Доколку очилата за сонце ја немаат потребната заштита, со тек на време очите ќе претрпат трајни оштетувања. За некои од нив нема лек
Окото на детето е почувствително од окото на возрасните, а децата се многу повеќе изложени на сонце. И покрај тоа, во парковите или на плажа често можат да се видат деца како носат неквалитетни очила со омилени цртани ликови кои служат за забава, а не за заштита.
Децата треба да носат очила за сонце, но не за да бидат модерни или да изгледаат слатко со нив, туку за да бидат заштитени детските очиња. Заштитата на детските очи од штетните сончеви зраци е важна уште од најрана возраст за да немаат сериозни оштетувања на видот во текот на животот, вели д-р Жанина Петрова-Грајиќ, офталмо-хирург.
– Пожелно е децата да носат очила за сонце затоа што сонцето е главен извор на УВ-зраците кои со сигурност го оштетуваат ткивото на окото. Оштетувањето на очите не го гледате веднаш, но окото се оштетува со текот на времето, а последиците се трајни – вели д-р Петрова-Грајиќ.
Побарајте сертификат
Постојат повеќе причини зошто родителите мора да внимаваат стаклата на очилата да бидат квалитетни.
– При изборот на очила за сонце кои би требало ефикасно да ги блокираат УВ-зраците купувачот треба да побара сертификат со кој се докажува дека стаклата навистина штитат од штетните зраци. Доколку стаклото е само темно, без потребна заштита од УВ-зраците, тоа ќе им нанесе уште поголема штета на очите. Неквалитетните темни стакла ќе придонесат да се рашири зеницата, со што УВ-зраците уште повеќе ќе навлезат во окото – објаснува Петрова-Грајиќ.
Поларизираните очила се без УВ-заштита
Пред родителот да се одлучи да ги купи очилата, важно е да провери дали на нив има ознака за поларизирани.
– Ако има, таквите очила немаат заштита од УВ-зраци. Доколку очилата за сонце ја немаат 100% потребната заштита, со тек на време очите ќе претрпат трајни оштетувања. За жал, некои од тие оштетувања се од посериозен карактер, а за некои нема ни лек. Затоа, треба секогаш да се одбираат квалитетни очила за сонце кои ќе гарантираат комплетна заштита, а со тоа и сигурно здравје на детските очи – додава Петрова-Грајиќ.
Исто така, офталмолозите советуваат стаклата на очилата да бидат поголеми и заоблени со цел очите да бидат подобро заштитени. Се препорачува тие да бидат направени од поликарбонат. Поликарбонатот е најстар и најбезбеден материјал за правење очила, па ако детето падне, мала е веројатноста стаклото на очилата да се скрши.
912