Поради ситуацијата со коронавирусот, училиштата се затворени, а наставата се одвива ни помалку ни повеќе, виртуелно. Оваа вест ги збуни и децата и родителите. Веруваме дека многу родители се запрашаа: „Како тоа ќе функционира?“, „Како моето дете ќе ја следи содржината на ТВ?“, „Како ќе знам дека моето дете навистина го слуша она што се зборува?“ Овие, а и други многубројни непоставени прашања упатуваат на тоа дека моменталната ситуација бара приспособување и голема количина трпение за да може овој период да помине што поуспешно. Од таа причина, во продолжение ќе приложиме неколку совети кои на родителите можат да им ја олеснат оваа ситуација, а на децата да им помогнат да ја искористат виртуелната настава колку што можат подобро.
Треба да се запрашаме дали сме направиле сè што е во наша моќ за да овозможиме оптимални услови за виртуелно учење? На децата им се сменија многу работи во нивното секојдневие, а првенствено околината во која го усвојуваат новото градиво и новите информации. Днeвните и детските соби ги заменија школските училници и клупите, во кои присутни се членовите на нивните семејства наместо нивните соученици. До неодамна еден од најчестите звуци беше училишното ѕвонче, кое укажуваше дека е време за одмор или време за подготовка за час, а сега во околината се присутни различни звуци, како што се разговорите на членовите на семејството, телефонските разговори со пријатели, звуци што доаѓаат од кујната, од бањата и сл. Досега, сите информации децата ги добиваа од своите учители или наставници и имаа можност да го прекинат предавањето и да постават некое прашање, а сега треба да ја следат телевизиската програма во точно одреден термин. Поради тоа, она што сега е важно да се направи е реорганизација на дневните рутини и вообичаените домашни распореди. Добро е за време на наставата членовите на семејството да ги изведуваат своите телефонски разговори во друга просторија или да ги одложат за подоцна.
Децата треба да имаат фиксен термин за учење
Исто така, во овој момент многу родители работат од дома, така што и тие својата работа треба да ја реорганизираат и добро да ја осмислат. Советот е да се обидете ги усогласите работните задачи со распоредот на училишната програма. Така, на пример, за времетраењето на наставата вие можете да ги решавате „помирните“ работни задачи на вашите лаптопи или компјутери, а работните телефонски разговори да ги оставите за подоцна.
Важно е да се знае дека иако пропуштената содржина може да се надополни на интернет подоцна во текот денот, препораката е да се одреди фиксен термин за училиште, за детето да создаде поим за структура на денот и предвидливост, што придонесува за чувство на сигурност. На тој начин детето во иднина би имало поделено време за училишните обврски и за игрите.
Како што претходно наведовме, распоредот и заедничкиот договор со детето околу новите правила на однесување се многу важни. Добро би било однапред да се договори и бројот на дозволени одења до кујна по вода или грицки. Вие како родители најдобро го познавате своето дете и можете да ги процените неговите вистински потреби. Во ред е да му дозволите на детето малку да се прошета, раздвижи и да ги задоволи своите основни потреби, но како и во сè, така и во таквите ситуации потребно е да се постават некои правила и граници, и да се почитуваат. На крајот од учењето убаво е да се направи осврт на почитувањето на воспоставените правила и да се пофали детето.
Важно да се напомене е дека досега компјутерот на децата им претставувал време за забава и опуштање. Тоа е еден од начините на кој го поминуваат своето слободно време, гледајќи цртани филмови, играјќи некоја игра, слушајќи детска музика и сл. Тоа значи дека децата ги поврзуваат медиумите со опуштена состојба, така што можно е сега да постои одредена количина на збунетост кај нив поради обврските што ги имаат на наведените медиуми. Затоа, она што е важно да се направи во ваква состојба е разговор со децата, во кој ќе им се објасни дека ТВ-приемникот или компјутерот во овој момент им се замена за училиштето и дека како што мораат да се присутни на школскиот час и да ја слушаат учителката, така мораат и сега да се дисциплинирани, но пред ТВ-приемникот или компјутерот. Доколку сте во можност, организирајте да имаат своја работна маса и столче пред компјутерот за да стекнат чувство како да се на училиште. Исто така, за да се сведат на минимум промените, на децата може да се помогне со поттикнување околу продолжувањето на рутините кои секако ги имале, како што се проверка и подготовка на училишните чанти. Притоа, добро е да се направат мали приспособувања, како тоа дека не треба да ги пакуваат училишните чанти, но можат да ги подготват книгите на работната маса, од навечер или наутро (зависно од тоа како биле навикнати). Исто така, можат да ги подготват моливите, тетратките и сиот друг прибор што им е потребен за тој ден.
Освен техничките услови поврзани со учењето, никако не смееме да заборавиме на тоа колку важни фактори се емоциите и мотивацијата, кои влијаат врз процесот на учење и училишниот успех.
Често прашувајте ги како се и што ги загрижува
Децата во училишното опкружување доживуваат различни емоции, како пријатни, така и непријатни. Како непријатни се сметаат оние што се често поврзани со тешкотии во одржување на концентрацијата, вниманието и мотивацијата, а тоа се најчесто анксиозност, страв и фрустрација. Се очекува дека во своите домови тие емоции ќе бидат намалени, а дека поприсутни ќе бидат чувствата на опуштеност и разиграност. Но, и во оваа ситуација можно е да дојде до мешање на чувствата кои се поврзани со учењето и дури во оваа ситуација можат да станат и поизразени, со оглед на тоа дека сега домот и училиштето се едно место, што, пак, може да придонесе за збунети и измешани чувства на детето. Поради тоа, важно е родителите да ги проверуваат и прашуваат децата како се, дали има нешто што ги загрижува или збунува. На пример, може на децата ќе им недостигаат нивните врсници, кои досега ги гледале секојдневно и со нив заедно учеле, а сега бидејќи околностите се изменети, добро е родителите тоа да им го објаснат. Секогаш е добро со децата да се разговара за емоциите индиректно и преку игра, на тој начин може да се направат некои слики на емоции, па преку игра да им се помогне во објаснувањето на нивните чувства и во подоброто разбирање и носење со истите.
Повторување на материјалот преку квизови и игри
Мотивацијата за учење често е предизвик, а особено во ситуациите кои се, како сега, вонредни, односно кога детето ја нема својата вообичаена рутина на која е навикнато. Важно е да се поттикне интересот кај детето за материјалот и следење на програмата. Тоа, инаку, во голема мера е задача на учителот, а сега родителите треба да осмислат како да ги мотивираат децата. На пример, кога заедно со детето ќе го погледнете распоредот за денешниот ден, може да напишете некои цели за учењето или список со задачи, па по секој час заедно да ги бележите изработените задачи за тој ден како завршени. Може да се направи договор по секој час или на крајот на виртуелниот училишен ден децата да мора да им кажат на родителите барем 3 или 5 работи кои ги научиле тој час или ден. Или, пак, децата можат да направат квиз за родители, така што родителите ќе треба да одговараат на прашања што ги смислиле децата. На тој начин децата ќе бидат мотивирани да следат и да запишуваат прашања, кои подоцна можат да им ги постават на родителите во квизот. Тоа може да биде истовремено и квалитетно дружење на родителите и децата, а и начин на кој децата ќе го повторуваат градивото и притоа ќе се забавуваат и ќе развиваат логика и креативност.
Креативноста во учењето може да се искуси и преку ребуси, загатки, асоцијации со поими и сл. Кога учењето е забавно, децата чувствуваат пријатни емоции, кои ја подобруваат когнитивната активност и им даваат енергија. Покрај сето тоа, добро е родителите, како и општо во воспитувањето, да користат некој систем за поттикнување, односно наградување, кој однапред ќе биде договорен со детето. Целта на секое наградување е да се изгради некое посакувано однесување, а тоа можете да го постигнете така што ќе смислите различни награди со кои ќе го поттикнувате детето, кога ќе забележите дека прави напредок во насока на посакуваното однесување. Една од наградите може да биде и усната пофалба, која ќе се однесува на некое моментално специфично однесување на детето. Добро е да се пофалат и некои поединечни чекори, кои водат до посакуваното однесување (на пр., оставање на мобилниот телефон настрана). На тој начин родителот ќе покаже интерес за училишното градиво и учењето, а детето ќе ги почувствува позитивните последици од учењето, односно следењето на виртуелната настава.
Автор: Ана Чулин и Ана Орлиќ, психолози
Извор
912