Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Јас сум родител на две деца, син стар 7 години и ќерка – 4 години. Мојот син на 7 години веќе е второ одделение. На училиште го запишавме на 5 години и 9 месеци, но и останатите деца во класот се по 2 -3 месеца разлика. Материјалот солидно го совладува, веќе знае да чита и да пишува самостојно (математиката послабо му оди), не заостанува многу зад другите деца. Но имам проблем со тоа што воопшто не сака да комуницира со децата и учителката. На поставено прашање не дава одговор, исто така, не следи инструкции, едноставно си тера по свое и претежно молчи. Често заборава да каже што има за домашна. Се нервира ако погреши со домашната, му објаснувам дека е во ред да се погреши, да се обиде повторно, но бесцелно.
На сопствениот роденден седна во еден ќош и се однесуваше како гостин, а не како славеник и воопшто не се дружеше со децата. Во продавница досега сам нема отидено за разлика од сите негови врсници што често одат сами. Кога го прашувам зошто не оди, ми вели дека се срами и тоа му е оправдување за сè.
Кога сме сите дома, сите разговараме, комуницираме, а тој како да е во некој негов свет, ништо не го интересира, не поставува прашања и за ништо не пројавува интерес. Ако го прашам нешто, знае само гримаси да прави, да го плази јазикот или да испушта неартикулирани звуци, што не е соодветно за негова возраст.
Нема да кријам дека често е на мобилен телефон или пред телевизор и се трудам што помалку време да ги користи.
Секој викенд одиме на село, таму нема ни интернет ни компјутер, по цел ден сме надвор, ако играме некоја друштвена игра, не сака да учествува, се лути. Порано си играше со деца на улица, а сега воопшто не излегува. Го прашувам дали сака да ги види другарчињата од училиште, а ми одговара со НЕ. Домашна сам не пишува, мора јас до него да сум цело време.
Често е љубоморен на својата сестра, ми вели дека неа повеќе ја сакам, дека ѝ кажувам браво, а нему не.
Се трудам да балансирам, искрено нему повеќе му посветувам внимание, сестра му е претежно со бабите, бидејќи градинките не работат. Строга сум, знам да го повишам тонот, некогаш и го казнувам кога ќе претера, но често се гушкаме, си кажуваме колку се сакаме, дека тој е најдобро дете на свет, но изгледа тоа не е доволно. За разлика од него, сестра му има тотално спротивен карактер, комуницира со сите, свесна е за себе, постојано поставува прашања, љубопитна е, некогаш како таа да му е постара сестра, се грижи за него.
Ве молам ако може да ме насочите како понатаму да продолжам да работам со син ми? Јасно ми е дека е интровертна личност, но како да му помогнам да се вклопи во својата средина и социјално да се активира?
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Задача на нас, родителите, е да го воспитуваме, учиме детето и да го охрабруваме развојот на неговата личност колку што можеме најдобро. Секогаш однесувањето на детето е резултат на чувства и потреби. Честопати децата кога чувствуваат непријатни емоции (тага, осаменост, несигурност, чувство на срам или вина, љубомора…), всушност, го покажуваат тоа однадвор како лутина.
Читајќи ја вашата порака, прво добив чувство дека вашето дете е луто поради нешто и дека сам се има тргнато настрана и се има ставено во позицијата во која е. Пробајте да имате поотворена комуникација, да ги ослушнете неговите потреби и да ги вербализирате неговите емоции. На пример: „Се чини дека си лут, поради што?“, „Не сакаш да се дружиш со тој и тој, од што ти е срам?“, „Кога ми се плазиш со јазикот, не ми е јасно што значи тоа, дали сакаш да ми објасниш, а ако не сакаш, тогаш како да знам како се чувствуваш и што ти треба?“
Плазењето, правењето гримаси и неартикулираните звуци на вашите прашања се агресивно однесување, пробајте да откриете која е пораката зад тоа. Не викајте, кога се вика, никој не слуша… Потрудете се да поразговарате и да се осмели да ви каже зошто го прави тоа.
Многу е убаво што сè повеќе време поминувате за викенди во село, во природа. Кога сте во село, прво него прашајте го да предложи некоја игра, или да предложи што да правите сите заедно. Не инсистирајте многу, туку пријдете му со прашања што тој сака.
Секој родител различно се однесува со секое дете баш поради самиот темперамент на детето, поради неговата единствена личност. Веројатно поразлично се однесувате со неговата сестра која, како што рековте, е покомуникативна, љубопитна, свесна за себе, дури и се грижи за него. Таа е поснаодлива, а е и помала од него. Може да се случи несвесно да давате порака, а понекогаш и да кажете или искоментирате пред него како таа е итра, храбра, сè може, а тој е сосема подруг, дури и таа се грижи за него, му помага. Поради тоа, тој и реагира, вели дека повеќе ја сакате и фалите.
Може да се случи вашиот израз тогаш да е повоодушевувачки, да изгледа дека сте посигурни во неа, додека тој е некако помал, не умее, не може, тешко му е.
Ако родителот не е усогласен со темпераментот на детето, ќе биде потешко да се разберат неговите потреби. Ако тој не влегува во вашиот свет, тогаш влезете вие во неговиот, секако, почитувајќи го неговото време за да биде сам и да работи што сака.
Од друга страна, поставувајте граници, тие ќе му даваат чувство на сигурност, па границите да бидат јасни, цврсти, но нежни. Исто така, давајте му задачи дома, да помага при поставувањето на масата за јадење, да го фрла ѓубрето (направете мала кеса за него), да ја среди собата, да ви помогне во нешто што работите, на пр., да го миете автомобилот итн. Ако само игра на телефонот и гледа телевизија, тогаш нема зошто да се почувствува вредно дека сторил нешто. Кога шетате, почнете да вежбате купување, застанете пред некоја трафика, вие бидете до него, но тој да купи. Потоа проширете го купувањето во најблиската продавница, тоа да биде спонтано, да плати на каса, а подоцна да почне и сам да купува.
Рековте дека вашето дете е веќе второ одделение и дека добро ја совладува наставата. За да го помине првото одделение, секако дека комуницирал на некој начин со учителката, и веројатно има некое другарче со кое комуницира или споделува кога е во училиште.
Како е со комуникацијата со роднините или блиските пријатели, дали игра со нив, дали разговара?
Почнете полека да се одделувате од него за пишување домашни, на почетокот седнете до него, тој да ја прочита задачата гласно и да почне да пишува или кога ќе научи, да го прашате. Подоцна станете, кажете дека сте тука, да ве повика кога има потреба. Можеби сето ова ќе бара повеќе време и трпеливост, но со време ќе се научи и сам да седи и да пишува. Покажете дека имате доверба во него, дека умее.
За грешките не обрнувајте големо внимание со: „Во ред, си погрешил, знам дека ти е тешко сега, но одиме понатаму“, „ Што мислиш, каде си погрешил?“ На овој начин не им се дава големо време на грешките, па да се тешите и на крај од една мала грешка, кога ѝ се дава толку големо внимание, да стане голема, туку се насочувате на решението: каде сум згрешил за да поправам, на кој начин…
Ако детето пројавува интерес за некој спорт или некоја активност, би било добро да го вклучите, активни деца се и здрави деца.
Честопати интровертноста се поистоветува со срамежливоста. Срамежливото дете е срамежливо поради стравот од неуспех, но тоа порано или подоцна ќе излезе од својата школка, потребна му е помош да излезе и да се соочи со своите одлуки кои се базираат на стравот. Додека интровертното е затворено дете кое е совршено добро кога е само, избира самостојни активности и е далеку од различните социјални случувања. Тоа е негов избор бидејќи така најмногу му одговара и тоа за него не претставува проблем. Интровертните деца се независни, флексибилни и одговорни, имаат добро развиени вештини за внимание и концентрација, многу се креативни и имаат аналитички вештини кои им овозможуваат полесно да се справат со сложени ситуации, имаат добар увид во себе и се во можност да соработуваат со другите, како и да развиваат долготрајни блиски пријателства.
Тие не секогаш се срамежливи, не мора да значи дека ќе доживеат социјална вознемиреност како што е случај кај некои срамежливи деца. Обично тие имаат добри социјални вештини и уживаат во луѓето, но во помали дози и во помали групи.
Детето може да биде и луто, и љубоморно, и срамежливо, но најважни од сè се комуникацијата, топлината и прифаќањето.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912