Детето паднало качувајќи се по скали и се удрило на работ од скалите. Се исекло на челото, над веѓата, не ја повредило аркадата, но сепак имало многу крв.

Ова се прашањата на мајките:

1. Како се сопира крвавењето?

Првиот чекор е да се види од кој тип е крвавењето. Ако крвта „прска“ во млаз, значи дека е повредена артерија – тоа е артериско крвавење кое бара итна компресија! Стерилна газа е најдобра, а ако немате, тогаш земете чиста памучна ткаенина (крпа, дел од пелена…), направете „грутка“ и притиснете ја исеченицата – тоа е компресија на раната. Доколку тече малку крв, но постојано, тоа значи дека се повредени венските крвни садови, но и тие бараат компресија според истиот принцип.

2. Колку долго треба да се држи компресија на раната?

Доколку е силно и „прскачко“ крвавење, компресијата треба да трае 15-20 минути БЕЗ престан, со силен и континуиран притисок. Венското крвавење не мора да се притиска многу силно, но 15 минути е „вистинската мерка“ пред да се провери дали крвта престанала да тече. Доколку крвавењето не е сопрено, компресијата се повторува во траење од најмалку 30 минути.

3. Кога треба да се оди на лекар?

– Доколку крвавењето трае и по повторувањето на компресијата, треба што побрзо да се изврши преглед на лекар.

– Ако крвавењето сопрело, но по неколку минути раната се „отвора“ и почнува да тече крв.

– Доколку раната се отвора – рабовите се растегнати и се навлажнува, тогаш е време за преглед.

– Иако раната е целосно сува и нема крвавење, а детето почне да повраќа во низа, или ако се однесување чудно и необично (неповрзано зборува, тешко се воспоставува контакт, во еден момент е раздразливо, а потоа безволно и поспано…) ВЕДНАШ да се оди на лекар!

4. Кога е потребно шиење на раната?

Ако раната се отвора или ако постојано крвави по малку, најверојатно е потребно шиење. Се разбира дека лекарот (најдобро тоа да е детски хирург) проценува дали е потребно шиење, па прегледот е неопходен.

5. Дали е потребна општа анестезија за зашивање рана?

Не е кај поголем број од исечениците!

Речиси сите деца со „обични“ исеченици многу брзо се зашиваат без анестезија со минимална болка. Повеќето деца плачат, но во рацете на вешт хирург тоа многу брзо се завршува.

6. Кога раната се преврзува и кога се вадат конците?

Обично по 5 до 7 дена од шиењето се вадат конците. На раната првиот пат се прави преврска еден ден по шиењето, а ако е во ред, потоа може и на два дена.

7. Може ли да се помине без шиење?

Може – постојат посебни „фластери“ кои понекогаш може да го заменат зашивањето. И тука е лекарот тој што го прегледува детето и ја носи одлуката „на самото место“, но овој начин на грижа за исеченица сепак го намалил процентот на деца што мора да се зашијат.

Автор: Горан Вукомановиќ, педијатар

Извор



912

X