Одговори за проблемот на асистентите побаравме од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, од организацијата УНДП, која е поддршка на проектот, како и од Министерството за труд и социјала, институција која заедно со други државни институции ја реализира владината програма Општинско-корисна работа, во рамките на оперативниот план на активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот. Според одговорите што ги добивме, решение за овие лица засега нема
Асистентите на учениците со посебни образовни потреби што работеа во училиштата во Карпош реагираат дека неодамна одговорните во Општината без најава им ги раскинале договорите за работа. Тие реагираа до редакцијата на „Деца.мк“ и објаснуваат дека иако барале одговори од институциите во врска со проблемот, сепак не ги добиле. Меѓутоа, проблем немаат само овие асистенти, туку многумина низ целата држава.
Одговори побаравме од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, од организацијата УНДП, која е поддршка на проектот, како и од Министерството за труд и социјала, институција која заедно со други државни институции ја реализира владината програма Општинско-корисна работа во рамките на оперативниот план на активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот. Според одговорите што ги добивме, решение за овие лица засега нема.
Останавме без приходи во време на криза
– Ги раскинаа договорите со нас, асистентите на учениците со посебни потреби, кои бевме дел од проектот „Образование без пречки“ финансиран од УНДП и општините. Ова, за жал, не е случај само во Општина Карпош, туку слично се случи во Општина Центар, Општина Ѓорче, Општина Кисела Вода, Општина Гази Баба, Општина Ресен, Општина Охрид, Струга, Општина Крушево, Општина Тетово, Општина Кривогаштани и други. Според програмата, која беше изгласана од страна на Советот, проектот трае за време на учебната 2019/2020 година. Со раскинување на договорите многу асистенти од општините останавме без примања за време на кризата. Иако изговорот на Општината е дека ние, асистентите, нема потреба да добиеме надомест затоа што децата не посетуваат настава, немаат предвид дека ние активно продолживме да работиме онлајн од дома. Се работи за загрозена егзистенција на сите 280 асистенти од цела држава и не сме опфатени со ниту една владина мерка – стои во писмото што ни го испратија, потпишано од триесетина асистенти.
Надомест од 7.400 денари и договори на дело наместо вработувања
Во исто време, велат асистентите, изгласан е Закон за основно образование, според кој секој ученик со посебни образовни потреби има право на образовен или личен асистент што ќе биде платен од Министерството за образование и наука.
– Законот е изгласан и стапи во сила на 5 август 2019 година. Во членот 88 е наведено дека личните и образовните асистенти треба да бидат вработени и во член 19 се наведува дека треба да бидеме платени од буџетот на Министерството за образование. Но, за жал, секоја година ни прават договори на дело од септември до јуни, така веќе четири години по ред, и платата што ја земаме е 7.400 денари и притоа не сме здравствено, ни пензиско осигурани. Односно, не сме вработени, ниту осигурани, работиме хонорарно за многу ниска плата која, а а таа ни ја укинаа во овој кризен период. Притоа исплатата доцни секој месец, а сега нè оставија без никаква егзистенција; патат и децата со посебни образовни потреби поради тоа што не можат да ни се обратат – се додава во писмото.
Асистентите реагираат што локалните власти не ја земаат предвид нивната специфична дејност. Коментираат дека пренатрупаната јавна администрација не изгубила ниту дел од своите приходи за време на кризата, па со оглед на тоа, лицемерен е, како што велат, изговорот на општините дека на асистентите не треба да им се исплатат надоместоците поради тоа што децата не посетувале настава.
– Иако голем дел од нас работевме онлајн со децата за време на кризата. Си ги бараме нашите права кои се законски и легитимни и се потврдени од повеќе адвокати и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Пративме и барање до Општина Карпош и одговорот беше небулозен, а од УНДП не добивме никаков одговор. Пративме барање и до Министерството, но не нè удостоија со никаков одговор. Бараме законска исплата на нашата плата и вработување според Законот за основно образование – потенцираат асистентите во писмото.
Објаснување побаравме од градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој во кус разговор за „Деца.мк“ рече дека носител на овој проект е УНДП и дека е нивна одлуката за стопирање на ангажманот на асистентите.
Ангажманот на асистентите е дел од владина програма
Сепак, УНДП не е носител на проектот, како што ни рече Богоев, а тоа ни го потврдија во организацијата. Таа е само поддршка на овој проект за ангажирање на асистентите. Оттаму објаснуваат дека овој ангажман на асистентите на децата со посебни образовни потреби во училиштата е всушност дел од владината програма.
– Активностите и ангажманот на невработените лица како даватели на социјални услуги се дел од владината програма Општинско-корисна работа, во рамките на Оперативниот план на активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот. Програмата се реализира од повеќе релевантни владини институции (МТСП, АВРСМ, МОН) и локалните самоуправи, со поддршка на УНДП МК. Во периодот од 2012 до 2019 во програмата Општинско-корисна работа биле ангажирани околу 2.600 невработени лица како испорачувачи на социјални сервиси за речиси 54.000 крајни корисници од ранливи категории на локално ниво – велат оттаму.
МТСП: Од новата учебна година ќе има нова селекција на асистенти
Прашањето за образовните асистенти и поддршка во наставата е прашање што е од делокругот на работењето на МОН. Врз основа на Законот за основно образование, за поддршка на учењето за учениците со попреченост основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за процена и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма.
– Од новата учебна година селекцијата на асистентите ќе се спроведува врз основа на јавниот повик за селекција и избор на образовен/личен асистент. Селекцијата и изборот на образовен/личен асистент, како и обуката на образовен/личен асистент, ќе ги спроведува училиште со ресурсен центар. Во однос на програмата Општинско-корисна работа и услугите што се испорачуваат преку неа, а управувана од страна на АВРСМ и УНДП во соработка со општините, во услови на пандемија и препораките за спречувањето на ширењето на вирусот, односно прекинот на наставата во сите училишта во државата, беше оневозможено и спроведувањето на дел од активностите – велат од МТСП.
912