Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете секоја вечер пред легнување води инает, не сака да легне иако очите му се затвораат, плаче, нè тепа. Тепањето му стана навика без разлика дали е татко му, мајка му, баба му или дедо му. Секое утро станува со плачење, не сака да оди во градинка (кога оди) иако кога ќе го однесам, велат дека таму супер си поминува, дури радосен и насмеан излегува. Некогаш не можам да се контролирам и ќе го удрам, но потоа толку многу ми е криво и тешко, што си мислам дали проблемот е во мене и во моето однесување.

Не знам веќе како да постапам. Неговото плачење навечер и наутро е секојдневие, неговото тепање е секојдневие. Ве молам помогнете ми како да постапам со него. Има 2 и пол години, го караме секојпат кога ќе посегне некого да удри, некогаш кога ќе претера и ќе го удрам. Што се однесува до плачењето, се обидуваме колку што можеме да го смириме, но тој продолжува, ќе го оставиме сам, повторно не се смирува, многу ме вади од кожа и некогаш не можам да се контролирам и ќе го исплескам. Навистина не знам што да направам и како да постапам.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Очигледно е дека нешто го вознемирува и фрустрира вашето дете штом реагира со таква раздразнетост. Малите деца на таа возраст ниту знаат ниту, пак, имаат изградено доволно капацитети да се носат со работите што ги вознемируваат и фрустрираат, па затоа фрустрацијата ја излеваат кон надвор, најчесто преку плачење, негодување или лутење. Од друга страна, имајте на ум дека тепањето учи на тепање, односно кога вие ќе го удрите детето, истовремено го учите како да удира, т.е. дека воопшто може или смее да удира.

Ивана Маринчек

Ве разбирам дека не е лесно да се биде родител и дека многу полесно би било кога би можеле да го земеме бебето од болница заедно со упатство за користење во кое јасно и прецизно ќе биде напишано како да се постапи во секоја дадена ситуација. За жал, таков прирачник сè уште не е напишан, а и секое дете е посебна приказна, па на родителите им останува само да бидат свесно присутни во релацијата со своето дете, да бидат многу трпеливи и многу креативни, и да изнаоѓаат решенија во од.

Имајте на ум дека малите деца се исто така многу сензитивни за емотивните реакции на своите родители, па секоја ваша нервоза ќе влијае и врз него. За жал, чести се ситуациите во кои родителот нервозен ќе се врати од работа, детето сензитивно на оваа нервоза ќе стане дополнително раздразнето и не умеејќи да се носи со чувствата на вознемиреност, ќе почне да ги излева кон надвор преку раздразнето однесување. Ова може дополнително да го вознемири и раздразни родителот, кој можеби има потреба од мир и одмор во тој момент, па тој може и да го удри детето, со што дополнително ја зголемува и својата вознемиреност и вознемиреноста на детето. Доколку родителот не успее да го скрши овој круг, постои опасност дека и тој и детето можат де се најдат заробени во еден маѓепсан круг на фрустрација од кој потоа е многу тешко да се излезе.

Затоа, ве поддржувам да бидете многу смирени и трпеливи со своето дете. Често пати децата спиењето, јадењето и практикувањето на хигиенски навики ги доживуваат како здодевни. За да ги направите поатрактивни за детето, обидете се да изнајдете начин како да ги претворите во игра. Креирајте ритуал пред спиење кој ќе биде интересен за детето. Дозволете му да си понесе една или две играчки во кревет. Се разбира, важно е да тоа бидат безбедни играчки, т.е. играчки со кои не може да се повреди. Нека си поигра малку со нив додека е легнат и покриен, нека ги смести удобно и потоа раскажувајте приказни.

Раскажувањето приказни е многу важно бидејќи претставува одличен начин да се стимулира детската фантазија и имагинација, а со тоа и детската креативност. Исто така, поттикнете го вашето дете да ја користи својата имагинација и на тој начин што ќе му кажете дека додека е во креветче, може да си „игра во мислите“, односно да си фантазира и да си го замислува тоа што му го раскажувате со приказната. Размислете што е тоа што вашето дете сака да го прави, односно што најдобро би функционирало за него. Експериментирајте со различни можни решенија и бидете креативни. Нека тие ритуали бидат простор за креативност, издишка од секојдневното брзање и простор за емотивна релаксација и за вас.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X