Родителите што имаат темпераментни деца треба да обрнат посебно внимание на тоа да им помогнат во развојот на здрави навики во исхраната. Овие деца имаат поголема веројатност да развијат лош однос кон храната, тврдат истражувачите од Норвешкиот универзитет за наука и технологија.

Темпераментот често се поврзува со бесот, но всушност се работи за нешто многу поголемо од тоа. Темпераментот е основниот начин на детето со кој се справува со средината и со себеси. Може да се смета за претходник на она што се нарекува карактер кај возрасните. Темпераментот го вклучува начинот на кој детето размислува и се однесува, низ ситуациите во текот на времето. На пример, дали детето се фрустрира лесно и дали му е тешко да ги регулира емоциите или, пак, има способност да ги регулира импулсите и да заврши задача дури и кога е изморено? Дали детето е отворено, љубопитно и има истражувачки дух или е малку анксиозно во нови ситуации и со нови луѓе?

Темпераментните деца потклекнуваат кон емоционално јадење и повеќе јадат бидејќи храната е достапна

Се разбира дека родителите се важни во развивањето здрави навики во исхраната кај детето. Тие се луѓето што ја купуваат и подготвуваат храната, па се одговорни за оброците. Исто така се и пример за децата и влијаат врз нивните навики на тој начин што и самите имаат некаков однос кон храната што ја консумираат, но и начин на кој се однесуваат кога се работи за исхраната на детето. (На пример: „Мора да вечераш пред да добиеш десерт“). Истражувачите го покажале ова во неколку претходни студии, а новата студија покажува дека сопствените карактеристики на детето исто така имаат улога во развојот на навиките за исхраната. Кога приближно 800 деца имале 4, 6, 8 и 10 години, истражувачите ги прашале родителите за навиките во исхраната на нивните деца, како и нивниот темперамент, па испитувале дали темпераментот може да предвиди како ќе се развиваат тие нивни навики. Откритијата покажале дека децата за кои често се мисли дека се темпераменти (на пример, лесно се фрустрираат, побрзо го менуваат расположението од другите и сл.), полесно развиваат навики во исхраната кои може да доведат до нездрава тежина и тешкотии со храната и јадењето.

Почесто потклекнуваат кон емоционално јадење и повеќе јадат бидејќи храната е достапна, иако може да се заситени, па исто така стануваат и лица кои повеќе пребираат во однос на храната. Децата со овој темперамент покажуваат и поголемо изгладнување подоцна во животот, базирано на емоции – односно, кога се тажни, анксиозни, лути, или исплашени, јадат помалку.

Важно е да се воспостават здрави навики во исхраната во текот на детството бидејќи често тие навики продолжуваат и кога навлегуваме во тинејџерските години и возрасната доба. Добрите навики во исхраната се важни за да се има добар однос кон храната и јадењето и да се избегне прекумерната тежина, тврдат истражувачите. Навиките во исхраната не се однесуваат само на тоа што јадеме, туку и како се поврзуваме со храната и јадењето.

Дали ја користите храната како утеха?

Дали сте пребирливи или ги сакате сите видови храна? Дали јадете брзо или бавно? Дали јадете додека чинијата целосно не се испразни иако сте заситени? Дали ја користите храната како утеха? Ова се карактеристики кои се дел од нашите навики во исхраната и тие може да влијаат врз тоа што и колку јадеме, па следствено на тоа и на нашата тежина. Со оглед на тоа дека темпераментните деца се поранливи на развивање нездрави навики во исхраната, уште поважно е родителите да обрнат посебно внимание на оваа тема. Тоа може да биде дополнителен предизвик за нив, со оглед на честото менување на расположението кај овие деца. Често ќе треба да се справат со негативните емоции на децата.

Претходна студија покажала дека ако детето лесно се повредува емоционално, родителите повеќе се насочуваат кон тоа да ја користат храната како утеха за него. Тогаш тоа учи дека храната помага кога чувствува лутина, тага или други тешки чувства – па тоа доведува до емоционално јадење со текот на времето. Иако родителите не се совршени – а и не треба да бидат, сепак свесноста треба да биде на малку повисоко ниво, со цел да се помогне и да се поддржат децата на патот кон градење здрави навики во исхраната и нивно успешно справување со емоциите, без поголеми последици.

Извор



912

X