педијатар/лекар или доколку не сме во можност да го посетиме педијатарот, изборот да го направиме со фармацевтот во нашата омилена аптека.
Автор: Д-р Драгана Емел-Маркоска, педијатар
912