Кога партнерите емотивно се здрави и зрели луѓе, ќе изнајдат начин и модалитети да го заштитат својот брак од претерани влијанија, но истовремено не исклучувајќи ги и негувајќи ги односите со поширокото семејство

При стапување во брак партнерите треба да бидат свесни дека потекнуваат од семејства кои по многу нешта се разликуваат. Откривањето на разликите е реален предизвик, но само нивното прифаќање овозможува врската да прерасне во сериозен однос.

Партнерот се прифаќа како личност со намера со него да се помине цел живот и да се формира заедничко потомство.

Процесот на осамостојување на секоја индивидуа треба да заврши пред стапување во брак. Бракот подразбира и прифаќање на родителите, на роднините и на пријателите на партнерот. Обемот на нивното мешање ќе зависи од зрелоста на самиот партнер, но делумно и од други фактори, меѓу кои и економската зависност од родителите и животот во заедницата.

Поширокото семејство може да даде несебична помош и поддршка, може да биде пасивно и дистанцирано. Постојат ситуации кога најблиските сакаат да остварат поголемо влијание во бракот на своите деца. Има родители кои не може да се ослободат од потребата непрекинато да ги советуваат и штитат нивните веќе возрасни деца.

Родителот не може засекогаш да го задржи своето потомство. Неговата помош ќе биде целисходна доколку е реална и добронамерна и без страв дека со неа ќе ја загуби неговата љубов. Одговорни и посветени родители воспитуваат среќни деца чие осамостојување ќе го доживуваат колку со радост толку и со гордост.

Живеењето во заедница има свои предности. Доколку се внимава да не се развие или продолжи преголема зависност од ставовите на родителите, постојат многу аргументи што му даваат предност на ваквиот начин на живеење:
– Во заедница има повеќе членови, што е претпоставка за поголем извор на приходи;
– Секојдневните обврски се распределуваат меѓу повеќе лица;
–  Си помагаат меѓу себе во тешки ситуации;
– Непосредно ги споделуваат среќните моменти.

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доколку реално се прифати ваквата ситуација, со меѓусебно почитување и уважување, брачните партнери полесно ќе побараат совет, помош или поддршка од своите родители. Со нивното искуство реално може да се очекува да се збогатат вредностите на нивниот живот или стандардот на живеење. Со засновањето на бракот пожелно е партнерите недвосмислено да ја прифатат заедницата како самостоен систем, со сопствени развојни фази и начини на решавање на тешкотиите.

Кога партнерите емотивно се здрави и зрели луѓе, ќе изнајдат начин и модалитети да го заштитат својот брак од претерани влијанија, но истовремено не исклучувајќи ги и негувајќи ги односите со поширокото семејство.

Автор: Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог, професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин“ – Свети Николе и Битола



912

X