Нашата позната нутриционистка Тања Турунџиева во интервју за Факултети.мк објаснува како треба да се хранат децата, која храна е безбедна и како всушност треба да изгледа неделното детско мени. Таа вели дека децата задолжително треба да имаат од 3 до 5 оброка дневно со присуство на вода и природно цедени сокови. Турунџиева предупредува дека многу често во исхраната на децата е застапена индустриската храна, која претежно во својот состав содржи конзерванси, емулгатори, вештачки бои, нитрити.
Интервјуто е преземено од Факултети.мк
– Лошата исхрана влијае и врз растот и развојот на едно дете – вели таа.
Родителите се исправени пред многу дилеми кога е во прашање исхраната на децата. Што е првиот совет што им го давате кога ќе дојдат кај вас?
– Факт е дека родителите имаат проблем и дилема кога е во прашање исхраната на децата. Прво и основно детето треба да има секојдневен индивидуален режим на исхрана, во кој ќе бидат присутни сите основни нутритивни вредности. Најнапред кога ќе се обрати за помош некој кај мене, правам осознавање на детето, односно ги запознавам неговите секојдневни навики. При подготовката на режим на исхрана, неговите оброци ги адаптирам спрема неговите обврски и активности. Сето тоа го правам со селекција на исхрана која ќе влијае врз неговиот метаболизам и имунолошки систем. Целата исхрана е адаптирана на нашата македонска кујна и исхрана која е својствена за ова поднебје. Внесот на хранливите продукти е индивидуален, базиран на неговата здравствена состојба, активности и потреби. Внимавам многу на приготвувањето на режимот на исхрана -во него да има квалитетен внес на здрави и квалитетни калории. Задолжително да имаат од 3 до 5 оброка дневно со присуство на вода и природно цедени сокови. Секој режим е индивидуален.
Како треба да изгледа дневното мени на децата од 5 до 6-годишна возраст, а како на поголемите деца, пред пубертет?
– Децата од претшколска возраст, па и малку поголемите треба да имаат 5 оброци дневно, 3 главни и 2 ужинки. Во нивната исхрана секојдневно треба да бидат присутни свежото овошје и свежиот зеленчук. Во текот на денот треба да има сразмерен внес на јаглехидрати и житарки. Сите оброци треба да бидат придружени со разновидни свежи зеленчуци. Сметам дека на децата треба да им се направи неделно мени, во кое ќе изобилува разновидна македонска кујна. На тој начин во текот на една недела ќе бидат внесени сите потребни нутритиви, кои позитивно ќе влијаат врз правилниот и здрав развој на детето. А кога станува збор за исхрана кај деца во пубертет, гласно и јасно велам: „Родители, внимавајте што јадат вашите деца надвор од дома“. Родителите можеби имаат увид и контрола на исхраната на децата во домовите, но најчесто децата на таа возраст консумираат брза храна и многу индустриска храна. Затоа во последниот период видливо се зголемени килограмите кај децата во пубертет. Преку едукативни програми, преку секојдневни разговори, како и преку уписи на разни спортски активности може да се победи оваа несакана појава кај децата на таа возраст.
Од Детската клиника често знаат да излезат со информации дека таму лежат деца со предвремен пубертет, а како една од причините ја наведуваат храната преполна со хормони и антибиотици, главно месото. Како, всушност, ваквата храна влијае врз организмот?
– Убаво се вели дека како ќе се храниме, така ќе нè служи нашиот организам. Многу често во исхраната на децата е застапена индустриската храна, која претежно во својот состав содржи конзерванси, емулгатори, вештачки бои, нитрити… Кај секој детски организам различно се манифестираат проблемите на метаболизмот и имунолошкиот систем. Кај некои влијаат врз хормоналниот статус, кај други врз имунитетот, кај трети врз ендокриниот систем. Лошата исхрана влијае и врз растот и развојот на едно дете и секогаш е негативна појава. Тоа зависи од самиот организам на детето и од неговите слаби точки. Видливи се промените кај децата со предвремен пубертет. Но, да се прашаме колку можат да бидат страшни промените на децата при нарушен метаболизам и физиологија. Пред да му дадеме каков било нутритив на детето треба добро да проучиме за каков индустриски производ станува збор и што сè содржи тој како додатоци. На тој начин ќе го заштитиме детето од лоша храна.
Како да се заштитиме од пестицидите и отровите со кои се прскаат овошјето и зеленчукот?
– Секогаш треба овошјето и зеленчукот да се лупат. Тоа е нашата најдобра заштита. Треба да ги потопиме овошјето и зеленчукот во вода, во која ќе биде растворена 1 кафена лажичка сода-бикарбона. На тој начин ќе добиеме алкална средина која ќе ни овозможи подобар квалитет на овошјето и на зеленчукот. Моја препорака е секогаш да се купува од познати продавачи, кои знаеме дека не користат пестициди или вештачки ѓубрива.
Често во последно време се зборува за глутенот, дали тој е штетен за оние што не се интолерантни или алергични на глутенот?
– Глутенот е мешавина на протеин кој се наоѓа во пченицата, ’ржта, овесот, зобот, кускусот. Глутенскиот протеин има ниска биолошка и нутритивна вредност, за разлика од зрната што немаат глутен. Со новите истражувања докажано е дека глутенот сè повеќе прави агресија врз нашиот дигестивен систем. Можеме да не бидеме нетолерантни или алергични на глутен, а сепак тој да направи хаварија во нашиот дигестивен систем. Докажано е дека безглутенските житарки се поздрави отколку глутенските. Секогаш ги практикувам и ги препорачувам безглутенските житарки кои имаат многу поблагородно дејство и поквалитетна хранливост. Тие во својот состав содржат аминокиселини, магнезиум, Б-витамини, корисни влакна. Поздрави се и не го оптоваруваат нашиот дигестивен систем.
Алергијата на храна е видлива на кожата кај децата и кај возрасните, но што е со нетолеранцијата на храна, како таа влијае врз организмот и како да ја препознаеме?
– Точно е дека алергијата на храна е видлива на кожата, но интолерантноста на храна треба да ја почувствуваме и да го послушаме нашиот организам, кој ни ги дава знаците. Секогаш кога имаме гасови во дигестивниот систем, честите натекувања на цревата, честото одење во веце и иритираноста на цревата наведува на мисла дека стануваме нетолерантни на некој тип храна. Тоа најдобро ќе го потврдиме со софистицираните лабораториски крвни тестови, кои ќе ни покажат колкава е нашата нетолерантност на одредени хранливи продукти. Доколку имаме нарушен дигествен систем, препорачувам да се направи тест за интолерантност на храна. Можеме да форсираме некој продукт секојдневно, а да не сме ни свесни дека сме интолерантни на него. Кога некој ќе има вакви симптоми од исхраната, ги исклучувам лактозата, каизинот, глутенот и сите алерго-овошја и зеленчуци. Го препраќам на тестирање, го јакнам имунолошкиот систем и ја зголемувам базноста на организмот. Сето тоа е со индивидуален пристап.
Дали ги препорачувате безглутенските и глутенските житарки за децата?
– Бебињата не треба да внесуваат глутен до навршување на првата година, а децата што се атопичари и развиваат чести алергии – дури до третата година. Секогаш преферирам безглутенски житарки.
Дали децата треба секој ден да јадат месо?
– Заблуда! Децата не треба да јадат секој ден месо, а уште помалку месни производи. Во нивната исхрана треба да има сразмерен внес на протеин, јаглехидрати и житарки. И рибата и печурките се идеална замена за месото. Не велам дека децата треба да бидат лишени од месото, но сепак тоа треба да биде добро проверено и квалитетно месо (предност имаат телешко и мисиркиното месо). Како податок на научно ниво, докажано е дека вегетаријанците се поздрави од оние што консумираат месо.
Што е со возрасните и месото?
– Ништо не е различно од препораката како за децата. Но, има индивидуи што воопшто не треба да јадат месо. Тоа се индивидуите со канцерогени заболувања, автоимуните заболувања, комбинирани заболувања, како и луѓе алергични на протеин. Колку помалку ќе јадете месо, толку ќе бидете поздрави.
912