Многу родители во целиот свет сега ја добиваат улогата на наставници, односно соработници на наставниците. Им помагаат на децата да учат од дома додека трае прекинот на наставата поради коронавирусот. Кои стратегии треба да ги применуваат родителите за да им го олеснат онлајн-учењето на децата?

1. Поставете конзистентна дневна рутина и распоред

Рутините на децата сега им се попречени. Ако поставите други рутини што децата ќе ги следат, тие повторно ќе добијат чувство дека се безбедни, па затоа поставете се во улога на стабилен водач во овие стресни периоди. Дополнително додајте и специјални, позитивни настани за децата на кои ќе се радуваат. Истражувачите откриле дека учеството во создавање идни посакувани настани предизвикува мозочна активност која е поврзана со човековата благосостојба. За време на учебната година такви специјални настани биле спортски натпревари, научни проекти и слично, а за време на пандемијата тоа може да бидат „пица-вечер“, „пекарска вечер“, „Монопол вечер“ и слично.

2. Одредете задачи

Наставниците се одлични во задавањето задачи. Децата, пак, сакаат и потребно им е да дадат значителен придонес, но често им е потребна структура за да успеат. Со задачите децата развиваат вештини, се чувствуваат вклучени, развиваат чувство за идентитет, практикуваат љубезност и грижа и ја разбираат заедницата и општеството. Истражувањата сугерираат дека ако на децата им давате задачи, тие подобро ќе се приспособуваат, ќе имаат подобри односи и врски со семејството и пријателите и ќе бидат поуспешни во кариерата. Додека сте дома, може да им давате одредени улоги на децата, на пример: лице што ја поставува масата, лице што го храни кучето и слично. Со ова децата имаат чувство дека имаат контрола над нештата.

3. Инсистирајте на паузи и одмори

Истражувањата често покажуваат дека децата што имаат повеќе одмори на училиште  повеќе учат. Родителите може да се погрижат децата во овој период да добиваат повеќе паузи, на пример, прошетка во природа и слично, за да им се помогне во домашната настава.

4. Користете списоци

Ова е одлична алатка за организација и продуктивност. Наставниците често го прават тоа и бараат од учениците да комплетираат листа со задачи, па да ги забележат во своите тетратки и да пополнат кога задачите ќе бидат завршени. Студиите потврдуваат дека луѓето што ги запишуваат своите цели постигнуваат значително повеќе од оние што не го прават тоа. Со запишувањето подобро запомнувате. Исто така, добивате и визуелен приказ кој ве потсетува да ја извршите задачата. Кога детето ќе забележи дека некоја задача ја завршило, кај него ќе се стимулира и допаминот, хормонот на среќата. Со сето тоа ќе стане посовесно и ќе добие поголема желба да биде корисно и да успее во целите.

5. Поставете и „независни лекции“

Земете предвид дека и децата треба да си ги изберат сопствените задачи, цели, засновани на нивните интереси, уживања или перцепции за важноста на работите. Истражувањата посочуваат дека кога луѓето имаат можност да ги изберат сопствените цели, тие имаат поголема тенденција да бидат конзистентни, да имаат позитивно влијание и да бидат вклучени во идни задачи. Наместо децата да пополнуваат генерализирани распореди според наставните материјали, помогнете им да идентификуваат проекти или книги кои се поврзани со нивните омилени интереси, на пример. миленичиња, светски првенства и слични теми. Додека домашната настава за родителите може да претставува голем предизвик, овие докажани методи може во голема мера да им помогнат.

Автор: Ерин Лејба

Извор: psychologytoday.com



912

X