Не е докажано дека вирусот опстојува во солена или слатка вода! Но, ова не треба да дава чувство на лажна безбедност бидејќи вирусот е присутен насекаде околу нас

Дали да го држите детето на дистанца на плажа? Може ли да се зарази од песок, во вода, од играчка која несвесно ќе ја стави в уста? Дали водата е сто отсто безбедна? Ова е прво лето во услови на пандемија на Ковид-19. Животот продолжува, но не опуштајте се, вели д-р Сашко Олумчев, специјалист по епидемиологија во подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија. Со него разговараме за заштитата од Ковид-19 додека сме на одмор, на што најмногу да внимаваме, што секогаш да имаме со себе.

Д-р Сашко Олумчев

Нaјчестите дестинации се езеро и море, па летувалците ќе бидат на плажа. Кои се основните нешта за заштита од Ковид-19 што треба да ги понесат со себе?

– Покрај основните средства за заштита од УВ-зрачењето и изгорениците предизвикани од сончевите зраци, приоритет треба да се даде на личната хигиена. Одржувањето на личната хигиена е од особено значење, како во сместувачкиот капацитет така и на плажа. Задолжително понесете дезинфекциски средства во вид на гелови за раце и тоа со основа на алкохол. Доколку не сте во можност да го направите тоа, користете сапун и вода по секоја манипулација, особено со предмети за заедничка употреба.
Понесете со себе средство за дезинфекција на површини со кое задолжително ќе ги пребришувате површините и рачките на вратите барем двапати дневно.

Доколку немате такво средство, пребришете ги со влажни марамчиња кои потоа ќе ги фрлите во кесе предвидено за фрлање отпад. Проветрувајте ја собата најмалку двапати дневно. Доколку користите клима-уред во просторијата, обидете се да го користите за разладување на просторот додека не престојувате во него. Вклучете го клима-уредот пред да излезете од собата и исклучете го кога ќе се вратите. Проветрете ја просторијата десетина минути и потоа престојувајте во неа. Ова нека ви биде секојдневна рутина бидејќи клима-уредите се идеални места за развој на микроорганизмите.

Во сместувачките капацитети ќе постојат однапред изготвени протоколи за движење и однесување кои ќе мора да ги почитувате во интерес на вашето, но и на јавното здравје. Секако дека ќе има задолжителни патеки на движење, одржување минимална дистанца, особено во објектот, но и надвор од него, на плажа или на базен.

Сите што планираат одмор на море или езеро, нека ја почитуваат минималната дистанца од најмалку 1,5 метар од другите корисници на плажата или базенот. Според светските стандарди, предвидената површина за едно 4-члено семејство која гарантира безбедност е 16 квадратни метри, но доколку тоа не е организирано, обидете се да се самоорганизирате со тоа што самите ќе одржувате дистанца од другите корисници на плажата или базенот.

Вечерните прошетки се задолжителен дел и востановена рутина за време на годишниот одмор. Внимавајте на растојанието при прошетката. Задолжително носете заштитни маски! Кога влегувате во продавница, бидете трпеливи и почекајте. Одржувајте растојание и задолжително дезинфицирајте ги рацете и на влез и на излез од продавницата. Истото направете го и на вашите деца, бидејќи тие се љубопитни и допираат разни предмети, особено играчки, кои им се привлечни. Сепак, ако можете, минимизирајте ги ваквите прошетки. Тие се најсериозно место каде што можете да се заразите со оглед на тоа што на мала површина има голема концентрација на луѓе со непроверен здравствен статус. Запаметете, не секој е одговорен како вас! Затоа придржувајте се до препораките и превентивните мерки бидејќи вашето и здравјето на вашите деца зависи од вас!

Нa почетокот на епидемијата се сметаше дека децата до 10 години не се подложни на зараза, но се покажа спротивното. На што да внимаваат родителите додека се со децата на плажа? Што да им дозволуваат, а што да им забрануваат?

– Децата се социјални битија кои сакат да се дружат. Тоа е невозможно да се спречи бидејќи нивната желба за дружење и запознавање нови другарчиња е посилна од сѐ.
Пред да појдете на одмор обидете се да им објасните, секако доколку возраста го дозволува тоа, дека би било убаво да се дружат, но да не употребуваат или разменуваат играчки. Особено е важно да не ги ставаат играчките в уста. Сите знаеме дека ова е „невозможна мисија“ и затоа по секоја игра задолжително измијте ги рачињата на вашето дете со вода и сапун и дезинфицирајте ги со гел за дезинфекција. Со текот на времето тоа ќе ви стане рутина. Верувајте – тоа е најдобра превентивна мерка.

Дали вирусот може да се пренесува преку размена на играчки, песок, преку вода? И дали има разлика меѓу слатка и солена вода?

– Доколку се користат заеднички играчки, иако не е докажано, можност секојпат постои, иако е минимална. Настојувајте вашето дете да користи сопствени играчки кои претходно ќе ги пребришете со влажни марамчиња кои содржат дезинфициенс или алкохол. Пренесувањето на вирусот преку песок е многу малку веројатно затоа што песокот во летниот период е загреан на температура која го уништува вирусот. Не е докажано дека вирусот опстојува во солена или во слатка вода! Во базените водата е хлорирана со концентрации на хлор кои го убиваат вирусот.

Но, ова не треба дава чувство на лажна безбедност бидејќи вирусот е присутен насекаде околу нас. Затоа држете безбедно растојание и за време на капењето. По излегување од водата, доколку постојат услови, истуширајте се и тоа по можност со средство за капење. Потоа останете на сонце уште најмалку 15 минути. Цело време додека сте на плажа заштитувајте ја главата за да спречите појава на сончаница. Можете да развиете симптоми како што се главоболка, висока температура и премаленост, кои несреќно можат да бидат помешани со симптоми на Ковид-19 и беспотребно да бидете изложени на вонредни и непотребни лекарски интервенции.

Што е пресудно за заштита од Ковид-19 додека сме на плажа?

– Физичката дистанца е најбезбедна мерка. За сите што планираат одмор на море или езеро, почитувајте ја минималната дистанца од најмалку 1,5 метар од другите корисници на плажата или базенот. Ако стандардната предвидена површина од 16 квадратни метри за едно 4-члено семејство не е организирана, обидете се да се самоорганизирате и одржувајте дистанца. Светските стандарди и протоколи предвидуваат престој на плажа два пати во денот, не подолго од три часа. Тоа е сосема доволно и препорачувам да се почитува!

Иако вирусот е непредвилив, секој носител има различни симптоми, има и асимптомски носители, сепак има знаци кои укажуваат на опасното заболување. Кои симптоми укажуваат дека можеби се заразени, и што прво да направат?

– Досегашното искуство покажува дека најголемиот број позитивни лица се асимптоматски носители на вирусот. Самата болест може да не даде никакви симптоми или да даде едвај забележлива симптоматологија која лесно може да биде занемарена.
Доколку ви се зголеми температурата, вам или на вашето дете, ако почувствувате премаленост или болки во мускулите, гребење во грлото или сува непродуктивна кашлица, консултирајте се со лекар. Еден од поспецифичните симптоми е губењето на осетот вкус и мирис. Доколку се случи тоа, задолжително посетете здравствена установа!

Д-р Олумчев во заштитна опрема

Вирусот постои и веројатно ќе го има уште подолго време. Почитувајте ги препораките на здравствените работници и превентивните заштитни мерки: носете заштитна маска, држете препорачана дистанца и дезинфицирајте ги рацете. Тоа нека биде дел од вашето секојдневие. Резултатите од самодисциплината и самоодговорноста секогаш се видливи. Имајте доверба во здравствените работници и во здравствениот систем. Ние сме тука за вас и секогаш ќе се грижиме за вашето здравје!



912

X