Акцентот треба да се стави на поддршката што ја дава општеството во вакви патолошки феномени. За да се оствари правото на детето на заштита од злоупотреба, потребно е да се воспостави систем кој ќе дејствува превентивно во однос на спречување злоупотреба, вели проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог и психотерапевт
Психички или ментални нарушувања кои поттикнуваат мисли и емоции на агресивно однесување, злоупотреба на супстанции во семејството, историја на домашна злоупотреба. Ова се дел од психолошките карактеристики на човек кој може да му нанесе тешки повреди на бебе. Со проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог и психотерапевт, разговараме за психолошките карактеристики на злоупотребувачот поради кој пред десетина дена 14-месечно девојче заврши на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување со скршеници на нозете, повреди и крвавење во главата. Мајката (20 години), која имала полесни повреди, го однела детето во Клиничкиот центар во Скопје.
Каков е психолошкиот профил на човек кој може да му нанесе вакви повреди на толку мало дете, практично бебе?
– Злоупотребата на деца е широко распространет негативен феномен и може да се појави во која било култура или група и во која било фаза од развојот на детето. Злоупотребата на деца може да биде физичка, емоционална, вербална или сексуална и може да резултира со сериозни повреди на детето. Физичкото малтретирање вклучува намерно или несвесно оштетување на физичкиот интегритет на детето. Комбинацијата на индивидуални, релациони, општествени и социјални фактори придонесува за ризикот од малтретирање и злоупотреба на деца. Соодветно на тоа и кругот на лица – потенцијалните сторители – не секогаш лесно може да биде дефиниран. Кога станува збор за психолошкиот профил на потенцијалниот злоупотребувач, одредени индивидуални карактеристики можат да ја зголемат евентуалната склоност кон насилство. Факторите на ризик се фактори што придонесуваат, а не директни причини за малтретирање. Тука најчесто се вбројуваат:
– некои психички или ментални нарушувања кои поттикнуваат мисли и емоции на агресивно однесување;
– злоупотреба на супстанции во семејството;
– историја на домашна злоупотреба;
– социјална изолација на семејството;
– сиромаштијата и другите социо-економски недостатоци;
– недостиг на семејна кохезија;
– сиромашни односи родител-дете;
– недостиг на разбирање на родителот за потребите на децата итн.
Фактите покажуваат дека злоупотребата на деца се јавува низ целиот спектар на социо-економски услови и во сите видови семејства. Истражувањата во западните земји укажуваат дека меѓу сторителите на злоупотреба на децата најчесто е еден од родителите на детето. Според Националниот информативен систем за злоупотреба и запоставување на деца во Америка, една студија од 2005 година покажа дека меѓу 79,4% од злоупотребувачите на деца бил еден од родителите.
Какви психолошки последици имаат децата што се жртви на семејно насилство?
– Децата што се изложени на злоупотреба често покажуваат тешкотии во сите аспекти на растот и развојот: психички, когнитивен, емоционален и социјален. Последиците од злоупотреба зависат од повеќе фактори – од видот, тежината и интензитетот на злоупотребата, развојниот стадиум на детето, понатамошните услови на живеење, од поддршката и разбирањето од родителот или старателот на детето, како и од фактори на личноста на детето. Сите последици од агресивно постапување можат да се поделат на рани (кои се случиле во период на рано детството) и адолесцентни. Раните последици можат да се појават во вид на физички хендикеп или соматско нарушување. На психолошки план, преживеаното насилство најчесто се манифестира во емоционални пречки и променето доживување на себеси, појава на депресија, страв, анксиозност. Агресивното однесување најчесто позитивно корелира со присуство на физичко малтретирање во историјата на детето. Децата-жртви на насилство често имаат сериозни нарушувања на когнитивните способности, нивното постигнување во училиштето е пониско во споредба со тоа на другите деца. Јазичните вештини најмногу се менуваат кај овие деца и тие често имаат проблеми во рецептивниот и експресивниот говор, а многу веројатни се нарушувања во социјалното функционирање. Треба да се нагласи дека најголем дел од психолошките последици на злоупотребени деца се гледаат од клиничките студии на деца што биле вклучени во третман, а тоа се обично оние што имаат сериозни проблеми во однесувањето. Факт е дека искуството на злоупотребувањето е уникатно и дека за секое дете треба индивидуално испитување и адекватна психолошка поддршка. Колку е помало детето, толку се поважни добрата процена и правилното водење на постапката за психолошка, емоционална и социјална помош, за што поуспешно надминување на последиците и зачувување на менталното здравје.
Како да реагира мајката, ако заедно со детето/децата и таа е жртва на семејно насилство?
– Можеме да заклучиме дека последиците од злоупотребата се тешки и долготрајни за секое дете, тие се продукт на интеракција на интензитетот, траењето и типот на злоупотреба, како и возраста на детето. Постоењето поддржувачки и заштитнички родител (старател) кој веднаш ќе реагира е од пресудно значење. Не само кога знае, туку и само ако се посомнева дека детето ѝ е злоупотребувано, мајката треба да пријави кај надлежните институции што е можно поскоро. Пријавувањето не треба да се одложува поради ниедна причина… Колку подолго продолжува злоупотребата, толку е помала веројатноста детето целосно да закрепне. Најнапред обучен здравствен работник треба да го испита детето, да се утврдат знаците на физичка злоупотреба и адекватно да се лекуваат. Секоја повреда – модринки, изгореници, фрактури, абдоминална или повреда на главата кои не можат да се објаснат треба задолжително и што е можно побрзо да се испитаат од страна на обучен здравствен работник. На злоупотребуваното дете му се потребни непосреден пристап и посебна поддршка и третман и во периодот по доживеаната траума.
Зошто е толку низок процентот на пријавување семејно насилство во земјава?
– Фактот што мајките во одредени случаи не го пријавуваат веднаш е евидентен и во другите земји. Причините се различни и опфаќаат широк спектар на лични, ситуациски и социјални фактори. Од личните фактори, честа е ментална осиромашеност и перцептивната неспособност на мајката да ја дефинира реалната состојба, чувството на екстремен страв од идни злоупотреби зашто екстремната агресивност е во тесна врска со патологија на злоупотребувањето, чувство на немоќ и незаштитеност. Но, која и да е причината на мајката, акцентот треба да се стави на поддршката што ја дава општеството во вакви патолошки феномени. За да се оствари правото на детето на заштита од злоупотреба, потребно е да се воспостави систем кој ќе дејствува превентивно во однос на спречување злоупотреба и истовремено да се иницира брза и координирана постапка што ја запира злоупотребата, ги штити детето и мајката-жртва од понатамошна злоупотреба и запоставување и обезбедува соодветна интервенција за закрепнување и понатамошен безбеден развој на детето. Имајќи предвид дека превенцијата од злоупотреба и запоставување и заштита на децата е сложен процес, потребно е да се воспостави добра соработка помеѓу експерти од сите области што работат со деца – здравство, образование, социјална заштита, полиција, судство итн. Овој текст ќе ја исполни својата цел ако уште еднаш успее да пробуди интерес на стручната јавност на овој сè поприсутен феномен на нашиот простор.
912