Влогот на наставниците е многу важен за ученикот да се ангажира околу некој предмет. На пример, биологијата ми ја приближи начинот на работа на предметниот наставник Ѓорѓи Шапрданов, а физиката ми ја приближија класната Цветанка Илиоска и мојата баба, која е професорка по физика, вели олимпиецот во природни науки, кој во декември се закити со сребрен медал во Доха, Катар

Да се постигне успех на меѓународна олимпијада е многу долг и тежок пат. За да се квалификуваш за учество во македонскиот олимписки тим, мора да си еден од десетте најдобри на државните натпревари по една од трите природни науки – физика, хемија или биологија, па два квалификациони натпревари. Најдобрите шест ученици од овие натпревари се избрани да ја претставуваат Македонија – вели Никола Спировски од Скопје, кој беше член на Меѓународната јуниорска олимпијада што лани се одржа во Доха, Катар. Оттаму се врати со сребрен медал.

Никола годинава беше полуматурант во Основното училиште „Јохан Хајнрих-Песталоци“ во Скопје, каде што беше прогласен за првенец на генерацијата. Тој вели дека тоа е уште една потврда за заедничките успеси со неговите ментори.

– Училиштето ми даваше огромна поддршка низ годините. Дури и организираа пречек на аеродромот кога слетавме од Катар! Би сакал уште еднаш да се заблагодарам за таа поддршка – вели Никола.

Тој веќе го одбра својот следен предизвик – ќе учи во средното „Јахја Кемал“ во Скопје. Овој талент за природните науки најмногу ја сака математиката. На прашањето што го привлекува во природните науки, тој вели дека му е интересно работењето на комплексни проблеми и разбирањето како „нештата функционираат“ за потоа тоа знаење да може да се примени практично.

– Најблиска ми е математиката. Се надевам дека ќе продолжам да се надградувам во оваа наука и ќе се обидам да решам еден од математичките проблеми на „Милениумската награда“ – проблеми што не се решени повеќе децении – вели Никола.

Какво доживување се меѓународните олимпијади? За него, самите подготовки биле посебни.

– Беше многу интересно на подготовките за лабораториски експерименти – една мала грешка и морате да почнете од почеток или ќе настане некоја неочекувано интересна реакција. Секако, за мојот успех заслуга имаат и професорите од Природно-математичкиот факултет со нивната огромна помош и поддршка. Од самиот натпревар најинтересна е разликата во димензии на сѐ што се случува – има стотици деца со врвно ниво на знаење, огромни простори за натпревар и сите задачи се многу потешки – вели првенецот на генерација.

Никола (во последниот ред во средина) заедно со учениците што се подготвуваа за олимпијада, во просториите на ПМФ

Олимпијада не се само задачите и очекувањата, надвор од натпреварите учениците имаат можност да се сретнат со повеќе култури, на државата-домаќин, но и на децата од други држави.

– На пример, при посетата на Националниот музеј на Катар впечатлива беше разликата во историјата пред пронаоѓање на нафтата и периодот отпосле. Во слободното време се дружевме со другите учесници. Игравме кошарка со деца од Грузија, Ирска и Бурма – вели Никола.

Секогаш е убаво кога се сеќаваме на нашите наставници. Никола вели дека за неговите почетоци во математиката заслужна е одделенската наставничка Ема Зафирова, која уште од прво одделение го пријавила на натпреварот „Кенгур“, а потоа добил поддршка од наставничката Билјана Чешларова.

– Влогот на наставниците е многу важен за ученикот да се ангажира околу некој предмет. На пример, биологијата ми ја приближи начинот на работа на предметниот наставник Ѓорѓи Шапрданов, а физиката ми ја приближија класната Цветанка Илиоска и мојата баба, која е професорка по физика – вели Никола.

Сега, откако го заврши основното образование, Никола знае што не му се допаѓало во изминатите години во однос на наставата. Вели дека е многу полесно да се работи во помали одделенија, а тој учел заедно со 33 ученици.

– Програмата по природни науки и математика е премногу едноставна. Немаме услови за експериментална работа во основно – нема опрема, ниту доволно часови – посочува тој.

Поддршка од своите другари

Природните науки не се единствената работа што го интересира. Од четири години Никола тренира тенис во ТК „Југ“, а тренинзите му одземаат околу 7 часа неделно.
– Освен тенисот, како и сите други врсници, читам стрипови, гледам филмови и играм видеоигри – завршува Никола.

Со своите ментори и наставници



912

X