Поаѓајќи од потребите на современото општество да го одржи чекорот со брзиот научен и технолошки развој, образованието се соочува со потребата за надминување на временската и просторната ограниченост на образовниот процес, вели проф. д-р Весна Макашевска
Во Македонија не постои законска можност за домашно, неконвенционално образование кое би се спроведувало според зацртана национална програма. Досега не можеше да се замисли учениците да учат дома под надзор на родителите, а наставниците да ги испрашуваат и оценуваат на интернет. Но, светската пандемија на коронавирусот го претумба досегашниот начин на образовниот процес, на целиот живот. Дали последните два месеца може да ги гледаме и како генерална проба за иднината на образовниот процес во Македонија? Дали ова треба да ни биде показател, патоказ во кој правец треба да се движат толку посакуваните реформи во нашиот образовен систем?
Педагози велат дека ни е неопходна законска регулатива за учење на далечина, ширење на достапноста на образованието и правото за еднаква можност на сите. Родители што се залагаат за класичен хоумскулинг (homeschooling) или домашно образование велат дека ако имаат поддршка од државата и законска регулатива, би се нафатиле сами да ги образоваат децата. Од Министерството за образование и наука велат дека првите чекори се направени, но нема долгорочна стратегија за ваков вид образование.
Соња Христовска-Угриновска од Скопје е мајка на двајца основци во пониските одделенија и се залага за ваков тип образование. Според неа, пандемијата може да се смета за генерална проба за многу работи што се наметнуваат под максимата „ново нормално“.
Соња Христовска-Угриновска
– Во таа нова нормалност наскоро многу лесно може да влезе и образованието на децата во домашни, семејни услови, што до вчера беше незамисливо за нашиот ригиден образовен систем. Во Македонија државата сѐ уште се смета за некој вид сопственик на нашите деца, кои ги воспитува и образова да станат идни државни поданици, па ги третира соодветно на тоа. Не гледам дека нашиот образовен систем ги учи децата за животот, за животните вештини, за тоа како да поставуваат прашања и каде да бараат одговори, па да израснат во самостојни мислечки индивидуи. Не учат за себепреиспитување и за преиспитување на околината, туку само да ги прифаќаат нештата без да се прашуваат дали утре ќе можат да ги променат доколку не им се допаѓаат. Зарем е тоа во ред? – прашува Христовска-Угриновска.
Во Бугарија веќе четири години е законски овозможено домашно образование, во рамките на националната образовна програма. Така дел од предметите се обврзувачки, останатите се изборни, според афинитетот на секој ученик.
Петер Порумбачанов; Извор: „Јутјуб“
Петер Порумбачанов, претседател на Бугарската асоцијација за домашно образование, со сопругата дома си ги школувале сите четири деца. Тој вели дека една од најважните предности на домашното образование е индивидуалниот пристап во учењето.
Пандемијата – генерална проба за сите
Д-р Весна Макашевска е професорка по методика на наставата по математика и продекан за настава на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа објаснува дека вонредната состојба доведе до примена на различни модели што нудат учење на далечина: ТВ-училница, разни страници за е-учење, е-содржини, па дури и разни групи на социјалните мрежи. Наставниците, професорите, родителите и учениците се ставени во поинакви услови, но тоа не беше пречка да се пронајдат креативни решенија за надминување на тековните проблеми.
Првачиња во класично образование; Фото: Архива
– Практичната примена на учењето на далечина е генерална проба за сите нас. Ова е начин да се добијат конкретни сознанија за нашите реални можности и потреби. Се соочивме со разни проблеми, уочивме недостатоци од законски норми, ги решивме со уредби, правилници за оценување и сл. Но, сето тоа произлезе од можностите и потребите типични за нашата земја. Направивме обид да креираме модел типичен за нашите услови, усогласен со можностите на нашиот кадар, нашите ученици, финансиските можности – објаснува Макашевска.
Таа вели дека како и секое искуство со свои добри и лоши страни, пандемијата треба да ни биде поттик во изнаоѓање можности за осовременување на традиционалниот процес на учење.
– Треба да се насочиме и кон ширење на достапноста на образованието и правото за еднаква можност на сите. Особено кога станува збор за учениците што не можат да ја следат редовна настава поради здравствени или други причини. Ова е добар поттик за експертите од полето на образованието, но и креаторите на образовните политики да преземат конкретни чекори. Во никој случај не треба да се запостави ова искуство, туку да биде основа за натамошна анализа на состојбата и споредба со сличните искуства на другите земји – децидна е Макашевска.
Таа објаснува дека земјите во Европа и во Америка имаат традиција на развиени системи за учење на далечина. Но, имајќи ги предвид условите во кои живееме, економските, но и културните традиции, подобро е да направиме споредба со соседните земји што имаат слични традиции. Според Макашевска, законските решенија во соседните земји предвидуваат примена на облици на настава на далечина. Така, во Хрватска ваков вид настава е предвидена кога ученикот е подолго време отсутен од редовната настава заради лекување. Во соседна Србија во ваков вид настава може да бидат вклучени и ученици со посебни образовни потреби. За разлика од нив, решенијата во Бугарија предвидуваат пошироки можности.
Учење на далечина
– Законските решенија предвидуваат организирање на учење на далечина за учениците што не можат да следат редовна настава поради здравствени причини, за учениците со специјални образовни потреби, надарените или учениците кои се со привремен престој во странство. Поаѓајќи од овие модели и нашите искуства од оваа учебна година, потребно е да се уреди легислативата, да се одреди начинот на примена на учењето на далечина. Или како модел за дополнување на традиционалниот систем на образование или како можност за примена во услови кога не е можна редовна настава. Потоа конкретно да се реализираат активностите поврзани со тоа – вели Макашевска.
Да се согледаат и предностите и недостатоците
Според неа, поаѓајќи од потребите на современото општество да го одржи чекорот со брзиот научен и технолошки развој, образованието се соочува со потребата за надминување на временската и просторната ограниченост на образовниот процес. Учењето на далечина, пред сѐ, овозможува надминување на овие ограничености. Платформите за учење имаат поголема достапност, 24 часа дневно, и во нив може да се вклучи секој без оглед каде се наоѓа. Апликациите се достапни во секое време, а ученикот може да се наврати на материјал што го учи кога ќе има потреба. Времето на учење, но и темпото со кое учи, се усогласени на потребите на оној што учи, што е основен предуслов за креирање персонализирана средина за учење.
– Не треба да се занемари и фактот дека овие платформи се резултат на повеќегодишна работа на експерти од областа на образованието, информатика, педагози, психолози. Тие претставуваат затворени и контролирани системи на учење, наменети за наставниците и учениците. Работата вклучува форми и алатки кои нудат можност за собирање податоци за процесот на учење. На овој начин, преку различните форми: есеите, постерите, виртуелната групна работа и сл., се добиваат податоци за процесот на учење на ученикот – вели Макашевска.
Сепак, додава таа, не треба да се изостават и недостатоците на овој вид настава. Таа бара информатичка писменост на ученикот и треба да се внимава кои ученици ќе бидат вклучени во неа.
– Отсуството на физички контакти со врсниците може да предизвика демотивираност, но и последици врз социјалниот развој на ученикот. Затоа, имајќи ги предвид предностите и недостатоците, треба да се изгради стратегија за комбинирана примена на традиционалниот начин на настава и учење и учењето на далечина како современ начин на учење – вели Макашевска.
Родители би се нафатиле да ги учат децата дома
За разлика од учењето на далечина, кое во различни варијанти е иднината на образовниот процес, Христовска-Угриновска се залага за законска можност целиот образовен процес да биде спроведен од родителите. Таа смета дека квалитетот во нашето образование постојано опаѓа, а државата не дозволува поквалитетна едукација во домашни услови. Таа прашува: „Ако сме слободно општество, во што е проблемот ако децата се образоваат дома – нема да научат?“
– Детската желба за знаење е толку голема, што кога нашиот образовен систем не би ја задушувал, би совладале и многу повеќе од наставната програма по кој било предмет. Во САД 4 милиони деца годишно учат од дома. Истражувањата покажуваат дека овие деца имаат подобри резултати на стандардизираните тестови од нивните врсници во редовно образование, а тоа дури и не зависи од тоа колку се академски образовани родителите! Зошто кај нас не се дискутира за ова? Државата треба да ја отвори и оваа опција за учење наместо со децении да молчи на оваа многу предизвикувачка тема. Лани државата одби да прими во училиштата првачиња што не се вакцинирани од морбили, а на родителите не им понуди варијанта каде да ги образоваат. Уште тогаш требаше системот да обезбеди алтернатива зашто правото на образование е загарантирано со нашиот Устав. Сега пандемијата со коронавирусот ги принуди да размислуваат на оваа тема – вели Христовска-Угриновска.
Соња не го сфаќа семејното образование на начин дека мора да се учи секој работен ден, во одредено време, туку како слобода да се истражува и осознава, да се поставуваат прашања и да се бараат одговори. Таа смета дека зададената наставна програма треба да се спроведува според интересот на ученикот, да се открива слој по слој. Интернетот денес им овозможува на децата да стекнат многу пошироки знаења од кое било училиште затоа што е неисцрпен извор на информации.
– Ако децата ми се образоваат дома, не значи дека јас или сопругот ќе им бидеме наставници за сѐ, ниту дека ќе плаќаме приватни часови по секој предмет. Може да се собираат во групи или повеќе семејства здружено да организираат настава по домовите. Уште поубаво, во природа за време на викенд. Голем дел од материјалите можат да ги разменуваат и онлајн. Децата сакаат предизвици, па темите што треба да ги совладаат може да им бидат понудени преку креативно направен предизвик. Има опции, многу искуства по светот што може да се пресликаат во Македонија или соодветно да се приспособат. Има и многу прашања од типот кој ќе ги чува децата додека се мали, а родителите се на работа итн. Но, на овие прашања не треба да одговараат родителите, туку државата треба да осмисли како процесот на семејно образование да тече непречено. Придобивките од семејното образование се големи и се однесуваат пред сè на детето. Што е многу важно – дома нема врсничко насилство – објаснува таа.
МОН: Ќе разговараме ако се иницира дискусија
Од Министерството за образование и наука велат дека лани заедно со општествени чинители, експертската јавност, граѓанските организации, УНИЦЕФ и други изготвиле нов Закон за основно образование кој обезбедува повеќе права и можности за учениците и наставниците, со фокус на повеќе важни работи, а особено на инклузијата.
– Законот не предвидува опција за т.н. „домашно училиште“, односно home schooling за сите ученици, туку училиштата имаат обврска да организираат учење во домашни услови (или во здравствена установа) само за учениците што отсуствуваат од наставата повеќе од три недели поради здравствени причини. Доколку во меѓувреме се иницира дискусија за разгледување оваа опција да биде дел од законската регулатива и практика во нашиот образовен систем, јавноста ќе биде соодветно информирана и ќе учествува во тој процес – велат од МОН.
912