Во изработувањето на активностите треба да бидат вклучени и децата. Секој ден изработувајте по една од понудените активности. Бидете креативни, забавувајте се, играјте си, гушкајте се, уживајте во моментите поминати со семејството и седете дома. Ви посакуваме убаво исполнето време со вашите најмили и многу забава и насмевки, велат специјалните едукатори и рехабилитатори Теодора Томовска и Магдалена Лазарова
Играта има есенцијална улога во развојот на детето. Преку играта го негуваме и односот родител-дете, но истовремено се поттикнуваат повеќе сегменти од детскиот развој. Ве предизвикуваме да направите интересни игри за вашето дете дома, импровизирајте и дружете се. Искористете ги работите што ги имате дома и направете нешто забавно за децата и за вас.
Ви даваме неколку идеи и совети како да го спроведете тоа, но напоменуваме дека во изработката на игрите треба да бидат вклучени и децата. Обидете се, ветуваме дека ќе има многу насмевки.
Теодора Томовска и Магдалена Лазарова
1.Разиграни броеви
Оваа игра има цел да ги научиме броевите преку игра или доколку вашето дете ги има совладано, ветуваме интересна класификација. Потребно ви е:
-бел лист хартија
-фломастери
-ножици
Цртајте заедно со детето гранка или некоја низа на која ќе ги пишувате цифрите. Следен чекор – нацртајте множество со јаболка. Исечете го множеството во форма на круг. На детето дајте му инструкција, на пр., бројот еден му го покажувате на листот или низата, а потоа го оставате или со ваша помош го барате соодветното множество според бројот. Ви посакуваме помалку уметност, а повеќе забава и креативност.
2.Домино-шпатули
Низ оваа игра вашето дете ќе совладува бои, форми, овошја. Потребни ви се:
-дрвени шпатули
-фломастери
-бели листови
-ножици
На краевите од дрвените шпатули цртате различни форми. Истите форми што ги имате нацртано на шпатулите ги цртате и на бел лист хартија. Со детето правите фигура од шпатулите во зависност од спојувањето на формите. На пр., ако на едниот крај има круша и правоаголник, барате шпатула на која има нацртано круша и уште една форма. Откако ќе го завршите првиот дел од играта, следува вториот комуникациски дел. Вие му давате на детето лист со формите исти од шпатулите, а потоа следува налогот да ја најде соодветната шпатула. Важно во оваа активност е да го одржувате контактот со детето.
3.Овошна градина
За оваа игра потребно ни е:
-малку повеќе време за изработка, но не откажувајте се, продолжете,
-картон и хартиени ролни,
-фоломастери и ножици,
-лепило и дрвени шпатули
-бел лист хартија
На хартиените ролни цртате овошја и ги лепите на картон. Истите овошја ги цртате и на белиот лист. Ги сечете, па ги лепите на шпатулите. Играта може да започне. На пример, му кажувате на детето да ги најде јаболката. Вашето дете треба да го препознае и да го стави на соодветното место. На ист начин ја продолжувате класификацијата и со другите овошја.
4.Магична тегла
Оваа активност или игра се вика магична тегла. Во оваа игра можат да бидат вклучени сите членови на семејството. Магичната тегла е наполнета со ливчиња хартија, а на секое ливче има напишано некоја активност или прашање. Секој играч влече по едно ливче од магичната тегла и чита наглас што има напишано (доколку детето не знае да чита, тоа го прави родителот) и тоа треба да го направи, односно изврши, а потоа доаѓа на ред друг и така се врти кругот. Активностите и прашањата можете сами да ги смислите.
Еве некои:
-Направи кула од коцки.
-Гушни некој по твој избор.
-Скокни три пати.
– Испеј една песна со тато/мама.
-Какво животно е мачето?
-Што јаде зајакот?
-Што дава кравата?
– Нацртај дете.
-Кажи збор на буквата А
-Изброј до 10.
-Танцувај со тато/мама/дада/бато.
И уште многу други. За да ја направите оваа активност, потребни ви се:
-Бели листови
-Тегла
-Фоломастери.
5.Изгради зграда
За оваа активност ви треба картон на кој ќе нацртате зграда и ќе ја поделите на квадрати (тоа ќе бидат катовите на зградата). На секој кат цртате форми, броеви, овошје, зеленчук или нешто по ваш избор. Потоа, колку катови има зградата, толку квадрати правите од картон и тоа што е нацртано на катовите го цртате и на квадратите. На мали бели ливчиња цртате сè што има нацртано на квадратите и катовите и ги превиткувате (на некои ливчиња цртате и тоа што го нема на квадратите и катовите).
Оваа активност се состои од тоа што родителот има своја зграда и детето си има своја зграда со квадрати и ливчиња. Прво детето влече, а потоа родителот, и тоа што му се погодило на ливчето ќе го бара квадратот на кое е нацртано и го става на соодветниот кат на зградата, доколку извлече ливче на кое има нацртано што го нема нацртано на квадратите, тогаш доаѓа на ред родителот. Победник е оној што прв ќе ја изгради зградата. Исто како во претходната игра, и во оваа може да учествува целото семејство. Колку членови играат, толку згради, квадрати и ливчиња треба да има за секој. Уживајте и играјте!
6.Градење кули од чаши
Во оваа игра целта е да се следи редот и да се биде внимателен. Во оваа игра може да биде вклучено целото семејство. За да се изработи оваа активност, ви требаат:
-Пластични чаши
-Фоломастери
-Коцка (коцката може да биде направена од картон и на неа да бидат напишани броевите од 1 до 6, коцка од „Не лути се, човеку“, или коцка направена од коцки со броеви).
На чашите се пишуваат броеви од 1 до 6. Колку членови ќе учествуваат во играта, толку сетови чаши се прават. Еден сет содржи 6 чаши. Секој ја фрла коцката и кој број ќе се погоди, таа чаша ја зема и ја става, потоа следниот и така се врти кругот. Доколку му се погоди бројот 3, а веќе таа чаша ја има ставено, поминува неговиот ред и го чека наредниот круг за пак да ја фрла коцката. Победник е оној што прв ќе ја изгради кулата.
Автори: Теодора Томовска, Магдалена Лазарова, специјални едукатори и рехабилитатори
912