Пред вас имате пет одделенија а вие треба да прегледате домашна работа, да обработите нова наставна содржина, за помалите да организирате и игри, да ги слушнете учениците, да одговорите на нивните прашања и сето тоа треба да биде сработено во 40 минути
Да се предава и да се учи во комбинирана паралелка, е голем предизвик. Во комбинирана паралелка, деца од различни одделенија учат и работат во исто време со само еден наставник. Тој треба да умее добро да менаџира, да предава лекции на различни теми, да им дава наставни ливчиња на ученици од различни одделенија, да појаснува нејасни нешта наизменично по неколку предмети – и сето тоа, на еден час.
Теоретски, познато ни е што е комбинирана настава, но како таа изгледа во практика? Какви се предизвиците со кои се соочуваат наставниците што работат во овие паралелки? За овие прашања, поразговаравме со Гордана Бошначка, наставничка во подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во Јосифово (Грчиште), која 10 години предава во комбинирана паралелка. Ни раскажа како изгледа наставата сега, кога се учи на далечина, а и во училница.
Гордана Бошначка
Наставничката Гордана им предава на пет ученици, а секој од нив е во различно одделение, почнувајќи од прво до петто. На еден час се случува, на пример, да поставува равенки на табла, а веќе во следниот момент да чита текст по македонски јазик за да може да ја реализира наставната програма и да го предаде предвидениот материјал.
Материјали за сите предмети, за секое одделение
Во овој период откако трае вонредната состојба и се учи на далечина наместо во училница, таа редовно комуницира и со учениците и со родителите. За секој ученик во различните одделенија посебно подготвува материјали и на секој му го посветува потребното внимание.
-На пример, им испраќам на родителите материјали кои се потребни за учење, односно домашни задачи. Имаме група на „Фејсбук“, па ако треба да дадам домашно на детето во трето одделение, го тагнувам неговиот родител за да биде полесно. Редовно комуницираме, објаснуваме, учиме заедно. Децата се исполнителни, имам и одлична соработка со родителите – вели таа.
Децата мора да ги чекаат родителите да им отворат на „Фејсбук“ бидејќи се мали и не можат сами да си видат што имаат за домашно.
-Децата не се самостојни во техничкиот дел, па затоа и малку подоцна ми ги праќаат домашните работи. Ние сме земјоделски крај, а родителите освен земјоделство работат и во конфекции, по цел ден се на работа, но имам разбирање – раскажува наставничката.
„Кога ќе кажам дека сум наставник, не привлекувам посебно внимание, но кога ќе кажам и на колку одделенија…“
Најчесто кога се претставува како одделенски наставник не привлекува поголемо внимание, вели Гордана.
– Но, кога ќе посочам дека сум одделенски наставник кој работи со пет одделенија, наидувам на низа прашања од типот: ,,Како работите? Што прават другите деца кога вие работите со едно одделение? Па, она што го слушаат сега и догодина пак го учат и им е здодевно?“- раскажува наставничката.
Таа вели дека работата во комбинирани паралелки има своја тежина, но клучна цел на секој наставник е постигнување успех кај своите ученици.
-За успешна работа во комбинираните паралелки, најважна е претходната подготовка и организација на наставникот. Тој треба да го осмисли часот за да бидат сите ученици ангажирани со активност, односно да се сведе на минимум времето на чекање при поделбата на активности и инструкциите од наставникот – вели наставничката.
Приспособен распоред на часови
Наставникот во комбинирана паралелка треба правилно да ги распореди своите обврски кои се составени од административен дел (пополнување на педагошката евиденција), практичен дел (работа со учениците), уредување на училницата, а најважен и клучен дел е работата со учениците при реализирањето на наставата, додава таа.
Изработка на учениците и наставничката
– Важен фактор за успешна реализација на комбинирана настава е приспособениот распоред на часови. Најчесто се прави комбинација од општествени, природни науки, вештини. Не можеме, на пример, да комбинираме математика со физичко и здравствено образование. По одредени предмети (математика и природни науки) наидуваме на спирално учење, со истите теми се среќаваме во сите одделенија, па тоа ја олеснува работата и ни овозжможува на некој начин работење во група. Сите ученици работат иста содржина, но според нивото на способност добиваат различни активности, на пример, при собирање најмалите добиваат едноставни задачи, погорните одделенија посложени задачи со повеќецифрени броеви, текстуални задачи – вели Бошначка.
И наставникот и децата се стекнуваат со вештини
Во комбинирана паралелка треба да се прави баланс помеѓу обврските и изборот на техники и методи при работа. На пример, појаснува Гордана, треба да се направи комбинација од писмено и усно изразување. Додека едно одделение пишува писмена вежба, наставникот предава нова наставна содржина.
-Еден наставен час трае 40 минути. Пред вас имате пет одделенија (од прво до петто). Вие треба да прегледате домашна работа, да обработите нова наставна содржина, во подолните одделенија и игри, да ги слушнете учениците, да одговорите на нивните прашања и сето тоа треба да биде сработено во 40 минути. Во тоа малку време треба да се задоволат сите сегменти на еден час, воведен, главен и завршен дел – додава наставничката.
Од работата во паралелки со комбинирана настава има и предности и за наставникот и за учениците.
-Наставникот стекнува искуство и вештини, организаторски способности, учи подобро да го менаџира времето, да биде брз, јасен и прецизен во обработката на нови наставни содржини. Учениците, пак, учат како да бидат самостојни во извршувањето на нивните активности уште во подолните одделенија. Исто така, учат меѓусебно да си помагаат, активно да слушаат, навремено да ги извршуваат активностите. Бидејки комбинирана настава се изведува во рурални средини каде што бројот на ученици е помал, околината ни нуди широк спектар на истражувачки и набљудувачки активности, што го сметам за голема позитивна страна – раскажува таа.
Секој наставник се стреми да се подобри успехот на учениците, да ги мотивира, да ги активира додека траат часовите и да ги прошири нивните знаења, без оглед на тоа за каква паралелка се работи. Љубовта кон работата и љубовта кон децата ја надминува секоја тешкотија со која се соочуваат во текот на наставата.
Труд на учениците
Во Македонија има 1.004 комбинирани паралелки
Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), во Македонија има 1.004 комбинирани паралелки. Од нив, во 341 учат деца од прво до трето одделение, 279 се од четврто до шесто одделение, а во 57 паралелки учат ученици од седмо до деветто одделение.
Во учебната 2019/2020 година ДЗС евидентирал 981 основно училиште во земјата, а оваа бројка една година претходно била 987. Лани во државата имало 188.102 основци, а годинава бројот е намален за 862 деца и изнесува 187.240 ученици.
912