Откако редовното одење на настава е заменето со учење на далечина, учениците се снаоѓаат на различни начини, а без разлика на новите околности, многумина смислуваат изговори за избегнување на училишните обврски.

За несработени домашни задачи, контролни и писмени работи, главен „виновник“ беше лошиот интернет, што за многумина навистина беше реален проблем и тоа не би било необично ако овој аргумент многу често не го прикажувале учениците кои и на редовните часови ништо не прават.

Во текот на претходниот еден и пол месец се „расипуваа“ Виберот, е-поштата, Гугл-училниците, домашните задачи поради „цркнување“ на компјутерите не можеле да се испратат, а упорните наставници кои во такви случаи барале задачите да се проследат преку телефон се соочиле со оправдувања на своите ученици дека немаат интернет. А сето тоа тие им го кажале пишувајќи на Вибер.

– Го опоменав преку порака на Вибер ученикот кој не ми ја испрати домашната, на што тој одговори дека нема интернет. Кога го прашав како тогаш го користи Виберот, веќе не се огласи – го пренесува своето искуство учителка од белградско основно училиште.

Некои ученици мислеле дека домашните не се задолжителни

На нејзината колешка ѝ испратил една изработена страница од домашната, а за другата, се разбира, немал интернет. Учениците тврделе дека ги направиле домашните, но заборавиле да ги испратат. Поединци уредно испратиле сè што се барало, но нивните е-пораки, од некоја причина,  никогаш не стигнале до наставникот.

Еден татко се обидел да го оправда својот син порачувајќи ѝ на учителката дека домашната е завршена уште пред 5 дена, но останал нем на прашањето од учителката кога го прашала како е тоа можно кога домашната задача ја задала претходниот ден. Има и ученици кои како изговор зошто од почетокот на наставата од дома не завршиле ниту една домашна задача, навеле дека не мислеле оти домашната е задолжителна, бидејќи е вонредна состојба. Споменатите ограничувања со интернетот не спречиле една пожртвувана мајка на ученик од второ одделение да ја заврши домашната задача наместо своето дете и сепак да ѝ ја испрати на учителката, која во пораката се извинила поради доцнењето бидејќи на село се обидува да фати сигнал за интернет.

Но, затоа друга мајка од голем град како алиби зошто нејзиното дете не ги следи ТВ-часовите навела дека го немаат каналот „РТС3“, а кога наставата за нижите одделенија почнала да се емитува на вториот канал од јавниот сервис, се жалела дека кабелскиот оператор им го изгаснал тој канал.

На онлајн-часовите се доцнело не само затоа што децата се успивале, туку некои морале да појадуваат или да се бањаат, а еден основец баш во периодот на часот морал да „скокне“ по бурек! Наставниците немале само недоумици дали некои деца се извлекувале за да не работат или кој стои зад направените домашни задачи и пишани проверки на знаењето. Дали оценките ги заслужиле учениците или нивните родители, браќа и сестри, роднини и соседи, не е едноставно да се заклучи.

Родители им ги пишуваат задачите

Некои просветни работници во почетокот се откажале од идејата да глумат полицајци, оние амбициозните се обиделе да дојдат до потенцијалните препишувачи така што ги испрашувале преку телефон, преку Вибер, Скајп или на контролните давале голем број задачи кои би требало да ги решат за многу кратко време.

– Јас правев контролен тест по физика и не се прославив… 16 од 28. За 20 минути, 20 прашања – им се пожалил татко на ученик од седмо одделение на колегите во група на Вибер, но тие го утешиле дека над 50 отсто од сработеното и не е така лош резултат и дека многу работи се промениле откако тие оделе на училиште.

Во некои семејства се работело истовремено на повеќе фронтови: додека мајката цртала цртеж за ликовно, а таткото правел макета од техничко, нивната ќерка го решавала контролниот тест по математика на помлада другарка.

– Мои ученици што имале единици и двојки, не само што сега прават задачи по физика за петка, туку и ракописот им се разубавел – се пофалила наставничка од основно училиште.

Дека досетливоста нема крај потврдуваат и примерите дека ученици без никакви проблеми ги испраќале контролните задачи по истекот на времето во кое биле должни тоа да го направат, а откако наставниците ги „прикачиле“ решенијата.

Една ученичка дури и не се потрудила да го препише решението, туку направила „скриншот“ од работата на професорката и уредно ѝ испратила извинување што доцни.

Во овој текст има автентични сведоштва на наставници од повеќе училишта од Србија, но за да може искрено да одговорат со што се соочуваат, не се споменати нивните имиња.

Автор: Весна Андриќ

Извор



912

X