Немав поим колку е предизвикувачко родителството додека не добив дете. И почнав да барам совети од „Гугл“. Многу совети. На пример, „Еј Гугл, дали е во ред моето бебе да не го дојам подолго од 8 месеци?“ (кликнувам на „пребарај“ и се надевам дека „Гугл“ ќе ми рече „да, се разбира!“).

Бум. Стотици текстови. Блогови. Информации. РАЗЛИЧНИ информации. да. Во ред е. Твоето бебе може и покрај тоа да биде многу здраво. Не! Му ги скратуваш на детето неопходните хранливи материи и ги зголемуваш шансите твоето дете (па сега тука доаѓа листа со лоши работи што ќе се случат).

И?

Светот на родителството помалку ме потсетува на политика бидејќи имате две спротивставени страни, а потоа и трета која е тука некаде на средината. Тоа се оние „модерни мајки“, кои веруваат во позитивна дисциплина, ексклузивно доење и исхрана со органска храна, а вакцинацијата на децата не се доведува во прашање.

На друга страна се традиционалните мајки, кои веруваат во исхрана со кравјо млеко, не ја читаат секоја декларација на производите со кои ги храната децата, веруваат во методите на воспитување и растење што ги применувале нашите баби. Се разбира, постојат и голем број од оние што се помеѓу овие две крајности. И јас спаѓам во таа група. А да се биде во средина, може понекогаш да биде многу збунувачко.

Да кажеме, јас можам да разговарам со педијатарот што ги лекува моите деца и да биде сосема сигурен дека вакцинацијата несомнено е единствениот правилен пат. Без размислување. А потоа одам малку на „Гугл“ и читам некои истражувања или слушам искуства и мислења кои се целосно спротивни. Толку спротивни што може да ме уверат дека вакцината може да го загрози животот на моето дете. Или, ете, фактот дека мене не би ми паднало на памет да се породувам без епидурална анестезија. Ни во лудило. Супер за оние мајки што можат и сакаат сè да биде до крајот природно, но, не благодарам. Сепак, не можам да му се спротивставам на оној црв што ме јаде кога ќе помислам на сите текстови и коментари што ги прочитав, а во кои се говори за можни негативни ефекти од епидуралната анестезија.

Исто така, прочитав сè за тоа како да се научи детето самото да се успие. Јасно ми е дека бебињата и децата подобро спијат кога имаат некоја рутина и дека може да се научат да ја преспијат ноќта. Но, јас не го сакам тоа. Не можам да го слушам бебето како плаче. И не мислам дека да го научите бебето да се успива само е погрешно. Само јас не го сакам тоа. И потоа, кога ќе наидам на „релевантни извори“ кои прават да се чувствувам како од детето да правам неспособна личност врзана за моето здолниште со тоа што му дозволувам да спие со мене, се чувствувам, се разбира, лошо.

И доење. Тоа е тема што предизвикува толку чувства на вина кај мајките што не можеле да дојат, што оваа планета е премала за целата таа вина. Навистина е тешко да се биде родител во свет во кој секој го наметнува своето мислење како единствено правилно. А поради поларизираните ставови, што и да одлучите да направите, како и да го храните, воспитувате, заспивате детето, ќе се најде некој, поточно повеќе лица што ќе ви кажат дека правите огромна грешка.

А во моментот кога сте несигурни и ќе се обидете само да го направите она што е најдобро за вашето дете, а истовремено да го сочувате здравиот разум, тоа е навистина тешко. Знаете што би било супер? Кога би можеле да го ресетираме „Гугл“. Да го вратиме на фабричко нагодување и количината на информации драстично да се намали. Бидејќи ми се чини дека „Гугл“ почесто ме збунува отколку што ми помага. „Гугл“ не е експерт за родителство. Тоа е само збир на различни мислења.

Не знам сè за родителството, но она што сигурно го знам е дека ако давате сè од себе вашите деца да почувствуваат колку ги сакате, ако се обидувате да ги исполните нивните потреби, ако им ја покажувате својата љубов и им го подарувате своето време, тогаш навистина сте баш добар родител. Сè друго не е толку важно. Бидејќи нема тие да се сеќаваат колку долго сте ги доеле, како сте ги родиле, ниту дали сте ги хранеле исклучиво со органска храна.

Но, она што сигурно ќе го помнат е чувството кое ништо не може да го замени – чувството дека мама и тато ги сакаат без разлика на сè. Ќе го запомнат вашиот загрижувачки поглед кога имаат температура и вашиот сјај во очите поради радоста кога во нешто ќе успеат. Ќе се сеќаваат како  сте се грижеле за нив. „Гугл“ не е експерт кога се работи за вашите деца. Вие сте.

Автор: М. Филиповиќ, мајка на два сина

Извор



912

X