Ние имаме брилијантни наставници на кои совршено им е јасно што се случува. Но, имате и наставници кои не им се јавија на децата дома. Ние сме засегнати со многу предизвици што не чекаат

Мое мислење е дека не пристапивме соодветно на целава ситуација со учење од дома. Требаше уште во мај да почнеме сериозно да се подготвуваме. Концептот кој го работи Министерството за образование и наука е во ред, но ние немаме конкретни реализации и подготовки на тоа што ќе се случува. Ова го истакна проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, на дебатата за тоа што нè очекува од 1 Септември кога треба да почне школската година и која во моментов е во тек на Факултети.мк и на Деца.мк.

Освен Барбареев, во дебатата учествуваат Елизабета Наумовска, заменик министерка за образование и наука, Александра Максимовска Стојкова, проф. на Правен факултет, Ана Поризова училиштен психолог „Орце Николов“, Владислав Бидиков ИТ инжинер на ФИНКИ, како и заменик министерот за здравство Арменд Арслани.

– Петстотини илјади луѓе девно се вклучени во образовниот систем. Гледате како деновиве загриженоста на родителите е сериозна, особено за деца во раната детска возраст, бидејќи тие немаат навики на учење и немаат таков однос кон обврските. Ние требаше како факултети да бидеме вклучени институционално во целиот процес на подготовка за тоа што следува. Треба да знаеме ние како родители дека тоа што следи ќе биде како што треба. Ние сме до 40 дена пред почеток на школска година, а ние за 40 дена стан не можеме да средиме, а не систем – истакна Барбареев.

Тој потенцира дека треба да се има предвид фактот што има училишта без компјутери, нема соодветна инфраструктра, нема опрема, а немаше ниту обуки за наставниците.

– Требаше подинамичен период да има зад нас. Зборувам од аспект на тоа дека требаше да се даде друга култура на комуникација внатре во системот. Во Хрватска, 100.000 луѓе беа вклучени во реформата на образовниот систем. Тоа беа критики, но со предлози од аспект на тоа како трбаше да се поврзе педагогијата и технологијата и на она што треба да е нов образовен систем. Ние имаме брилијантни наставници на кои совршено им е јасно што се случува. Но, имате и наставници кои не им се јавија на децата дома. Ние сме засегнати со многу предизвици што не чекаат. Се надевам дека ова што го прави МОН ќе спои интердисциплинарни тимови, кои подинамично ќе се занимаваат со овие прашања – рече професорот.

Бидиков истакна дека има комбинирани аспекти кои треба да се разгледаат.

– Ќе треба да измислиме хибриден режим со кој ќе се одржува онлајн настава. Правењето на платформа не е проблем, добар ИТ тим може тоа брзо да го сработи. Сите основни и средни училишта може да ги средиме за кусо време, тоа е техничка работа. Но, тука не завршува ништо. Едно е час по математика да се одржи во училница, друго е онлајн со 10 деца, 20 деца, 30 деца. Треба да најдеме соодветни ресурси за креирање на образовните програми, како да се обезбеди солидна Интернет конекција. И тука нема да е проблем платформата, туку ќе биде проблем тоа што во ист момент ќе треба да користите четири уреди. За трето одделение треба да има една платформа, за четврто друга платформа. Ако имаме тим од дидактички експерти, ИТ инжинери, педагози, јас сум сигурен дека може да се функционира. Но, таа платформа ќе биде залудно ако има градови и села во кои нема Интернет. Секој наставник, дете, училиште е различно. Во овој период на онлајн настава, ги натеравме децата за 10 педмети да научат 10 платформи. Тоа беше стрес за нив, а воедно и преголем замор за родителите – истакна Бидиков.



912

X