Ова се предлози за неколку визуелни игри со кои децата го набљудуваат просторот околу себе, а можат да се играат насекаде – на планина, во парк, во училница… Доколку ги пробате, ќе видите дека на креативноста ѝ нема крај
Како да ги поттикнете децата подобро да го набљудуваат светот околу себе?
Децата што многу време во текот на денот се изложени на екрани од технолошки уреди не посветуваат доволно внимание на луѓето и на работите што ги опкружуваат. Децата, пак, што се хранат или јадат додека гледаат телевизија или каков било друг уред, го прават тоа механички и не стапуваат во контакт со сетилото за вкус, а со тоа губат дел од својата сензорна активација која треба да биде во согласност со когнитивните и менталните способности.
Вештините на набљудување треба да се развиваат и практикуваат цело време. Затоа, како психолог ви предлагам неколку визуелни игри со кои децата го набљудуваат просторот околу себе, а можат да се играат насекаде – на планина, во парк, во училница… Доколку ги пробате, ќе видите дека на креативноста ѝ нема крај.
1. Гледам нешто што почнува на буквата…
Ова е популарна игра која може да се игра со деца на сите возрасти. Ги поттикнува да набљудуваат. Детето си избира предмет кој го гледа во училницата или дома во дадена просторија, а другите треба да погодат кој е тој предмет. Одговорот може да биде: книга, кутија, бела табла или нешто друго. Тој што погодува е следен и избира објект.
2. Опиши ја облеката на детето или оној што седи до тебе.
На тоа може да следува: Се сеќаваш како беше облечен вчера? Оваа игра може да ја игра и целото семејството дома, седнато во круг.
3. Погледни ја оваа слика…
Одберете ваша семејна слика или можеби слика од списание, сликовница или книга и кажете му на детето да опише што гледа. Се поставуваат прашања од типот: Што прават луѓето? Зошто кучето лае? Каде се движат животните? Поставувајте дополнителни прашања за да го натерате да ги бара и деталите на сликата.
Христина Стефановска, лиценциран психолог
4. Што гледам?
Оваа вежба треба да им понуди на децата можност да ја почувствуваат сликата што ја гледаат. Ги прашувате: Која е најтемната боја? Кој е најсветлиот дел? Како се чувствуваш? Така децата учат внимателно и свесно да ја гледаат сликата користејќи ја својата имагинација и фантазија.
5. Ставете неколку предмети на послужавник и покријте ги со крпа.
Потоа крпата се отстранува и полека му се покажува на детето, така што тоа би можело да ги види предметите. Потоа крпата повторно се става врз предметите, а детето треба да каже гласно на кои елементи се сеќава.
Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог во Здружението „Хармоничен свет“
912